Нема одлагање на изборите во САД
Веста од Вашингтон дека претседателските избори во САД нема да се одложат, делува по малку нестварно за една земја каква е Америка.
Таму од поодамна се знаеше дека изборите во 2020 година ќе се одржат на 3 ноември. Избори во САД, во нивната историја никогаш не се одложени.
Американците гласале за претседател и во текот на Граѓанската војна од пред 155 години, а имаат организирано избори и во текот на двете светски војни. Во текот на Втората светска војна, пред нејзиниот крај, дури имаа и друг претседател.
Но, во изминатите четири години, актуелната администрација, Белата куќа и претседателот Доналд Трамп, со своите бројни контроверзни твитови и противречни изјави и потези – еднаш покренати, па потоа повлечени – што е сосема нетипично за американската политичка пракса, предизвикаа Американците за прв пат да се занимаваат и со едно вакво прашање, какво што е – одлагањето на претседателските избори.
Избори ќе има во ноември
Сега, меѓутоа, сите дилеми (би требало) да се надминати, откако Белата куќа на помалку од 100 денови пред гласањето, потврди дека изборите, СЕПАК, ќе се одржат, во својот веќе определен термин.
„Избори ќе има на 3 ноември, а на нив претседателот Трамп ќе победи“ – изјави Марк Медоуз, шеф на кабинетот на претседателот, на начин кој повеќе наликува на предизборен слоган, отколку на соопштение на американската влада.
Во сличен тон, помина и изјавата на шефот на изборната кампања на Трамп, кој како и Медоуз, на овој начин, ја поправат работата која ја „заплеска“ самиот претседател.
Тој минатата недела, неочекувано и во негов стил, на Твитер напиша – „треба да се размисли за одлагање на изборите“.
Дури имаше и сугестија тоа да се направи кога ќе поминела пандемијата со коронавирусот, во некој термин во минатата година!
Сомнежи во регуларноста!?
Сето тоа, Трамп го оправдуваше со сознанието дека најголемиот број од Американците ќе гласаат по пошта (поради пандемијата), а тој од порано има речено дека не верува во ваквото гласање, како и дека токму поради тоа – не верува дека ноемвриските избори ќе бидат точни и регуларни. Според неговото мислење, годинешниве избори ќе биле „најнеточни и нечесни“ во американската историја.
Веќе цитираниот шеф на кабинетот Медоуз, инсистирал дека „мора да се обезбеди, гласачките ливчиња (за гласањето по пошта) да бидат испорачани на законски начин“. Ни тој, а ни Трамп, меѓутоа, немаат кажано – што тоа значи – ниту пак имаат дадено никаков пример, а уште помалку доказ, дека во минатото, било кога, имало неточности кои влијаеле на конечниот резултат.
Впрочем, така се гласаше (иако во помал обем) и на изборите пред четири години на кои победи Трамп. Тогаш ниту тој, а ниту било кој од неговиот штаб, ниту се спротивставуваа, а ниту пак изразија сомневање во регуларноста на гласањето и во валидноста на крајниот резултат.
И републиканците против
Медоуз и покрај ветувањето – ќе има избори – сепак, продолжува со сомневањата во регуларноста, па на американските новинари им рекол дека „во сегашниве услови и со мнозинско гласање по пошта, не би чудело ако конечниот резултат нема да биде познат ни до Нова година“.
На тој начин, Медоуз само го пренесува гневот на Трамп дека сите сојузни држави во САД имат соопштено оти насекаде ќе има гласање по пошта, а дека во шест од нив Калифорнија (која дава најмногу електорски гласови), како и во Јута, на Хаваите, во Колорадо, во Орегон и државата Вашингтон – гласањето преку пошта ќе биде единствено.
Сојузната држава Невада дури објави дека (овој пат), како важечки ќе се третираат и оние гласачки ливчиња, испратени по пошта, кои ќе стигнат за броење после 3 ноември. На тоа Трамп бурно има реагирано, означувајќи го таквото решение како „нешто незамисливо“, па има побарано тоа да се оспори на суд.
Како и да е, кога се разбра за изјавата на претседателот Трамп, за одлагање на изборите, таа предизвика шок во домашната политичка јавност. Веднаш уследи вистинска лавина од критики и несогласувања меѓу американските демократи, но овој пат и меѓу водечките републиканци, како и меѓу угледните американски правни и уставни експерти.
Поделена Америка
За повлекувањето на претседателот, да се турка идејата да нема избори во ноември, што ќе ја фрлија во сенка целата изборна кампања, а земјата која и онака е длабоко поделена, како никогаш до сега, ќе беше уште повеќе политички, идеолошки, но и на секаков друг начин ставена во два крајно спротивставени табори, голема заслуга имаат токму републиканските политички лидери.
Лидерот на Сенатот, Мич Меконели, каде републиканците на Трамп го имаат мнозинството, веднаш ја отфрли сугестијата на претседателот, а така реагираше и лидерот на републиканското малцинство во Конгресот, Кевин Макарти. Според сенаторот Меконели – ниту еден претседател досега не одложил избори во САД, па тоа нема да се случи ни сега.
Блискиот сојузник на Трамп сенаторот Линдзи Греам се изјасни против, додека државниот секретар Мајк Помпео, инаку мошне лојален на Трамп, не го подржа предлогот – да нема гласање на 3 ноември.
Едноставно, сите веќе ја знаеја „пресудата“ на уставните експерти, а таа е дека претседателот на САД (кој и да е) нема овластување да ги одлага изборите во државата, ниту пак тоа го предвидува и го дозволува Уставот.
Страв од пораз
Ако Трамп тврдоглаво тргнеше да ја истурка до крај сугестијата – да се гласа, во некое време, догодина – тогаш ќе мораше да се носи амандман на Уставот на САД, низ една процедура во Конгресот кој е под контрола на демократите. Конгресот би морал да даде согласност за одлагање избори, дури и претседателот тоа формално да го побараше.
Во двата случаи, Трамп ќе доживееше пораз, а поразот во Конгресот, уште и со гласови на републиканците, ќе значеше и сигурен пораз на претседателските избори.
Тогаш, зашто воопшто беше покрената целата оваа работа. Тешко е да се верува дека неговите советници не го знаат Уставот и што е таму запишано за ова прашање. Аналитичарите веруваат дека претседателот кој после неуспешниот импичмент против него, не ја сокриваше самоувереноста дека вториот мандат му е безмалку во рака, сега е свесен дека опасноста да остане само четири години во Белата куќа е многу реална.
Предлогот за одлагање на изборите доаѓа во време кога ништо не му оди со неговата популистичка политика.
Економска криза во предизборието
Пандемијата со коронавирусот им даде материјал на неговите критичари да го обвинуваат за неснаоѓање во услови на криза. Пред крајот на мандатот тој нема никаков резултат на меѓународен план, што се нема случено со години наназад.
Еден Ричард Никсон, на времето, кој беше присилен да поднесе оставка поради аферата Вотергејт, имаше низа меѓународни постигања. Но, се смета дека најболното за актуелниот претседател е што токму во ова предизборно време, американската економија е влезена во сериозна криза. А, токму економијата беше она со што Трамп мислеше дека лесно ќе ги освои гласачите и по втор пат.
Во секој случај, не би можело да се каже дека Доналд Трамп е веќе поразен, иако во овој момент демократскиот кандидат Џо Бајден има предност од околу 10 проценти.
Критичарите на Трамп, меѓутоа, се на мислење дека тој за прв пат е исплашен од поразот, па бара одлагање на изборите. Според нив, ваквиот предлог, изгледа како „очајнички гест“ со единствена цел – да се поткопа кредибилитетот на годинешниве избори. Конечно, тој уште минатиот месец во една прилика има речено дека „може да се случи да не ги прифати изборните резултати“!
(С.С.Г.)