Поврзете се со нас

Skopje Global

Амониум нитрат го разори Бејрут

Силна експлозија кај складиштата на пристаништето во Бејрут, целосно го разори овој дел од либанскиот главен град, но предизвика оштетувања и на стотици станбени, деловни и други објекти во поширокиот реон од градот.

Експлозијата биле толку силна што епицентарот на ударот наликува како на Хирошима, по фрлената атомска бомба, од пред 75 години.

Сведоци имаат изјавено дека од силината на детонацијата се откинувале балкони од станбени згради, а дека луѓе биле исфрлани од нив, како од катапулт.

Сеизмолошки станици во зоната на Медитеранот јавија дека нивните апарати регистрирале „потрес“ на либанскиот брег, додека во Кипар, оддалечен повеќе од 250 км. бил почувствуван ударот на експлозијата.

Ѓубриво и експлозив

Либанскиот Црвен крст соопштува дека досега, најмалку 100 лица се загинати, а други четири илјади се полесно, или потешко повредени.

Спасувачки екипи продолжуваат да трагаат по други повредени, или загинати, па се верува дека крајниот биланс од експлозијата ќе биде многу потежок.

Официјалната верзија за тешкиот инцидент е дека експлодирале 2750 тони амониум нитрат, што бил оставен и складиран во пристаништето.

Првите сознанија се дека еден ваков товар бил таму цели шест години и дека, чуван по пристанишните складишта на фреквентното бејрутско пристаниште, без никаква посебна заштита, или било какво обезбедување.

Амониум нитратот е вештачко ѓубриво, но и силна компонента за правење експлозив.

Го користат терористите од сите бои, за изработка на бомби и експлозивни направи, во домашни услови. Посебно е популарен кај милитантните исламисти и џихадисти.

Либанскиот премиер Хасан Диаб, во својата прва реакција, не ја криел својата лутина за ваквиот однос кон „страшниот товар“ оставен без надзор.

Инцидент или напад

„За оваа работа владата нема да молчи. Станува збор за нешто што никако не смеело да се направи.

Владата нема да престане да трага, се додека не се открие кој е одговорен за ова што ни се случи“- рекол премиерот Диаб, на специјалниот состанок на Врховниот совет за одбрана на Либан.

На состанокот, било предложено, владата да прогласи вонредна состојба во целиот реон на Бејрут, во следните две недели, за да им се остави работата околу безбедноста на градот, на воените власти. Тоа сега станува важно откако американскиот претседател Доналд Трамп го нарече инцидентот „напад“.

Во меѓувреме, проиранската, шиитска организација Хезболах остро го осуди инцидентот, оставајќи простор дека се сомнева дека тој е намерно предизвикан, но и целосно оградувајќи се од него.

Во Техеран, пак, сметаат дека Иран треба да има увид во состојбата и степенот на повредите на ранетите, особено оние потешките, за да може да се заклучи дали во прашање е инцидент, или пак, станува збор за намерно изведен напад.

Израел нуди помош

Израел, исто така, во изјава на владата во Ерусалим соопшти дека нема ништо со она што во вторникот се случи во Бејрут.

Дури израелските власти кои изразија сочувство за инцидентот, понудија хуманитарна помош за санирањето на последиците по експлозијата, а две израелски болници, едната од Хаифа, се понудија да примат на лекување ранети лица, знаејќи дека од експлозијата се оштетени и онеспособени и неколку бејрутски болници.

Понудената помош за Бејрут и за Либан, кој важи за непријателска држава, е крајно невообичаен потег на израелската влада, која мошне ретко се определува да му помага на непријателот, дури и во хуманитарни акции. Меѓутоа, малку е веројатно дека либанската влада, но и јавноста ќе ја прифатат.

Во изминатите децении, овие две соседни земји имаат војувано, меѓу себе, на неколку пати.

На либанска територија, посебно во јужните делови од државата и од главниот град живее бројно шиитско население кое е целосно приврзано на Хезболах, организација која е жесток израелски противник . Неговото воено крило војува за уништување на еврејската држава.

Бејрут намачен град

Од 1982 до 2000 година, Израел го држеше под контрола (или под окупација) Јужен Либан, создавајќи таму своевидна „тампон зона“ како заштита од нападите на терористите од либанска територија врз северен Израел. Во 2006 година, еден месец, израелската војска и припадниците на Хезболах водеа жестока војна.

Како и да е, во минатата година, во својот годишен извештај, израелската тајна служба Мосад, откри дека Хезболах чува во складишта, во Либан, амониум нитрат, што го користи за правење експлозивни направи, употребени во Лондон и на Кипар, меѓу другите локации.

Либан е поприште и на една мачна и крвава граѓанска војна, што од средината на седумдесеттите години, траеше 20 години.

Во тие меѓусебни војувања на сунитите со шиитите и на тамошните Друзи и христијани-Маронити, загинаа стотици илјада луѓе и речиси секојдневно имаше моќни експлозии, во религиозно и политички испарцелизираниот Бејрут.

Велат дека оваа експлозија во пристаништето на овој намачен град, што во едно време од пред повеќе од 50 години, беше прогласен за бисер на Медитеранот, била многу посилна и поразорна.

(Б.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Вести

Горе