Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Хуан Карлос ја напушти Шпанија

Habana22, Posado tras la entrega de los premios Fondena 2014 (cropped), CC BY-SA 3.0

Хуан Карлос ја напушти Шпанија

Постпандемска Шпанија е во сериозна монархиска криза, откако поранешниот крал Хуан Карлос неочекувано одлучи да замине од земјата и да оди во егзил. Ова се случува во екот на истрагата што е отворена од шпанскиот Врховен суд, но паралелно и во Швајцарија, во која поранешниот суверен е осомничен за земање поткуп и за злоупотреба со државни пари.

Аферата со Хуан Карлос сериозно ги поткопува темелите на шпанската монархија, целосно го уништува угледот што поранешниот крал го има стекнато во минатото и ја доведува во прашање дури и позицијата на неговиот син, актуелниот крал, Фелипе Шести.

Во писмото што Карлос го има испратено до синот, а кое кралската палата во Мадрид го објави на својата интернет страница, таткото го истакнува токму тоа- потребата да се повлече од Шпанија, за да може синот Фелипе да ја обавува својата монархиска улога.

Писмо до синот Фелипе

Во писмото Хуан Карлос уште рекол дека и покрај отсуството од земјата тој останува достапен и на располагање на обвинителството и на шпанските правосудни органи, како и дека решил да оди во егзил додека трае истрагата и додека не се расчистат работите.

Кризата во монархијата и уривањето на имиџот на кралот- познат како обновувач на шпанската демократија – почна во 2014 година, кога Карлос абдицираше од престолот, во полза на својот син, притиснат со обвинувањата за корупција и од откритието за долгата, тајна врска што ја имал со една жена, надвор од бракот со кралицата Софија.

Но, маките на шпанскиот суверен траат уште од 2008 година, кога весниците во Мадрид почнаа да пишуваат дека нивниот тогашен крал има примено дури 64 милиони евра ( како подарок) од сега починатиот крал на Саудиска Арабија, Абдула. Парите, меѓутоа, не влегле во ниту една шпанска банка, туку завршиле на една Оф-Шор сметка.

Кога медиумите почнаа да објавуваат детали од сведочењето на разни сведоци за отворената истрага во Швајцарија, околу работата на неколку тамошни банки, во кои се споменува и поранешниот шпански суверен, Врховниот суд на Шпанија отвори својата истрага.

Поткуп и злоупотреба?

Шпанското правосудство сега настојува да утврди дека парите на поранешниот саудиски крал се навистина поткуп, а дека одлуката на Карлос да ги префрли тие пари на еден негов пријател- се знак дека  сакал да ги сокрие парите.

Врховниот суд во Мадрид, исто така,  настојува да утврди и  дали некогашниот крал, после абдикацијата од пред шест години, контактирал со контракторот во Саудиска Арабија.

Станува збор за една екстра вносна зделка, за тоа Шпанија да ја добие работата на изградбата на брза железница меѓу саудиските градови Мека и Медина во вредност од 6,7 милијарди евра.

Кризата околу сомнителните работи на Хуан Карлос и обвинувањата за расфрлање со државни пари, ја ставаат во незгодна ситуација и лево-центристичката влада на премиерот Педро Санчез,  особено после изненадувачката одлука на поранешниот крал да замине во егзил, некаде во странство.

Веднаш по одлуката на Врховниот суд, за отворање формална истрага за случајот со екс кралот, владата во Мадрид соопшти дека „правдата е еднаква за сите“ и дека таа нема да се меша во истрагата.

Санчез: Не станува збор за бегство

Шпанскиот премиер, потоа, мораше на два пати да реагира и откако Хуан Карлос објави дека ја напушта Шпанија, не откривајќи каде ќе престојува.

Во првата реакција, Санчез изјави дека „не знае каде во иднина ќе живее поранешниот крал“. Потоа, им објасни на медиумите дека „нема информација каде е бившиот крал“. Но, според премиерот, најважно е дека тој не е во бегство и дека ќе им биде достапен на шпанското обвинителство и на правдата.

Мистериозното заминување на Карлос предизвика бројни шпекулации во Мадрид околу тоа каде би можел да оди и каде воопшто сега се наоѓа.

Првично беше јавено дека тој е заминат во Доминиканска Република. Но, набргу, Доминиканците ги демантираа шпанските весници, низ официјални соопштенија на имиграционите власти и на министерството за надворешни работи во Санто Доминго, тврдејќи дека Хуан Карлос не е на нивната територија.

Потоа, медиумите ја споменуваа Португалија, како можната дестинација. Наводно, екс кралот таму имал некој свој добар пријател. Но, како локации за престој, во Мадрид се споменуваат и Франција, како и Италија.

Симбол на шпанската демократија

Хуан Карлос, роден во 1938 година во Рим, во Италија, во секој случај ги живее најтешките моменти во неговиот живот. Долги години од неговото 39 годишно владеење на шпанскиот престол, тој важеше за еден од најугледните монарси во Европа.

Стана симбол на шпанската транзиција – од фашистичка диктатура во европска демократија – кога во ноември 1975 година, само два дена по смртта на диктаторот Франциско Франко, го покрена процесот за целосна демократизација на Шпанија.

Не ја исполни желбата на Франко, како крал што тој го определи за свој наследник, да го одржува системот што го имаше наметнато диктаторот кој со шпанската држава сурово владееше уште од крајот на Граѓанската војна, во втората половина на триесеттите години на 20 век.

Последните десетина години, меѓутоа,  Хуан Карлос самиот го урна сето она што го имаше изградено.

Кога абдицираше го загуби имунитетот, што му го гарантираше Уставот, па од тогаш почна да биде случај во шпанските судови.

Му беше укината годишната апанажа од 200 илјади евра, како на бивш крал, а кога почнаа гласините дека неговиот син, сегашниот крал Фелипе користи од парите што Карлос ги има примено од Саудијците, преку разни сметки од швајцарски банки, Фелипе јавно се откажа од целото наследство на својот татко.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе