Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Експлозивот во Бејрут донесен со руски брод

Експлозивот во Бејрут донесен со руски брод

Експлозијата на амониум нитратот што целосно го уништи пристаништето во Бејрут, заедно со еден широк населен појас од главниот град на Либан, бил донесен уште во септември 2013 година, со руски брод, што пловел под знамето на Молдавија, земја која инаку нема излез на море.

Бродот регистриран како „Росус“ застанал во бејрутското пристаниште, како што тогаш било запишано, поради технички проблеми. Поради таквата ситуација, морал да биде истоварен товарот што го превезувал.

Станувало збор за дури 2750 тони амониум нитрат, произведен во Грузија, а наменет за Мозамбик, во Африка.

„Росус“ под молдавско знаме

А, токму тоа количество од амониум нитрат, што се декларира како вештачко ѓубриво, но може да се употреби и како витална компонента за производство на експлозиви, се запали и експлодираше во средата, разорувајќи го Бејрут во неколку експлозии какви неговите жители, велат, дека не се паметат.

Кога либанските власти ги прегледале бродските документи од „Росус“ утврдиле бројни неправилности, па затоа забраниле бродот да исплови. И тој останал таму, без малку, цели седум години.

Сега, меѓутоа, се откриваат детали за бродот и за неговото патешествие, кога бил префрлан од едни на други. Молдавците го регистрирале во својата Поморска управа, во 2012 година, од една домашна, молдавска компанија, но во име на странска фирма.

Две години подоцна, бродот бил тргнат од регистарот, затоа што му истекнала дозволата што му била дадена, па од тогаш веќе не можел да плови под молдавско знаме.

Разни сопственици

Во тоа време, „Росус“ веќе се наоѓал во бејрутското пристаниште, заробен и без својот (се покажа) мошне опасен товар. Се откри дека бродот, всушност, бил регистриран (кај молдавските власти) за извесна компанија „Геошип“, сопственост на еден кипарски државјанин.

Некои од руските морнари, од посадата на бродот во тоа време, пак, сега, изјавиле за некои медиуми во Русија, дека претходен сопственик бил еден руски државјанин. Тој не успаела да направи пари со него и со фирмата која ја поседувал, па банкротирал и морал да се откаже од бродот.

Неговите доверители имаат поднесено барање бродот да се заплени и да се продаде, за да си ги наплатат долговите што кон нив ги имал Русинот.

Како и да е, експлозијата во пристаништето во главниот либански град, за која сведоци велат, била рамна на атомската бомба фрлена во Хирошима на 6 август 1945 година, предизвика вистински пустош, во овој често ранет град.

Либан пред банкротство

Без разлика чиј е навистина бродот, од каде е дојден, кои и зошто го купувале и го препродавале, како и зошто на Мозамбик и било потребно толкаво количество амониум нитрат, сега е помалку важно од тоа дека одговорноста за она што се случи, сепак, е само на властите во Либан.

Ако веќе се прифати како конечна верзија, дека експозијата не претставува никаков напад, не е дело на саботажа, или нечиј терористички акт.

Околу 220 лица ги загубија животите, а други, без малку пет илјади, се потешко и полесно ранети.

Материјалната штета е огромна, па локалните функционери се прашуваат како Либан би можел да се справи со ова, особено сега, кога земјата (пред педесетина години прогласувана за Швајцарија на Блискиот Исток) е на работ да прогласи банкротство.

Пристаништето повеќе не постои, па ќе треба да се изгради комплетно нов морски влез во Либан.

Десетици милијарди штета

Во услови на продолжената, девет годишна граѓанска војна во соседна Сирија, кога сите други трговски правци во регионот се затворени и не постојат, бејрутското пристаниште беше единствениот влез/излез за оваа малечка земја.

Градоначалникот на Бејрут има изјавено дека за обновата на градот, што би морала брзо да започне, ќе бидат потребни десетици милијарди долари.

Локалните аналитичари, затоа, инсистираат дека истрагата за експлозијата, овој пат ќе треба да оди до крајот.

Особено што и пристанишните власти, а и царинските со години предупредувале дека толку големо количество амониум нитрат е мошне опасно и дека треба да се тргне од пристаништето- практично од градот.

Велат, досегашните влади изгледа не верувале во тоа колкава е заканата на која е изложен Бејрут. Но, тука се прашањата што сега се наметнуваат – зашто експлозивното ѓубриво, едноставно, не му било испорачано на Мозамбик.

Ако товарот бил запленет – зашто не бил препродаден.

Или, можеби, некои сметале дека не е лошо да остане на либанска територија и на таа локација – за било каква потреба. Тоа е сепак на блиско-источниот регион.

(Б.Л.)

Понатаму
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе