Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Англија ги обвинува етничките заедници

Sandor Szmutko/BigStock.com

Англија ги обвинува етничките заедници

Јавноста во Англија, најголемиот и најнаселен дел од Велика Британија, се повеќе и се погласно ги осудува етничките заедници за натамошното ширење на коронавирусот во овој дел од Обединетото кралство.

Критиките се упатени кон црнечката заедница, кон муслиманската и кон сите другите кои домашните националисти ги означуваат како „дојденци“. Сите тие се обвинуваат дека не се придржуваат на безбедносните мерки и со тоа придонесуваат за натамошно ширење на пандемијата.

Сепак, главнината од незадоволството се упатува кон британските муслимани, а поводот за тоа е неодамнешната одлука на владата во Лондон која прогласи локален карантин во низа градови на северот од Англија, каде Ковид (одново и засилено) се шири.

„Против муслиманските верници“

Ваквото решение на британската влада дојде пред муслиманскиот празник Курбан (кај нас Курбан Бајрам), еден од најсветите празници кај муслиманите секаде во светот.

Со решението беше опфатено поширокото подрачје на Манчестер – а пред се, градовите Барнам, Блекпул, Брадфорд, Лестер, а отпосле и Престон. Станува збор за англиски градови во кои има бројна азијатска и муслиманска заедница, а Братфорд и Лестер, се од пред десетина години, градови каде „дојденците“ најголем број од нив натурализирани Британци, го чинат мнозинството од населението.

Суштината на владината мерка беше да се спречи да дојде до мешање (дружење) и меѓусебно посетување на луѓето. Мерката беше само една двојка да може да оди во посета, дома кај друга двојка.

Даунинг стрит 10 никаде и во ниеден момент не спомена зашто се определи за една таква мерка и зашто токму тогаш. Но, на англискиот Север мерката беше брзо „прочитана“, па локалните политички лидери, како и сите муслимански лидери го критикуваа Лондон за „крајно погрешен тајминг“. Беше сосема јасно дека целта беше да се задржат муслиманските верници да останат дома, во своите домови.

Здравствени причини

Критичарите ја обвинија владата на премиерот Борис Џонсон дека воопшто не размислувала за тоа што една ваква мерка ќе предизвика во едно мултиетничко и мултирелигиозно општество, какво што е британското.

Владата во Лондон, пак, се правда дека мерката била донесена само од здравствени причини и по совет на епидемиолозите.

Атмосферата, меѓутоа, ја дозапали еден од пратениците на владејачката Конзервативна партија од тој дел на земјата, обвинувајќи ги јавно етничките заедници дека, како што рече, не се придржуваат на мерките за заштита од пандемијата со коронавирусот, посебно посочувајќи ги муслиманите. Тој уште и инсистира дека пораст на заболени од Ковид има само во средините населени со афро-американци, со муслимани и со сите другите етнички заедници.

Подоцна кабинетот на премиерот се обидуваше да ја ублажи нервозата, незадоволството и меѓуетничката напнатост, извинувајќи им се на припадниците на сите (муслимани) кои годинава не ќе можат да го прославуваат својот празник, на начинот на кој сакаат. Притоа, од Дааунинг стрит 10 им се заблагодарија на џамиите и на имамите за нивните апели до верниците да се придржуваат на мерките.

Реакција на англиските националисти

Не се знае дали тоа така и се случи, но работите тргнаа во несакана насока. Англиските националисти, како и домашната ултра-десница тргнаа во пресметка со муслиманите- обвинувајќи ги за сите состојби во земјата, посебно откако Британија се соочува со пандемијата.

Ги обвинуваат дека тајно оделе во џамиите и дека тоа го правеле уште од пред празнувањето на Рамазан.

Се покажа дека тоа не било така и дека за таквото обвинување нема никаков доказ.

Но, од муслиманската страна Џонсон беше обвинуван за „исламофобија“. Тоа го следи уште од 2018 година кога во екот на кампањата за Брегзит, тој има напишано една колумна во која е остро против забрадувањето на муслиманките и особено против бурка „модата“.

Од тогаш тој се обидува да и се приближи на муслиманската заедница, која веќе станува важен дел од британското гласачко тело, но велат дека засега нема успех.

Британија со 3,5 милиони муслимани

Не му помага ниту тоа што една муслиманка, Пакистанка по потекло, ја назначи за министер за внатрешни работи, а најважното по ранг министерство – она за финансии, му го додели на ториевец од индиско потекло.

Во Британија живеат 66 милиони жители. Нешто над 5 отсто од нив се муслимани, или околу 3,5 милиони.

Но, за само една година, меѓу 2019 и оваа година, бројот на кривичните дела, на расна, националистичка и религиозна основа, само во Англија, се зголемени за над 52 отсто.

Епидемиолозите ги отфрлаат обвинувањата за тоа дека етничките заедници се „виновни“ за ширењето на коронавирусот и Ковид. Според податоците на Институтот за јавно здравје (во Англија) токму етничките заедници (сите) се многу потешко погодени од Ковид-19.

На пример, во Бангладешката етничка заедница, смртноста меѓу оние кои се тестирани како позитивни на вирусот, е два пати повисока од онаа кај заразените белци-Англичани.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе