Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Родченков се крие за да остане жив!

Florimel/BigStock.com

Родченков се крие за да остане жив!

Рускиот свиркач, др. Григори Родченков, човекот кој ја откри вмешаноста на државата Русија во допингувањето на спортистите од оваа земја, поради што побегна во САД, за да не биде уапсен, сега се крие под друг идентитет, стравувајќи за својата безбедност и за својот живот.

За него се вели дека се наоѓа во „длабока сенка“ откако тој и неговиот адвокат имаат сознанија дека руските тајни служби трагаат по него настојувајќи да му ја откријат локацијата. Многу малку луѓе знаат каде е овој свиркач. Дури и за неговиот адвокат се вели дека не знае каде е Родченов и како сега изгледа.

Литвиненко и Скрипал

Но, адвокатот тврди дека Русинот е во голема опасност да го снајде судбината на двајца други бегалци, означени од Москва како „предавници“.

Едниот беше Александар Литвиненко, екс оперативец на руската тајна служба ФСБ, кој 2006 година беше убиен во Лондон, на суров начин, со радиоактивен изотоп-Полониум 210, што предизвика „атомска експлозија“ во неговото тело.

Вториот е Сергеј Скрипал, поранешен двоен агент, сега пензионер, кој во март 2018 година, едвај го преживеа нападот со нервниот агенс- новичок, во англискиот град Солзбери, каде сега живее.

Британската истрага и за двата случаи откри дека зад нападите стојат припадници на руската разузнавачка агенција ГРУ.

Што се однесува, пак, за Родченков, засега, нема сознанија дека врз него бил извршен никаков напад, или дури и обид.

Конечно, иако неговото „предавство“ во Москва се смета за големо, зашто има нанесено тежок удар врз угледот и престижот на Русија и на рускиот спорт, сепак, тоа не е во категоријата на оние на Литвиненко и Скрипал.

Реална закана

Меѓутоа, адвокатот на свиркачот инсистира дека Родченков се соочува со сериозна закана. Според него, кога во САД беа протерани 60 руски државјани, после обидот за убиство на Скрипал, адвокатот бил информиран дека некои од протераните, претходно, „се приближиле премногу блиску до Родченков“.

Она што ние го разбравме е дека тројца од групата протерани, биле лица (со дипломатски статус) кои всушност, трагале по свиркачот. Адвокатот тврди дека постои фотографија што тој ја имал на увид, на која се гледа „тројката“. Затоа тој и инсистира дека заканата е сосема реална.

Конечно, тројца беа и при убиството на Литвиненко (негови поранешни колеги од ФСБ), а и при обидот за убиство на Скрипал. Овие беа „уловени“ од безбедносните камери во Солзбери.

Гневна реакција во Москва

Григори Родченков е поранешен директор на руската лабораторија за анти-допинг, во време кога Русите се подготвуваа за Олимписките Игри во Лондон во 2012 година, а потоа и за зимската Олимпијада во Сочи, во 2014 година.

Тогаш, ВАДА (Светска антидопинг агенција) веќе имаше покренато истрага за руските спортисти, како за махинациите што ги прави лабораторијата, за да Русите бидат успешни во натпреварувањата.

Неговото признание и откритијата дадени на ВАДА, имаат предизвикано гневна реакција во Москва.

Таму тој веднаш бил прогласен за предавник, а претседателот Владимир Путин за Родченков рекол дека екс директорот на лабораторијата „сега е под контрола на американската тајна служба“. Јавно го има наречено дека е „имбецил“.

Неговата кариера како директор, практично, завршила уште во 2011 година, кога бил уапсен, заедно со неговата сестра, под обвинување дека „шверцувале дрога“.

Се тврди дека во затворот се обидел да се самоубие, па бил испратен на низа психијатриски прегледи, каде, како што уверува неговиот американски адвокат, бил постојано дрогиран.

Успеал да се спаси од таа ситуација кога добил покана од Лондон, како член на Медицинската комисија на МОК, да биде во експертскиот тим за Игрите во 2012, а потоа и за Зимската олимпијада во Сочи.

Туринабол и Дачис коктел

Руските власти, тогаш, не само што го ослободиле Родченков од затвор, туку и му ги избришале сите обвинување, а и објавиле дека тој и натаму е директор на руската агенција за борба со допингот.

Кога бил предупреден од пријател, близок до властите, побегнал, прво во Канада, а потоа во САД.

Таму признал како работи руската агенција и открил дека во Русија се одржува константен допинг на врвните спортисти, што е спонзорирано од државата.

Руските спортисти користеле орална дрога Туринабол, создадена уште во времето на Источна Германија за нејзините спортисти од тоа време, кога Источногерманците станаа трета спортска сила (по САД и СССР).

Како и да е, од 140 дисквалификувани спортисти на Игрите во Лондон 2012, дури една третина беа Руси!

Во времето кога Родченков управувал со руската агенција, за допинг било користено средството, познато како Дачис Коктел (Duchess Cocktail ) во кој има три анаболични супстанци, што инаку се користеле и од животински фарми за побрзо растење на домашните животни.

Дрога во виски и вермут

Пред Олимпијадата во Сочи (Русија) овој допинг коктел на руските олимпијци им бил даван заедно со алкохол, на заеднички дружења, или забави.

Мажите го примале пиејќи виски „Чивас“, а жените го внесувале во себе заедно со вермут. И едните и другите го примале на еден месец пред да се натпреваруваат.

Анти-допинг тестовите не можеле ништо да откријат, затоа што алкохолот ги бришел сите траги.

На Зимските олимписки игри 2014, руските спортисти постигнаа „голем успех“- освојувајќи дури 33 медали – како никогаш пред тоа.

Инсистирањето на адвокатот на Григори Родченков дека неговиот клиент е навистина во животна опасност, тој го објаснува со она што им се има случено на двајца други поранешни директори на РУСАДА (руската анти-допинг агенција).

И за Вјечеслав Синев и за Никита Камаев се вели дека починале под „сомнителни околности“.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе