Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Русија за Трамп – Кина против него

Diego Fiore/BigStock.com

Русија за Трамп – Кина против него

Шефот на американското контраразузнавање, Вилијам Еванина, откри дека Русија и нејзините тајни служби, се мешаат во претседателските избори во САД, што треба да се одржат на 3 ноември, а дека истото тоа го прави и Кина.

Неговата изјава доаѓа како предупредување дека овие две странски држави, но и некои други, а се споменува Иран, продолжуваат да ги користат сите отворени и прикриени методи, за да влијаат врз американскиот изборен процес, како и врз исходот на годинешнава трка за Белата куќа.

Според Еванина, директор на Националниот центар за контраразузнавање и безбедност, Русија настојува по секоја цена да му напакости на демократскиот претседателски кандидат Џо Бајден, навивајќи за повторниот избор на актуелниот претседател Доналд Трамп.
Кина, пак, а и Иран, не сакаат Трамп да остане на претседателската функција.

Се повторува 2016

Практично, се случува истата работа од пред четири години, кога во текот на изборната кампања, Русите дејствуваа силно против Хилари Клинтон, користејќи ги услугите на Викиликс и дејствувајќи заедно со некои луѓе кои беа дел од предизборниот тим на (тогаш) републиканскиот кандидат- бизнисмен и милијардер Трамп.

Тоа предизвика политички бранувања во САД, судски процеси против оние кои тајно, вовлекоа една странска земја во домашните избори, што е противправно, а од самиот Трамп, како претседател направија да се однесува како балкански политичар кој нелегалното однесување на неговите советници, (се уште) го прикажува како обид само да му се негира и омаловажува неговата изборна победа.

Излегува сега, дека тоа одново се случува – странски држави – да се обидуваат да ги измамуваат американските гласачи, да ги збунуваат и декуражираат и да ја засилат нивната недоверба во сопствената држава.

„Непредвидлив политичар“

Нововклучената Кина на Трамп гледа како на „целосно непредвидлив политичар“, за кого не може да се знае што ќе направи, или дали она што ќе го вети и договори, потоа ќе го исполни.

Пекинг затоа не сака Трамп да биде реизбран и според сознанијата на контраразузнавањето на САД, забрзано го шири своето влијание врз американските политички средини.

Кинезите, всушност, реагираат на критиките на Вашингтон за преземањето на Хонг Конг, за социјалната мрежа Тик-Ток, за статусот на Јужно кинеско море, како и за настојувањето на Пекинг да доминира со пазарот за 5Г мрежата. Впечаток е притоа, дека Кина и не се труди да сокрие дека сака да влијае врз исходот на изборите 2020.

Русија, меѓутоа, користи се што може да се искористи за да го дискредитира Џо Бајден. Во Москва, во поранешниот американски потпретседател, со администрацијата на Барак Обама, гледаат еден анти-Русија политичар, што инаку, така не мислат и за Трамп!?

Москва контра Бајден

Ваквата оценка за овој умерен демократски политичар, е создадена уште од времето на претходната администрација која Русите ја обвинуваат дека се мешала во украинските настани, како и дека таа (демократите на САД ?) се зад сите руски опозициски политичари, кои се контра Владимир Путин и неговата авторитарна власт.

Како доказ за ваквата констатација на контраразузнавањето на САД, се посочува случајот со украинскиот, силно про-руски определен политичар, Ондреј Деркач.

Токму тој ја има раширено приказната за, наводната, корупција на Бајден (и на неговиот син) и токму од него има тргнато и сега веќе фамозниот телефонски разговор на Трамп со сегашниот украински претседател Володомир Зеленски.

Тоа е оној разговор во кој Трамп бара од Киев да покрене истрага против Бајденовци, доколку сака да ја добие веќе одобрената американска воена помош.

Американскте безбедносни органи, освен тоа, веќе имаат сознанија дека некои силно про-Кремљ определени „актери“ на секој начин настојуваат да му помогнат на Доналд Трамп на социјалните мрежи, постојано величајќи ги неговите успеси и неговата политика- дома и во странство- а во исто време, ширејќи невистини и откривајќи валканици за Бајден како политичар и како човек.

Техеран и Киев

Што се однесува до Иран, пак, оваа земја сепак нема потенцијал, ниту моќ да се вклучи во еден ваков процес за директно мешање, како што тоа го прават Русија и Кина, ниту може да обезбеди потенцијал во самата Америка за своите интереси.

Но, Техеран настојува да ги поткопува американските демократски институции. И, се верува дека за тоа е способна.

Во секој случај, целта на Иранците е Доналд Трамп да не добие уште еден мандат како претседател на САД.

По појавувањето на анализата на Еванина за странското мешање во американските избори, се огласи и Украина, што и не е изненадување со оглед дека телефонските дијалози на Белата куќа со Киев, предизвикаа и импичмент против Трамп.

Претседателот Зеленски, затоа, категорично порачува дека Киев ниту порано, а ниту сега сака да се стави во „руската улога“- да се меша во изборите и уште помалку да зафаќа страна.

Зеленски, во секој случај, е во тешка ситуација, бидејќи веќе е осомничен дека – свесно, или несвесно – бил дел од валканата игра за да се дисквалификува Бајден пред домашните гласачи.

Официјален Киев сега настојува сите да ги увери дека Украина сака да остане блиска со САД, без разлика кој ќе биде во Белата куќа.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе