Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Ковид се враќа во Грција

vverve/BigStock.com

Ковид се враќа во Грција

Владата во Атина потроши многу време и труд за да ја подготви Грција за годинешнава туристичка сезона, која овој пат, насекаде во Европа, се одвива во исклучителни услови – додека низ континентот и натаму се „шета“ кинескиот коронавирус.

Грција која од туризмот остварува една четвртина од нејзиниот бруто национален производ (БНП), откако релативно побезболно го мина првиот бран – во споредба со Италија и Шпанија – уште од јуни навести дека настојува и во едни вакви услови, да има туристичка сезона – секако, прилагодена на корона ситуацијата.

Но, како сега стојат работите, земјата се соочува со ризикот целиот труд да пропадне, затоа што грчките здравствени власти признаа дека одново се борат со пандемијата. Во обем кој е најголем после април, а тоа е времето кога цела Европа се соочи со епидемијата каква нема еден век.

Кризни жаришта – Халкидики и Крф

Претходно, грчките туристички власти беа на работ да ја прогласат Грција за „држава без корона“, отворена за странските гости и подготвена за уште една сезона со туристи – иако не во обемот од минатата година (30 милиони гости и туристи). Од овој викенд, меѓутоа, епидемиолозите заговараат враќање на „тврдите“ мерки за заштита, откако во дури 20 локалитети низ целата земја се регистрирани случаи на новозаразени со коронавирусот.

Како кризни жаришта се појавија главниот град Атина и Солун, но и Халкидики, туристичкиот центар на Северна Грција и островот Крф, омилената дестинација на Британците, Италијанците и Французите.

Само во еден ден, (во петокот) Грција има забележано 160 новозаразени, а тоа е безмалку како дневниот рекорд регистриран во април. Некои тоа сакаа да го минимизираат, објаснувајќи дека наглиот раст е последица само на „интензивното тестирање“. Други, пак, сметаат дека враќањето на Ковид е последица на пребрзото и прешироко отворање на границите за странските туристи.

Виновници странците?

Верзијата за тоа дека туристите го имаат внесено вирусот, се илустрира со случајот со српските гости кои први се „нафрлија“ врз северногрчките плажи, навлегувајќи преку територијата на Бугарија, придружени од бугарски и романски туристи.

И гостите, но и домаќините, очигледно помислија дека епидемијата поминала и дека се ќе може да биде како што беше изминатите години.

А, тоа беше времето кога Србија (сокривајќи ја вистината за пандемијата на својата територија) беше нападната од корона во обем и поголем од оној во време на првиот бран.

Таму масовно се славеше изборната победа на власта, се играше фудбал пред полн стадион, како и тениски турнир со публика која нема никаква заштита, кога во Европа фудбал имаше на празни стадиони, а никаде во светот немаше тенис.

Во тоа време и во Бугарија почна да расте бројот на новозаразените, а тоа особено се случуваше во Романија, која сега (со Србија) има далеку најмногу нови случаи на заразени со коронавирусот во балканскиот регион. Грците ги фати паника.

Свадби и крштевки

Прво, ја затворија целата северна граница – и кон Бугарија, а не само кон Република Северна Македонија и кон Република Албанија. Потоа, почнаа да ги проверуваат српските гости и така открија дека во земјата, како туристи, им влегле над 100 заразени со Ковид.

Се верува дека тие го имаат раширено вирусот, како меѓу гостите, така и кај домаќинте. Итно ги протераа сите туристи кои допатувале со заразените српски туриски и забранија влез во земјата за државјаните на Република Србија.

Меѓутоа, непристрасните коментари во домашната јавност тргнуваат од тоа дека одговорноста за враќањето на вирусот, како и за одново регистрираните смртни случаи, треба да се бара и во недисциплинираното однесување на грчките граѓани.

Само една свадба во Александропули, на крајниот исток на земјата, има предизвикано 45 новозаразени. Велат засега и стравуваат дека таа бројка ќе се зголеми. Се јавува и за свадба во Солун, по што веднаш се регистрирани болни од корона.

Корона во армијата

Здравствените власти признаваат и за крштевки по малите места на Халкидики, од кои има новозаболени. Нови случаи на корона има во една фабрика за преработка на месо во Кавала, но за прв пат се признава дека има случаи на заболени во редовите на грчката армија – во касарната во местото Стефановико.

Конечно, за прв пат од рано пролетоска кога се појави коронавирусот на грчка територија, сега со пандемијата се зафатени и островите. Освен на Крф, заразени се регистрирани и на Миконос, велат, како последица на бројните забави во тамошните ноќни клубови, како и во некои помали места на Крит и на островот Парос.

По неколку месеци, одново има заболени пациенти кои поради тежината на нивните случаи се префрлаат во болница, но повторно има заразени и меѓу медицинскиот персонал. Локалните медиуми јавуваат за дваесетина медицински сестри и лекари, во две болници во градот Лариса, во централна Грција.

За нив се вели дека се заразиле додека биле на летување – на Халкидики.

Британците се свртуваат кон Грција

Здравствените власти најавуваат враќање на строгите мерки за заштита – задолжително носење маски за лицето, како и одново забранување да се патува од една околија во друга, како што тоа беше на почетокот на пандемијата со кинескиот вирус.

Особено затоа што овој бран од корона е раширен на голем фронт – особено на грчкиот север. Од Александропули, преку Кавала, Килкис (Кукуш), Пела, се до Кожани и Јанина.

Ваквата ситуација ниту малку не е податлива за туризам, за летување и за уживање во грчките туристички центри.

Тоа ја загрижува и грчката влада која, изгледа, летово ја добива битката со Шпанија, за британските туристи.

Британците избегаа од шпанските одморалишта, откако во некои региони (Каталонија, Астурија и Галиција) се врати коронавирусот.

Најновите анкети покажуваат дека сега, одново ја откриваат Грција. Меѓу пет дестинации во кои би патувале на одмор, дури четири се на грчка територија – островите Крит, Крф, Санторини и Миконос.

Веруваат дека таму е безбедно, но во сите нив сега е откриена корона.

(А.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе