Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Австралија: Рекордна смртност

chayakorn76/BigStock.com

Австралија: Рекордна смртност

Австралија, а пред се, сојузната држава Викторија, која е жариште на вториот бран од коронавирусот, во понеделникот има регистрирано највисока смртност во еден ден, од последиците од болеста Ковид-19.

Регистрирани се 20 починати пациенти, што е рекорд за оваа австралиска сојузна држава и за земјата, откако избувна глобалната пандемија. Во исто време, епидемиолозите имаат регистрирано и 340 новозаразени лица, што е сепак помалку отколку во претходните денови.

Експертите веруваат дека тоа е знак оти епидемијата полека почнува да се смирува, но и дека строгите мерки во борбата со кинескиот вирус, почнале да ги даваат резултатите.

Викторија и градот Мелбурн се во карантин, со полициски час што почнува во 20 часот и трае до 05 наутро.

Луѓето и во текот на денот се натерани да бидат дома, а само по едно лице, од секое домаќинство може да излезе за  да пазари и тоа за храна и за најосновните продукти.

Ваквите строги мерки на карантин, со полициски час, се незапаметени во Австралија и тие остануваат во сила, шест недели.

Забрането е и патувањето од една сојузна држава во друга – па тие од Викторија не смеат да патуваат во соседните Нов Јужен Велс и во Квинсленд, за да се пречи вирусот да се рашири низ цела Австралија.

Короната предизвика и економска криза, па оваа земја-континент веќе има невработеност од 14 отсто и рецесија – прв пат после 30 години.

Грција: Расте бројот на новозаразените

Грција која од петокот е во здравствено-санитетска тревога, по наглото појавување на коронавирусот, кога се мислеше дека пандемијата е надмината, во понеделникот има регистрирано рекорден раст на новозарзени лица.

Само во 24 часови има пријавени 205 заразени, што е дневен рекорд каков што, според грчките епидемииолози, немало ниту во пролета, во текот на март и април, кога епидемијата ја погоди земјата.

Грција е во ек на туристичката сезона и властите продолжуваат да ги уверуваат туристите дека е безбедна земја за летување, иако во овој втор бран од вирусот, корона се појави на островите, што досега не беше случај, а заразата сега е раширена во широк појас.

Тоа посебно се однесува  на целиот грчки север, вклучувајќи го и Солун.

Бројката на заразените се искачува брзо и сега изнесува 5650 лица, што, во секој случај, е помалку отколку во другите земји во Медитеранот и во соседството.

Германија: Страв од враќање на пандемијата

Германската влада стравува од можноста од избувнување на нова пандемија од пошироки размери. Јавноста е предупредена од, како што се вели, алармантниот раст од новозаразени лица.

„Имаме потреба многу итно да ја поправиме, а тоа значи да ја насочиме линијата на сега забрзаниот раст на инфицираноста, да тргне надолу“ – има речено германскиот министер за економија Петер Алтмајер.

Според него, мора да се поправи сегашната неповолна ситуација, затоа што таа доаѓа во ова време кога најпосле по подолго време ученците во Германија се вратија во училиштата.

Франција: Во Париз со маски и на улица

Властите во Франција се загрижени што  короната не може да се стави под контрола, а наместо тоа забрзано расте бројот на заразени лица, сега, среде лето и во услови на големите горештини кои го имаат зафатено Париз.

Сите, дури и експертите очекуваа дека високите температура, ако ништо друго,  ќе може да го блокираат порастот на новозаразените лица. Но тоа не се остварува, па властите се определија за враќање на некои од мерките за заштита од епидемија.

Во францускиот главен град, на пример, од почетокот на оваа недела стана задолжително носење маски на лицето и надвор, на улица. За Париз тоа се однесува за реоните од градот каде секогаш има многу народ и голема концентрација на луѓе.

Обврска за носење маска надвор од затворени простории се однесува на сите, почнувајќи од децата со наполнети 11 години. Станува збор за локации каде е тешко да се одржува дистанцирањето на луѓето на 1,5 до два метри.

Белгија: Полицијата ги празни плажите

Оваа западноевропска земја баш и не е позната по летните горештини, а посебно не по тоа дека луѓето  треба да се разладуваат по плажите на Северно море. Но, ова лето е токму такво. Регистрирани се високи температури и Белгија, по подолго време,  наликува на Медитеранот.

Белгијанците, затоа,  желни за сонце и за освежување, особено по поминатите месеци во карантин (Белгија има најголема смртност од корона по глава на жител во сетот),  во деновите од викендот, масовно ги освоија плажите на, инаку, студеното Северно море. Ги имало толку многу што морала да интервенира полицијата.

Полицајците прво барале од луѓето да ги напуштаат плажите поради пренатрупаност, што е спротивно на мерките за борба со вирусот. Кога тоа не им успеало- едноставно- ги прогласиле плажите за затворени.

Тогаш избувнале расправии, што некаде прераснале во тепачка. По тоа, наместо на плажа, овие луѓе се ладеле во ќелиите на полициските затвори.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе