Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

„Олуја“ меѓу Загреб и Белград

budastock/BigStock.com

„Олуја“ меѓу Загреб и Белград

Секоја година, на почетокот од август, кога во Хрватска се одбележува годишнината од операцијата на хрватските вооружени сили во областа Краина и градот Книн, позната под кодираното име „Олуја“, меѓу Загреб и Белград доаѓа до вистинска, политичка, патриотско-националистичка Бура во односите.

Повеќе, или помалку така е во изминатите 25 години, затоа што едната и другата страна, сосема различно ги толкуваат настаните во тој дел на Хрватска, од летото во 1995 година и воените судири меѓу хрватската војска и српските единици, кои во Белград беа нарекувани „вооружен народ“, силно помагани од остатоците на поранешната ЈНА , како и од разни паравоени формации кои ги имаше и на едната, но и на другата страна.

Завршната операција против, како што велат Хрватите – „српските банди“, во Хрватска и порано, а и сега се нарекува „татковинска војна“ за конечното ослободување на хрватската територија и за воспоставување на контролата на власта врз целата земја.

Погрешна политика

Тоа е време кога политичкото водство на српското национално малцинство во делот на Хрватска, во Краина и Лика, околу Книн, по наговор на „сесрпскиот вожд“ Слободан Милошевиќ, се спротивстави на властите во Загреб, па дури заговараше и создавање на некаква автономна српска, национална енклава. Хрватските власти тоа категорично го отфрлија, а кога политичките судири прерасна во воени, Загреб се определи за воена офанзива, која заврши со победа на хрватската војска.

Верзијата на официјален Белград и од тоа време, но и сега е сосема различна.

Се отфрла можноста за правење независна и непристрасна анализа за настаните од пред четврт век. Уште помалку се признава катастрофално погрешната политика на тогашната белградска власт, на чело со Милошевиќ, за милитаризација на српското малцинство во Хрватска, наместо да се поттикне дијалог со хрватските власти, за добивање гаранции околу заштитата на нивниот (национален) статус, како малцинство.

Конечно , по распадот на Југославија, хрватските Срби станаа државјани на Република Хрватска, па само во рамките на новата независна држава тие можеа да бараат остварување на нивните човекови права.

„Етничко чистење“ или ослободување

Во Белград, меѓутоа, се продолжува со старата политика, која не помага со ништо да се стави точка на непријателството и на омразата.

Таму и понатаму се бројат само бројки- тоа се две илјади убиени Срби, како и определен број исчезнати лица, но над се, се оперира со бројката од 250 илјади насила протерани жители на тие хрватски области од редовите на тамошното српско малцинство
Српската страна, преку изјавите на тамошниот претседател Александар Вучиќ и натаму инсистира дека операцијата „Олуја“ била „најголемото етничко чистење во Европа, по Втората светска војна“.

Всушност, само се продолжува со старата политика за патернализација кон сите Срби, каде и да се наоѓаат – сега на териториите на државите од некогашна Југославија, што се меѓународно признати, независни држави.

Вклучувајќи ги и припадниците српското национално малцинство во Република Хрватска, иако тие таму имаат своја политичка партија (СДСС), се дел од тамошниот Парламент и се вклучени (според националниот клуч) во извршната власт и во владата во Загреб.

Херој и „предавник“

Еден од функционерите на српската партија, младиот Борис Милошевиќ, стана (наеднаш) централната личност на годинешново одбележување на 25 годишнината од победата во војната, како што се вели во Загреб, за независност на Хрватска.

Овој млад хрватски политичар од редовите на српската етничка заедница, во неговата родна земја- без малку стана херој. Во Белград и во Србија, пак, го прогласија за „предавник“.

Неговата заслуга што се претвори во главната личност на прославата , оваа година, е само во тоа што тој е првиот хрватски Србин кој најофицијално, како дел од владата во Загреб, присуствуваше во Книн на одбележувањето на сребрениот јубилеј на „Олуја“. На големо (пријатно) изненадување на хрватската политика, но во истовреме предизвикувајќи шок и гнев во Белград.

Тоа, во секој случај е голема политичка победа за премиерот Андреј Пленковиќ (ХДЗ), но и на претседателот Зоран Милановиќ (екс премиер и лидер на хрватските социјал-демократи) , но и (можеби) историски потег на српската СДСС и на нејзниот лидер Миодраг Пуповац, на патот кон конечното помирување во Хрватска.

Нов почеток?

Земјата во која се уште понекаде се велича усташтвото и се негираат злосторствата во текот на Втората светска војна, на хрватско тло, каде се омаловажува Јасеновац (местото на постоењето на логор каде се убивани нехрватски заточеници) и каде и натаму има инциденти со напади врз српски туристи.

Самиот Борис Милошевиќ за своето учеството во одбележувањето на воената операција „Олуја“ има изјавено дека „пораките од Книн се (можеби) почеток на создавањето на една сосема нова Хрватска“.

Тоа е, секако, најважното, како за оваа држава, сега членка на ЕУ и на НАТО, која на тој начин би ја комплетирала својата европеизација и би ставила точка на минатото и на национално-религиозните делби, така и за малцинствата во Хрватска.

Тоа посебно се однесува за српското малцинство, кое со овој свој гест – донесен самостојно и без натурање од надвор (од Србија) – покажува дека хрватските Срби целосно излегуваат од контролата на Белград (без разлика дали таа и досега постоела).

Особено што српскиот државен врв, пред се, овој сегашниот, продолжува да се држи до „каузата“ оставена во аманет од еден друг Милошевиќ – дека Србите „без разлика дали се во БиХ, во Црна Гора, во Хрватска…или на друго место, не смеат да се делат“ , како и дека Белград на сите нив , секогаш, ќе им дава силна подршка за да може сите (Срби) бидат единствени.

Милановиќ – Ова е наша работа

Таквата политика е крајно застарена, лажно патриотска и националистичка. Во Хрватска и во Црна Гра се квалификува како „големосрпска“, па затоа и не чуди што Ана Брнабиќ, премиер на Србија, остро ја осудува одлуката на хрватските Срби и на Борис Милошевиќ, инаку еден од потпретседателот на хрватската влада, да биде во Книн, стоејќи покрај сите други домашни политичари.

Според Брнабиќ, одењето на еден Србин (на Милошевиќ) било „понижување“ и дека нејзе и било тешко уште повеќе, јавно, да го дисквалификува, замерајќи му што за тоа што го направил Србите немаат ништо добено, за возврат!

За разлика од неа, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на гестот на СДСС гледа како на „нова фаза во односите меѓу хрватскиот народ и српското малцинство“ , но и како на знак дека постои општество кое знае што е тоа помирување.

Уште подиректен е претседателот на Хрватска, Милановиќ. Тој на острите критики од Белград и од Србија за одбележувањето на „Олуја“ и за дисквалификација на Борис Милошевиќ, означен во тамошните медиуми како наводен „предавник“, одговори дека „сето она што се случува во Хрватска е хрватска работа“- не прифаќајќи мешање од надвор.

Пуповац – А, што ако не погрешивме!

„Ова е наша земја и таа ќе биде таква, како што тоа ние ќе се договориме. А, се договараме прилично добро“- има речено Милановиќ за целата бура, подигната во српската јавност, каде беше наложено одржување парастоси низ Србија за бегалците од Хрватска.
На таа линија реагира и претседателот на СДСС, Милорад Пуповац кој смета дека во Книн почна процес на помирување.

Тој , меѓутоа, смета дека паралелно со она што почнува да се создава во Хрватска, потребно е тоа да биде проследено со отворање на вистински дијалог за помирување и меѓу Загреб и Белград.

Пуповац ја отфрла потребата Белград и тамошните раководства да се поставуваат како ментори на хрватските Срби, но ги отфрла сите осуди и критики од српскиот државен врв и од тамошните политичари – дека одењето во Книн, за „Олуја“ била „тешка грешка“.
На тоа лидерот на хрватските Срби упатува порака, во форма на прашање – „А, што ако не сме погрешиле. Дали и тогаш ќе не нарекувате – браќа“!

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе