Белорусија: Терор на полицијата
Илјадници луѓе продолжуваат да протестираат на улиците на Минск и десетина други градови во Белорусија, незадоволни од нерегуларноста на претседателските избори, одржани изминатиот викенд, за кои и домашната опозиција и надворешните, независни аналитичари тврдат дека биле недемократски и нефер и дека, едноставно, биле фалсификувани.
За изборниот грабеж, демонстрантите го обвинуваат претседателот Александар Лукашенко (65) кој диктаторски владее со оваа земја, поранешна советска република. Цели 26 години тој владее со Белорусија, уште од 1994 година, и ова ми беше шесто по ред кандидирање на функцијата, на која се очекува да остане до крајот на својот живот.
Протестите кои траат неколку денови се првите поголеми изливи на незадоволство и гнев на Белорусите за политичката ситуација во земјата и за диктатурата на Лукашенко, за која се вели дека нема таква на европскиот континент. Вакви масовни протести во Минск немало повеќе од една деценија, па затоа и реакцијата на режимот, преку интервенцијата на полицијата и на специјалните сили, е толку брутална.
Во употреба и огнено оружје
Во пресметката со демонстрантите белоруската полиција користи се што има во својот арсенал – солзавец, водени топови, гумени куршуми и сурово претепување на луѓето во протестните поворки, меѓу кои далеку најмногу се млади, а во градот Брест и самите полицајци имаат признаено дека пукале со огнено оружје, оправдувајќи го тоа дека „биле директно нападнати“.
Според признанието на властите, досега има двајца починати. Втората жртва е еден 25 годишен демонстрант за кого се вели дека починал во полицискиот притвор. Нема објаснување како се случило тоа и што е причината за неговата смрт, освен дека „наеднаш на човекот му се слошило“.
Опозицијата тврди дека тие знаат за околу шест илјади задржани лица кои при сослушувањето не ретко се изложени на тортура. Се тврди дека полицијата, облечени во црно, навлегуваат насила по становите на луѓето, барајќи демонстранти, кои наводно бегајќи се сокриваат по станови.
Фалсификувани избори
Населението на Минск, пак, реагира на најразличен начин давајќи им поддршка на демонстрантите – возачите свират со автомобилските сирени, предизвикувајќи гнев на полицијата која ги запира и се пресметува со нив, додека обичните граѓани, најчесто од своите балкони и тераси ги поздравуваат поворките со демонстранти, со аплаузи и со гласна поддршка.
Се јавува дека во многу случаи, кога полицајците или припадниците на специјалните сили ќе го забележале тоа, почнувале да стрелаат по луѓето на балконите, со гумени куршуми, или со насочување на водените топови и кон нив!
Гневот на народот, каков самите Белоруси зборуваат дека не бил одамна ваков, го предизвика Лукашенко со своето арогантно соопштението дека убедливо победил на изборите, освојувајќи дури 80 отсто од гласовите, а дека кандидатот на опозицијата, 37 годишната Светлана Тихановскаја, добила подршка од 10 отсто од гласачите.
Веднаш потоа се огласи опозицијата одбивајќи да прифати вакви резултати за кои се вели дека се лажни и фалсификувани. Самата Тихановскаја, во првата реакција во Минск изјави дека не верува во овој резултат, затоа што поддршката што таа и опозицијата ја добивале по митинзите, во изборната кампања, била многу поголема.
Бегство во Литванија
Меѓутоа, еден ден по тоа, таа се огласи од соседна Литванија, соопштувајќи им на Белорусите и на сите кои ја подржуваа дека морала да побегне – за да ги спасува своте деца.
Згора на тоа, Тихановскаја ги повика луѓето кои демонстрираат да се повлечат од улиците и да не влегуваат во судир со полицијата, за да нема уште повеќе човечки животи.
Во својата сегашна порака таа им се извинува на своите симпатизери, за одлуката да ја напушти татковината и да замине во странство, но и ги повикува да ги прифатат изборните резултати – такви какви се – велејќи дека „така одлучиле да гласаат Белорусите“!?
Оваа нејзина порака предизвика збунетост во јавноста на Белорусија, секако, кај оние кои бараат паѓање на режимот на Лукашенко. Едноставно, се бара објаснување за промената во позицијата од оваа млада, политички неискусна, поранешна наставничка по англиски јазик, која, сепак, успеа да ја обедини и да ја мобилизира разделената, неединствена опозиција, собирајќи на своите митинзи по десетици илјади симпатизери и поддржувачи.
Режимот изненаден и исплашен
Токму таквиот развој на работите го изненади режимот, навикнат на протестни собири да се собираат по неколку стотина лица, па од тие причини и се објаснува сегашната суровост и бруталност на режимските сили на редот.
Очигледно е дека Лукашенко е исплашен дека на неговата земја би можело да и се случи една втора Украина, во која беше соборена проруската власт, по долгите протести на на опозицијата на киевски Мајдан, пред 6,5 години.
Но, очигледно е дека Тихановскаја не е од калибарот на лидерите од украинските случувања. Нејзиниот сопруг кој најави дека ќе се кандидира за претседателските избори, од мај е во затвор.
Нивните деца, пак, се префрлени „некаде во странство“, затоа што белоруските власти ги казнуваат политичките противници и оние кои предводат протести против власта, со одземање на децата.
Белоруски аналитичари, меѓутоа, имаат разбирање за гестот на побегнатата политичарка.
Аналитичари кои и самите побегнале од Белорусија, во странство, за западни медиуми сега објаснуваат дека Тихановскаја е уценета од режимот, најверојатно со децата, за кои изгледа дека разбрале каде се сместени.
Уценета Тихановскаја
Експерти проценуваат дека локалното КГБ ја има анализирано Тихановскаја во текот на изборната кампања, додека режимот ги барал нејзините слаби точки, за да може лесно „да ја скрши“ и за да ја натера да се повлече. Целта била и се уште е – да биде урнат нејзиниот рејтинг во домашната јавност, а опозицијата и натаму да остане без лидер кој може да ги обединува и да ги води.
На бегство се одлучила кога разбрала дека дури осум членови на нејзиниот изборен штаб се уапсени.Една од нејзините главни соработнички, инаку сопруга на еден од водечките белоруски опозиционери, побегнала во странство уште во неделата, додека траеше гласањето.
Режимот на Александар Лукашенко, очигледно, е решен сурово да се пресмета со сите кои се спротивставуваа на неговата диктатура.
Тој, пак, се има огласено со остра осуда на демонстрантите, нарекувајќи ги – „овци поттикнати од странство“ за да прават проблеми.
Овој европски деспот, меѓутоа, не објаснува зашто против „обични овци“ испрати брутална сила, за да не им дозволи да протестираат – во името на демократијата која во Белорусија е целосно погазена.
Белсат во живо:
(М.Б.)