Австралијанка по 35 пат го преплива Ламанш!
Австралијанката Клои Мекордел го преплива каналот Ламаш, од англискиот брег до реонот кај градот Кале, во Франција, по 35 пат!
Оддалеченоста од 32 километри, оваа 35 годишна маратонска пливачка ја има испливано за 10 часа и 40 минути. Стартуваше од плажата Абот, кај градот Фолкстон, во областа Кент, во јужна Англија, во саботата во 21 часот по средноевропско време, а на францускиот брег пристигна во неделата, рано наутро после 07 часот.
Во текот на пливањето, преку целата ноќ, таа била придружувана од мал брод, што е задолжително при секој ваков потфат, на кој биле членовите на нејзината придружба, како и надлежни лица кои треба да потврдат дека препливувањето било регуларно изведено.
Веднаш по пристигнувањето на брегот на Франција, Мекордел освен што морала да излезе од водата и да остане исправена извесно време, како што налагат правилата, по десетина минути, одново влегла во редовно студените води на Каналот, за да доплива до бродот, што потоа ја вратил назад во Англија.
На овој начин, Австралијанката успеа да го собори рекордот на мажите, маратонски пливачи.
Тој изнесува 34 препливувања на Ламанш и го држи Британецот Кевин Марфи. Сега, Мекордел е втора во вкупната класификација на маратонците, според тоа кој колку пати го препливал каналот што ги раздвојува Британија и Франција.
Убедливо прва останува (уште една жена) – Алисон Стритер – која дури 43 пати го има препливано Ламанш, па затоа популарно ја нарекуваат „ кралицата на Англискиот канал“ како што Британците го нарекуваат Ламанш.
Клои Макордел е сестрана спортистка во маратонското пливање. Во 2014 година, таа постави рекорд во пливање во океанските води, пливајќи околу Бахамите 124 км. за 41,5 часови. Во 2017 година, се обиде да го преплива Ламанш четири пати, без прекин, односно да преплива четири пати по 32 километри, но не успеа во овој свој потфат.