Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Себастијан Курц: Корона влегува со автомобили

palinchak/BigStock.com

Себастијан Курц: Корона влегува со автомобили

Австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави дека коронавирусот влегува во земјата со автомобили, обвинувајќи ги за тоа, пред се, австриските туристи кои се заминати на одмор, во странство, а сега се враќаат дома.

Курц истакна дека посебен проблем претставуваат оние кои се враќаат од Хрватска и од нејзиниот јадрански брег. Според австриските здравствени власти, таму одново е распалена епидемијата со коронавирусот.

Затоа владата во Виена и покрај бурната реакција на хрватските власти, ги повика Австријците, веднаш, да се вратат, прекинувајќи го одморот на хрватското приморје и предупредувајќи ги сите другите кои се подготвуваат за летување, да не одат во Хрватска.

Наредбата да не се патува во оваа земја, стапува на сила од полноќ- меѓу недела и понеделник.

Австрискиот премиер изјави дека за сите Австријци кои од 7 август, па до стапувањето во сила на наредбата, се вратиле од одмор од Хрватска, е предвидено бесплатно тестирање и ги советуваше сите да ја искористат оваа можност.

Курц ги обвинува младите дека ја шират епидемијата, па затоа сега тие се повеќето од оние кои се заразени и заболени со Ковид-19.

Загрижувачки е што најчесто заразеноста кај нив е асимптоматична и тие не забележуваат дека се инфицирани. И дома продолжуваат да се однесуваат нормално, како да се здрави, а всушност, ја шират пандемијата- во своите семејства, но ги загрозуваат и старите луѓе.

Нови смртни случаи во Грција

Во екот на својата туристичка сезона, Грција се соочува со нов бран на коронавирусот што сега остава и поголеми последици, отколку во пролета, кога за прв пат се појави.

Според весникот „Катимерини“, продолжува да расте бројот на новозаразените и во последните 24 часови има нови 230 заразени. По подолго време, се признава и дека има три починати лица.

Според весникот, во Грција досега има 6900 заболени и официјално потврдени 226 починати, што и натаму е ниска бројка во споредба со другите земји од соседството, од Медитеранот и од другите земји во ЕУ.

Но, за Грција, како и за другите туристички дестинации постојат сомнежи во “методологијата на броењето“ што ја применува оваа земја, ( кога станува збор за заразените и починатите), водејќи повеќе сметка за туристичката сезона и за нејзиното одржување, по секоја цена, и во сегашните услови.

Како причина за враќањето на короната се наведува наглото олеснување на сите мерки за заштита, отворањето на Грција за странските туристи, како и ароганото однесување на самите Грци, кои изгледа веруваат дека короната е веќе замината.

На бројни слики од Грција и од Атина, се гледа дека таму не се почитува социјалната дистанца, како мерка за заштита, а дека малкумина граѓани носат маски на лицето.

Дури сега владата најави враќање на задолжителното одржување на социјалната дистанца, како и порано затворање на рестораните, баровите и кафулињата.

Окланд во карантин

Во моментите кога владата на Нов Зеланд најави дека станала првата “корона фри“ држава, Ковид се врати на оваа далечна островска држава.

Нов Зеланд, така, стана првата земја во светот во која пандемијата се има вратено, откако 102 денови не беше регистриран ниту еден нов случај на коронавирусот.

Според стандардите на Светската здравствена организација (СЗО) тоа е стандардна временска должина за да може една земја да се прогласи ослободена од епидемијата.

Но, наместо тоа, токму најголемиот град во Нов Зеланд, 1,5 милионскиот Окланд, е ставен под карантин, како што не беше ниту при првиот бран од вирусот.

Властите, признаваат дека, засега, оваа мерка не помага да се запре растот на новозаразените, иако бројката од 13 заболени за 24 часови е несразмерно помала од состојбите во Европа, во САД и Азија, па и од ситуацијата во Австралија, во Мелбурн.

Сега активни се 69 случаи, но епидемиолозите се уште не може да утврдат како им се случи “короната да им се провлече“ и одново да се врати.

Здравствената ситуација стана и политичка, затоа што во септември таму треба да има парламентарни избори. Домашната опозиција ја користи ситуацијата за да бара нивно одлагање „до целосно искоренување на заразата“.

Ова многу потсетува на случувањата со македонските политички прилики, кога домашната неподготвената опозиција бегаше од изборите, сокривајќи се зад пандемијата и вирусот.

Секој ден по илјада новозаразени

Веќе шести ден, едно по друго, во Велика Британија се регистрираат по над илјада новозаразени со коронавирусот.

Пресметано е дека просекот на новозаразените, во измината недела изнесува 1085 лица. Последните 24 часови, меѓу саботата и неделата, имало и пет нови смртни случаи. Сите биле пациенти кај кои вирусот и болеста биле откриени пред 28 денови

Во меѓувреме, владата на премиерот Борис Џонсон има воведено нова методологија на пресметување на починатите, па на тој начин, сега бројката на жртвите од пандемијата е многу пониска, отколку што тоа беше случај претходно. Официјалната бројка на починатите, според владата, сега изнесува 41,400 лица, од 320 илјади заразени.

Според претходната методологија, по која се броеја сите кои биле позитивни на вирусот, а починале, смртноста би изнесувала 56.200.

Меѓутоа, во Британија има уште еден, трет податок околу смртноста. Тој покажува дека до 15 август, во земјата починале 63.810 лица повеќе, во споредба со просекот на смртноста во истиот 7,5 месечен период, во 2019 година.

Црна Гора (одново) со корона

Кога Црна Гора прогласи дека е првата „корона фри“ држава, па почна да определува кој може да влезе во неа, а кој не, вирусот ја нападна земјата.

И тоа во невреме – кога ЕУ дозволи отворање на туристичката сезона, на 1 јули. Згора на тоа, вториот бран е многу посилен од првиот, кога оваа мала јадранска држава долго време немаше регистрирано ниту еден случај.

За враќањето на вирусот владата ги обвинува навивачите (огромен дел од српската националност) кои илегално заминаа во Белград, на еден фудбалски натпревар, со 25 илјади гледачи, без никакви заштитни мерки, кој и во Србија предизвика враќање на пандемијата.

Колку и да изгледа неверојатно, но навивачите не заминале преку црногорско-српската граница која владата во Подгорица ја имаше затворено, туку прикриено, преку територијата на српската енклава во БиХ – Република Српска.

Вториот бран го имаат покренато и религиозните литии-протести што ги организира Српската црква во Црна Гора, против обновата на Црногорската православана црква.

Во тие литии се тврди дека има дојдено, по разни канали, бројно свештенство од Србија, каде епидемијата се уште секојдневно брои и новозаразени и починати.

Во Црна Гора досега има 4100 заразени и 77 починати. Во Белград, меѓутоа, не веруваат во овие податоци за кои се тврди дека се “разубавувани“ од туристички причини.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе