Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Бабиш: Повторување на Чехословачка 1968?

Belish/BigStock.com

Бабиш: Повторување на Чехословачка 1968?

Чешкиот премиер Андреј Бабиш, предупреди дека она што сега се случува во Белорусија би можело да прерасне во нова Чехословалка од 1968 година.

Тогаш, советските (руските) тенкови и испратената „братска помош“ од сите членки на тогашниот Варшавски пакт (освен Романија), извршија инвазија врз оваа средноевропска држава, за да потоа брутално ја задушат започнатата „Прашка пролет“.

Воената интервенција на СССР и на другите источноевропски, комунистички земји, врз Чехословачка во август 1968 уследи откако на чело на тогашната КП во земјата, застана либералното партиско крило, предводено од Александар Дубчек.

Целта на новото раководство беше да го замени дотогашниот тврд, советски модел на комунизам, што го копираа сите на Истокот од Европа, со либерален „социјализам со човечки лик“.

Страв од нова „братска помош“

Таквата ориентација, која наиде на силна поддршка на домашната левичарска интелектуална елита, на поголемиот дел од јавноста и посебно од младите, кои наеднаш се почувствуваа ослободени од стегите на советизацијата на земјата, предизвика процес на забрзана демократизација во земјата, што беше означено како „Прашка пролет“.

Тоа, меѓутоа, не му се допадна на комунистичко-догматското водство во СССР, кое на случувањата на Чехословачка гледаше како на закана од создавање на една нова Југославија и на нејзиниот самоуправен социјализам, во централна Европа.

Затоа, Москва се определи да испрати „братска помош“ од тенкови и голема воена сила, на која никој не и се спротивставуваше, за да се задуши целиот тој демократски процес.

Сегашниот премиер на Чешката Република Бабиш, потсетувајќи на тоа време и на руската одлука на обидот да се демократизира тогашната заедничка држава на Чесите и на Словаците, да се одговори со тенковска сила, вели дека она што сега Европа го гледа во Белорусија, наликува на времето од пред 52 години и на заканата од една таква разврска.

Време за „кадифена револуција“

„Она што се случува во оваа земја е апсолутна катастрофа“ – рекол Бабиш.

Според него, сега во Белорусија се одлучува дали нивниот процес ќе заврши како чешкиот, од 1989 година, со т.н. „Кадифена револуција“ (предводена од сега покојниот Вацлав Хавел), со враќање на демократијата, со правото на слободни, демократски избори, а не со наместени и режирани од еден диктатор, или ќе биде задушен со интервенција на руските тенкови, како што ја задушија „Прашката пролет“ во 1968.

Тој бара итна интервенција на ЕУ и побрза реакција на Унијата, за да се спречи Владимир Путин, на сила, да го спасува Александар Лукашенко и да го задуши покренатиот процес за демократија во Белорусија.

„Белорусите сега треба да се поттикнат да не се плашат, затоа што е време и тие да изведат една своја „кадифена револуција“, па поради тоа е неопходно да ја имаат нашата, европска поддршка“- има речено чешкиот премиер Андреј Бабниш.

Притисок на ЕУ врз Путин

Неговата изјава и предупредувањето од можната руска воена интервенција во Белорусија, доаѓа пред вонредниот Самит на ЕУ, посветен на ситуацијата во и околу Белорусија, што се одржува во среда (19 август).

Во меѓувреме, германскиот канцелар Ангела Меркел, како претседавач на ЕУ, телефонски разговарала со рускиот претседател околу кризата во Белорусија, а со Владимир Путин разговарале и францускиот претседател Емануел Макрон, како и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.

Како што се дознава, сите барале од Москва да изврши притисок врз Лукашенко – да отвори дијалог со опозицијата.

Тоа го има понудено и ОБСЕ, која се нуди и како посредник. Итна средба имаат одржано германскиот и рускиот шеф на дипломатијата, но засега руската страна само инсистира на немешање од надвор во ситуацијата во Белорусија.

А тоа е она што го зборува и Лукашенко.

(П.Ч.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе