Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Шведска: Најмногу починати во последните 150 години

mikdam/BigStock.com

Шведска: Најмногу починати во последните 150 години

Во првите шест месеци од оваа година, Шведска има забележано најголем број на починати лица во последните 150 години.

Според податоците на државното биро за статистика, регистрирани се 51.405 умрени, а тоа е најмногу после 1869 година. Таа година било запишано дека умреле 55.400 лица, највеќе поради гладот што тогаш ја има погодено оваа скандинавска држава, во времето кога се уште не била развиена и индустријализирана, како што е денеска.

Тогаш, во Шведска живееле четири милиони, а денеска земјата има 10,3 милиони жители.

Највисока смртност во Скандинавија

Ваквата статистика добива на значење, затоа што се бележи во времето на глобалната пандемија која и во Шведска има оставено силни траги. До крајот на јуни, на пример, а тоа значи во првата половина од 2020 година, од болеста Ковид во земјата починале 4500 пациенти заразени со коронавирусот. Во август, меѓутоа, бројот на починатите лица се има искачено на 5800.

Во однос на бројот на населението, Шведска има многу повисок процент на починати од епидемијата, во споредба со другите скандинавски држави, иако смртноста во оваа земја е под нивото што е регистрирано, во една Велика Британија, или Шпанија, на пример.

Се смета дека причина за вака високата смртност, во земја со високо развиен и современ здравствен систем, каква што е Шведска, е последица на различниот приод на тамошните епидемиолози и на здравствените власти, кон вирусот и пандемијата.

Без карантин и ограничувања

Наместо карантин и низа мерки за ограничување, како заштита од ширењето на заразата, шведските здравствени експерти се определија за далеку полабав однос- оставајќи им ја грижата за заштитата на самите Швеѓани, без наметнување маски за лице, ракавици или социјално дистанцирање.

Повеќето од училиштата продолжија со работа, како и кафулињата и рестораните, а продавниците и индустријата не ја прекинаа работата.

Тој модел, што би требало да доведе и до создавање колективна заштита (имунитет) од вирусот, се обиде да го користи и Британија, па сега има највисока смртност од вирусот во Европа.

Неуспешен модел

Шведска, пак, во првата половина од 2020 година, има регистрирано за 10 отсто повеќе смртни случаи од просекот за оваа земја, во последните пет години. Во април, меѓутоа, кога смртноста од Ковид го имаше достигнато својот пик, тој процент се има искачено дури до 40 отсто!

За споредба, во Стокхолм се зема примерот на Норвешка. Оваа земја има речиси двојно помалку жители, а таму од коронавирусот, досега се починати 260 лица.

Домашните економисти велат дека лабавиот метод на борба со епидемијата, не и помогна ниту на шведската економија.

Финска, на пример, која се уште спроведува строги мерки на заштита од вирусот, има пад на својот Бруто национален производ (БНП) од 5 отсто, за разлика од Шведска каде тој пад изнесува 8,5 отсто.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе