Истокот ги предаде европските принципи
Кога во мај 2004 година, во членство во Европската Унија беа примени десет нови членки – седум поранешни земји од некогашниот советски, комунистички источен блок, како и Словенија, Малта и Кипар, некои тоа и тогаш (а и сега) го означуваат како најмасовното проширување на ЕУ/ЕЕЗ од времето на започнувањето на европските интеграциски процеси, во средината на педесеттите години на 20 век.
Други беа на мислење дека тој голем, политички и економско-финансиски и социјален проект, значи, конечно, елиминирање на „железната завеса“ што ја делеше Европа од крајот на Втората светска војна, како и „враќање на роднините„ од Истокот на континентот.
Обединување на Европа
Тогашниот европски министер на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана, пак, наместо зборот проширување (ширење) на ЕУ, инсистираше дека приемот на земјите од поранешниот советски блок, всушност, значи дека Европа одново се пронаоѓа себе си, после многувековните судирања и војувања.
За Солана, влезот на десет нови членки во Унијата, затоа, беше повторно обединување на континентот.
И, во принцип, тој беше во право – се обединуваа земји и народи кои во текот на Студената војна, насила и грубо беа изолирани, од другата страна на подигнатата „железна завеса“ – одделени од демократијата, од човековите права и слободи, од слободите за изградба на граѓански, отворени општества, беа одделени од правната држава и подредени на правата диктирани од врвот на една партија и посебно од семоќниот лидер.
Во онаа, западната, демократска Европа влегоа 75 милиони жители кои, меѓутоа, беа далеку посиромашни од западните „роднини“.
Вкупното богатство на сите десет нови членки на ЕУ, во 2004 година, беше помало од богатсвото на една Холандија. Некои уште тогаш беа исплашени дека дојденците ќе бидат закана за работните места на оние кои веќе беа во Унијата, закана во секторот на домувањето, на социјалните бенифиции, образованието и за вкупната благосостојба.
За 15 години – доделени 350 милијарди евра
Беше јасно дека сите во дотогашна ЕУ ќе треба, сложно, солидарно да ги платата високите трошоци за побрзото приспособување на новите членки и за нивниот побрз развој, за да колку-толку се намали (видливо) големата разлика во вкупниот економски и социјано-општествен развој на дотогашниот комунистички Исток, во однос на Западот.
Веќе во периодот на транзицијата и на подготовките на овие десет земји за влез во Унијата, им беа доделени, како неповратни средства, 47 милијарди евра.
А, и тоа дека сега ќе требат да се доделуваат и субвенции за аграрот во новопримените земји, средства за побрз развој на недоволно развиените подрачја, пари за обнова и модернизација на транспортот и на сообраќајот, за изградба на нова патна мрежа.
Во мај, минатата година, на 15 годишнината од приемот на десетмината во европското семејство, Европската комисија во Брисел ги извади податоците за тоа колку и како Унијата солидарно ги има помогнато овие држави.
Сите заедно имаат примено 350 милијарди евра од европските развојни фондови! Само Полска има примено 135 милијарди евра.
Газење на правилата на ЕУ
Презентацијата на ваквата бројка беше, на некој начин и (налутен) одговор на ЕУ на однесувањето на одделни земји-членки и на нивните политички лидери, што се повеќе и се почесто се манифестираше на Истокот.
И, тоа во сектори каде тоа не смееше да се случува – во газењето на основните принципи и правила на кои е изградена и на кои се потпира постоењето на Унијата.
Во делот на солидарноста врз која токму европскиот Исток обезбеди и развој и висок стандард за своите државјани.
Во изминатата деценија и половина, како државјани на Европа кои можеа секаде во Унијата да патуваат, да живеат, да се вработуваат, да земаат кредити за бизнис и за лични потреби, да купуваат имот.
Но, и во секторот на правната држава, во слободата на судството, на медиумите, како и на човековите слободи, покривајќи го тоа со повампирувањето на национализмот, на популизмот, на конзервативизмот и ултра-десничарењето, на верската и расната нетолеранција.
Или се заедно, Истокот почна да возвраќа со неевропско однесување, со газење на принципите на кои, инаку, се има согласено при своето влегување во Унијата и при потпишувањето на документот за зачленување. Некои на Истокот од Европа, многу брзо ги предадоа европските принципи.
Унгарија и Полска
Станува збор, пред се, за Унгарија под командата на Виктор Орбан, за кого некои (избегани од земјата) аналитичари пишуваат дека многу брзо оваа држава ќе стане првата земја со диктатура во рамките на ЕУ, како и за Полска на Јарослав Качински. Тој нема државничка функција – не е ниту претседател, а ниту премиер, туку само семоќен лидер, на исто таквата семоќна партија на Правото и правдата (ПиС).
Повремено во ова друштво, знаат да се вклучат и Чешка, а и Словачка, иако овие две земји, дел од некогашната заедничка држава Чехословачка, сепак, се далеку од копирањето на моделот што Орбан сака да го создаде во ЕУ и во Европа – ултра-десничарска, анти-либерална и националистичка, што ќе рече- недемократска алијанса- како своевиден пандан на ЕУ!?
Ваквата ситуација се развлекува во изминатите години и тоа ја олади демократска и граѓанска Европа од натамошното проширување (обединување) на континентот.
Надвор од него сега е само регионот на Западен Балкан.
Практично тоа се само уште четири држави кои се декларираат дека се на европскиот пат – Црна Гора и Србија, како и Република Северна Македонија и Република Албанија, иако впечаток е дека некои од нив само декларативно зборуваат за ЕУ, а всушност, сакаат да седат на две столчиња, зашто на тој начин им е полесно да кокетираат со „моделот“ на Орбан- национализам и популизам за манипулирање со гласачите.
Автократија во Унијата
Едноставно, вистинската Европа е налутена, што после се што е направено од 2004 година, Унгарија отстапува од принципите на ЕУ со својата, како што самата ја нарекува – националистичка, нелиберална демократија!
Во својата земја, Орбан се нафрли врз судовите, врз медиумите, невладините организации и обвинителството.
Згора на се, унгарскиот премиер ги тероризира сите обиди за развој на граѓанско општество и со помош на државните и над се, на ЕВРОПСКИТЕ фондови гради автократски државно-правен систем.
Полска, пак, каде од 2013 година на власт е конзервативната, националистичка партија ПиС, прво се нафрли врз судиите, поставувајќи само свои, партиски кадри.
Потоа сосема ја измени работата на јавните медиуми, ставајќи ги во функција на своите, партиски интереси, за да на крајот државната администрација ја направи – еднопартиска, со луѓе лојални на ПиС.
Во втората фаза, оваа партија и нејзината влада во Варшава, започна „судски реформи“ кои скандалозно ги повредуваат сите договори на кои се потпира ЕУ – за независност на судството и судскиот систем кој треба да биде гаранција за сите во ЕУ дека полските судови ќе ги заштитуваат законите, посебно оние кои го подржуваат и го штитат единствениот пазар.
Предавството на Вишеградската четворка
Ова покажува дека во судир со европските принципи и стандарди се најдоа две држави од некогашната Вишеградска четворка – моторот на пост-комунистичката транзиција во Средна Европа и модел за другите кои се извлекуваа од системот на советизација што им беше наметнат по Втората светска војна. На почетокот, Полска беше истакнува како земја „економски тигар“ на Европа, по падот на комунизмот со нејзиниот силен и енергичен развој.
Конечно, таа во годините од последниот буџет на ЕУ има примено една петтина од сите т.н. кохезиски фондови.
Или, оваа земја која во 2000 година имаше Бруто национален производ (БНП) по жител од 4400 евра (повеќе од два пати помалку од Словенија) и невработеност од 19 отсто, од се уште активниот европски буџет има примено три пати повеќе пари од ЕУ од другите членки.
Тоа значи дека и таа, како и Унгарија, европските пари, кои солидарно ги издвојуваат сите земји членки- најмногу од богатите западни држави – ги ставаат во функција на својата конзервативна, антиевропска, националистичка политика, давајќи им субвенции на селаните, на аграраот и на оние слоеви на општеството, од чии гласови партиите, како што се унгарската Фидес и полската ПиС, обезбедуваат изборни победи.
„Граѓанска војна за правната држава“
Изминатата недела, во времето кога Орбан ја славеше својата најнова националистичка фикција – некаква „големата Унгарија“ – во која во Будимпешта се присвојува територија на седум европски независни држави – од крајниот Исток, во делови од Украина, се до Риека и Јадранско Море, со цела Војводина и Славонија, тој од Средна Европа, под водство на Полска, побара да се обедини во, како што рекол, одбрана на христијанските вредности и христијанските корени.
Според унгарскиот премиер, Западот „се откажал од христијанска Европа, за сметка на експериментирањето со атеизмот, дигиталните семејства, отвореноста кон нехристијанските мигранти, заговарајќи отворени општества“.
Ваквите случувања во ЕУ, францускиот претседател Емануел Макрон ги нарекува водење „граѓанска војна“ во Унијата за заштита и сочувување на правната држава.
На едно свое предавање пред крајот на 2018 година, тој остро се нафрли токму врз земјите од Истокот на Европа.
Според него, тие повеќе не може да земаат и да го користат од ЕУ само она што ним им одговара – најмногу парите од европските фондови – а во исто време да ги газат и да не ги почитуваат европските правила и закони.
Уште, како што има речено Макрон – со парите на нашите даночни обврзници.
Сервис – Скопје/Глобал