Поврзете се со нас

Skopje Global

Кипар ги блокира санкциите против Белорусија

Европа/ЕУ

Кипар ги блокира санкциите против Белорусија

argus456/BigStock.com

Кипар ги блокира санкциите против Белорусија

Министрите за надворешни работи на ЕУ не успеаја да постигнат консензус околу изгласувањето санкции против режимот на Александар Лукашенко во Белорусија, иако лидерот на белоруската опозиција Светлана Тихановскаја, која беше во Брисел, официјално побара од членките на Унијата донесување на една таква мерка.

Причина за неуспехот да се санкционира власта во Минск, се посебните интереси на Кипар и одлуката на кипарскиот министер за надворешни работи на состанокот да стави ВЕТО.

Санкции и за Турција?

За оваа членка на ЕУ се знае дека има многу добри билатерални односи со Русија, која пак е заштитник на режимот на Лукашенко кој владее со Белорусија уште од 1994 година и важи за последниот диктатор во Европа.

Одлуката да го блокира донесувањето санкции против Белорусија, владата на Кипар ја оправдува со барањето, во исто време, да се воведат и санкции против Турција, поради, како што се вели, нејзината агресивна политика во Источен Медитеран. Посебно, околу кризата што настана во изминатите недели во врска со потрагата по гас, на дното од Медитеранот.

Првиот човек на дипломатијата на ЕУ, Сеп Борел изрази жалење поради неуспехот на министрите за надворешни работи да постигнат согласност за белоруското прашање. Според неговото објаснување меѓу земјите-членки постои „силна желба“ за воведување санкции, но тоа овој пат не можеше да го постигнеме.

За донесување на санкциите беше потребна согласност на сите 27 членки на Унијата.

„Заложници на една држава“

Сега останува можноста, договор за донесување санкции против Белорусија, да се постигне на Самитот на ЕУ, кој наместо на крајот од оваа недела се поместува за октомври, затоа што претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел мора да седи во самоизолација, откако еден од неговите безбедњаци е заболен од Ковид.

Како и да е, некои членки на ЕУ кои силно се залагаа Унијата да им помогне на Белорусите кои се борат за демократија и за соборување на еден диктаторски режим, остро реагираа против блокадата на Кипар.

Литванија се огласи со посебно соопштение во кое изразува жалење што не се постигна согласност за санкции, иако станува збор, за кршење на човековите права во една европска земја, како што е Белорусија.

„Наместо тоа ние (ЕУ) станавме заложници на една држава-членка. На тој начин се праќа погрешна порака до народот во Белорусија кој секој ден е на улица, но и до целиот свет, за тоа какви се ние, самите“.

Тихановскаја во Брисел

Протестите во оваа поранешна советска република траат уште од 9 септември, по претседателските избори за кои опозицијата тврди дека се наместени за да Лукашенко и по шести пат стане претседател. ЕУ веќе објави дека не го признава за легитимен претседател на државата, а опозицијата, која наеднаш ја обединија три жени чии мажи, претходно, се уапсени од режимот.

Опозицијата сега бара оставка од Лукашенко и одржување нови избори.

Наместо тоа, власта одговори со брутална реакција на протестите. Неколку стотици лица досега се уапсени, а во една од таквите операции на полицијата биле уапсени над 200 жени кои тој ден доминирале на протестите.

Меѓу нив и една 73 годишна прабаба од Минск.

Тихановскаја, пред состанокот во Брисел, се состанала со повеќемина од европските шефови на дипломатијата, барајќи да им се помогне во борбата со режимот на Александар Лукашенко.

Но, тој токму тие денови на улиците на Минск, во пресметката со голораките демонстранти употреби и оклопни возила.

Колесникова останува во затвор

Во меѓувреме, Марија Колесникова, една од членките на Советот за координација на опозицијата, останува во затвор – до 8 ноември.

Таа е обвинета за обид за (наводно) насилно соборување на власта, додека Колесникова инсистира дека била грабната од тајната служба и одведена на границата со Украина, за да биде насила протерана.

Откако се спротивставила, уништувајќи го својот пасош, била обвинета дека се обидела илегално да побегне од Белорусија.

Колесникова, преку својот адвокат, сега, бара покренување кривична постапка против белоруското КГБ, обвинувајќи го за киднапирање, незаконско апсење и за закана за убиство.

(Б.М.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе