Поврзете се со нас

Skopje Global

Врховниот суд на САД по вкус на конзервативците

Свет

Врховниот суд на САД по вкус на конзервативците

Gary Blakeley/BigStock.com

Врховниот суд на САД по вкус на конзервативците

Само десетина денови по смртта на судијата на американскиот Врховен суд, Рут Бадер Гинсберг, овековечена како „иконата на либерализмот“ во САД, претседателот Доналд Трамп одлучи веднаш да именува замена- и тоа од редовите на конзервативниот дел на општеството.

Одби да ги послуша советите на политичките и правните експерти, на демократите, па и на високи функционери на Републиканската партија, да не го прави тоа и именувањето судија на местото на починатата Гинсберг да му го остави на претседателот што Американците треба да го изберат на 3 ноември, па ја именува Ејми Кони Барет (48).

Експресно именување

Не ја почитуваше досегашната пракса – во ова време, на само 35 денови до изборите, да не се прават било какви именувања, посебно не за член на Врховниот суд на САД, кој за разлика од сите вакви институции во светот, во Америка тој има една посебна, „наддржавна позиција“ како контролор на власта и чувар на Уставот – па се определи замената да биде експресно изведена!

И уште се одлучи – на позицијата судија на Врховниот суд, на која се останува до крајот на животот, да ја именува Барет. Таа е мајка на седум деца, строга католичка, религиозна млада жена која во судот (технички) би можела да остане и во следните 40 години.

Поради сето тоа, правните експерти сметаат дека со својот “ тврд“ конзервативизам, таа би можела силно да го обликува американското правосудство во следните децении.

Слика на една „друга Америка“

Никој во САД не и ја оспорува стручноста, како правник, потоа како предавач на католичкиот Универзитет Нотр Дам, во сојузната држава Индијана, или како судија, но за неа се вели дека таа е „слика и прилика на конзервативна Америка“.

Таа е остар противник на абортусот, како и на правото на жените, самите да одлучуваат околу бременоста (!?). Противник е на хомосексуалните бракови и против е задолжителното здравствено осигурување, што инаку е дел од пакетот познат како „Обама кеар“, на претходниот американски претседател и неговата администрација.

Нејзините критичари и либералниот дел на САД не го забораваат едно предавање на Барет на студентите на кое таа го означува правосудството како „средство за да се стигне до целта, а дека целта е изградбата на царството Господово“.

Судијка блиска до Трамп

Изборот на Ејми Кони Барет таа да биде новиот судија на Врховниот суд, во секој случај, не е изненадување за аналитичарите во Вашингтон, затоа што таа идеолошки и политички, но и како дел од општественик, го застапува и го брани се она што го заговара Трамп како претседател, а што го зборуваше уште пред изборите во 2016 година.

И, што и тогаш, а и сега им го ветува на своите гласачи и на десничарската и конзервативна Америка.

Се смета дека таа е приврзаник на републиканците, но за либералниот дел од американското општество, она што е загрижувачко е нејзиниот конзервативизам- не е само прашањето на абортусот, што прво може да се најде на преразгледување, туку и нејзиното согласување со Трамп околу ограничувањето за имигрантите и поддршката што таа ја дава во врска со поседувањето оружје.

Одлуката на претседателот треба да биде потврдена во Сенатот, но како стојат работите тоа не би требало да го загрижува Трамп. Неговите републиканци имаат солидно мнозинство во овој дом на Конгресот, што дава гаранција дека Барет лесно ќе биде потврдена како новиот, деветти судија на Врховниот суд.

Демократите со врзани раце

Колку што е познато, само две републикански сенаторки имаат изразено несогласување, околу брзата замена на починатата Гинсберг со нов врховен судија, па затоа се очекува „жешка“ дебата во текот на оваа недела, која, сепак, нема да го измени многу распоредот на силите, особено што лидерот на републиканците во Горниот дом ја подржува кандидатурата на Барет.

Демократите уште веднаш по смртта на Гинсберг, која боледуваше од рак, покренаа кампања да се одложи изборот за наследник на испразнетото место за по изборите, на почетокот од идната година, но во тоа не успеваат.

Освен тоа, во претстојната сенатска дебата тие влегуваат со „врзани раце“. Тоа значи дека можат да се соочат со заканата да ја загубат поддршката на етничките заедници – католиците од хиспаноамериканската заедница во САД – пред се, но и од другите религиозни заедници, доколку во дебатата за именувањето на Барет, се напаѓа нејзината побожност, како и нејзиното посветено католичанство. Односно, ако како нејзин „минус“ се третира нејзината врзаност за црквата.

Нарушена идеолошка рамнотежа

Либералите во САД, меѓутоа, стравуваат дека со Ејми Кони Барет, конзервативното мнозинство во Врховниот суд на САД се зацврстува како доминантно. Сега односот на силите би бил шестмина судии (од конзервативниот блок), наспроти тројца кои важат за судии со либерални погледи.

Тоа според либералите може да предизвика пореметување на рамнотежата на овие два идеолошки блока во американското општество, како на идеолошки, така и на филозофски план, за сметка на десниот конзервативизам.

Се стравува дека како први жртви на таквиот распоред на силите би се нашле прашањето за абортуст, на федерално ниво и општата здравствена заштита.

Политички експерти веруваат дека Доналд Трамп ги подготвува овие два пакети за да им ги понуди на своите гласачи непосредно пред гласањето во ноември. Освен тоа, претседателот брза со пополнување на Врховниот суд, настојувајќи да го има зад себе, доколку се одлучи да ги оспорува изборите.

(В.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе