Меркел го посетила Навални во болница
Рускиот опозиционер Алексеј Навални изјави дека германскиот канцелар Ангела Меркел го посетила во болницата во Берлин, каде тој се лекуваше од нападот, извршен во Русија, со нервниот агенс Новичок. Оваа информација, претходно, ја објави неделникот „Шпигел“.
Навални претходно изјави дека од болницата во Омск, каде првично беше сместен на лекување, бил испратен во Германија – гол, без својата облека, за да, како што тврди – се сокријат трагите од агенсот на она што го имал на себе. Подоцна, кога веќе можеше да зборува, тој откри дека руските власти му го имаат запленето станот во Москва и му ги блокирале неговите сметки.
Тој беше еден месец на лекување, откако на 20 август, за време летот од сибирскиот град Томск за Москва, нагло му се слошило.
Руските лекари тврдеа дека „немало знаци за труење, додека бил таму на лекување“, но германските експерти за хемиско оружје, како и тестовите направени во лаборатории во две други земји, потврдија дека Навални бил нападнат и затруен со смртоносниот нервен агенс Новичок.
Станува збор за нервен агенс, произведен како оружје за масовно уништување од времето на СССР и Студената војна.
Во Берлин, каде беше префрлен на лекување, Навални беше ставен во состојба на кома и лекуван со силни анти-отрови. Неговите соработници јавно го обвинуваат Кремљ за нападот со Новичок, но Москва остро ги отфрли сите барања за истрага, тврдејќи дека Русија нема никаква врска со тој инцидент.
Нова истрага за поморската катастрофа во Балтикот од 1994
Естонија, заедно со Шведска и Финска соопштија дека после 26 години, одново ќе ја испитуваат најголемата поморска катастрофа во Европа, по Втората светска војна – потонувањето на фериботот „Естонија“ во кој се удавија 852 лица.
Несреќата се случи на 28 септември 1994 година, за време на една олујна ноќ на Балтичкото море, по што големиот ферибот, полн со патници и возила, мошне брзо потона, носејќи во смрт 803 патници од неколку земји, како и 186 членови на екипажот.
Бродот потона на околу 22 наутички милји од финскиот остров Уто, Истрагата што беше завршена во 1997 година заклучи дека бродот потонал откако се откачила големата врата, на задниот дел од фериботот, по што водата со голема брзина навлегла во неговата внатрешност, оставајќи ги патниците, заробени и без можност да се спасат.
Повод за отворање нова истрага, се најновите подводни снимки на остатоците од бродот, на кои сега се откриени оштетувања на десната страна од трупот.
Експертите од овие три земји, од каде беа и најголемиот број од патниците, ќе извршат ново анализирање на старите и на сегашните снимки, за да се дојде до вистинската причина за поморската катастрофа.
Бродот „Естонија“ пловеше од Талин за Стокхолм, по мошне тешки временски услови. Ветерот дувал со брзина од 20 метри во секунда, а брановите достигнувале височина и до четири метри.
Тихановскаја бара посредништво од Макрон
Лидерот на опозицијата во Белорусија, Светлана Тихановскаја, која се наоѓа во егзил, го повика францускиот претседател Емануел Макрон, да биде посредник во разрешувањата на тешката криза со која се соочува нејзината земја.
„Исклучително ни е потребен посредник, за да се спречи натамошното крвопролевање. Макрон би можел да влијае врз Путин, со кого е во добри односи“ – изјавила за француските медиуми Тихановскаја. Таа побарала и да се сретне со претседателот Макрон, кој се наоѓа во посета на Вилнус, главниот град на Литванија.
Белорусија е во криза и се соочува со остар отпор на тамошната опозиција и на граѓаните кои се на секојдневни масовни протести. Демонстрантите бараат нови избори и заминување на „вечниот претседател” Александар Лукашенко, откако на изборите од почетокот на август тој по шести пат стана претседател.
Власта тврди дека старо-новиот претседател победил со над 80 отсто гласови, но Тихановскаја и опозицијата инсистираат дека изборниот процес бил наместен, а дека резултатите се фалсификувани.
Русија силно го подржува Лукашенко, а претседателот Владимир Путин изјави дека „верува оти тој (Лукашенко) ќе може да ја разреши кризата“.
Макрон пред некој ден побара од белорускиот претседател да се повлече и да ја напушти функцијата, а од Минск, Лукашенко, возврати дека „Макрон е незрел политичар“.