Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

„Њујорк Тајмс“: Претседателот не плаќал данок!

Divya777/BigStock.com

„Њујорк Тајмс“: Претседателот не плаќал данок!

Доналд Трамп нема платено данок во десет од изминатите 15 години, открива весникот „Њујорк Тајмс“.

Цитирајќи податоци од даночната пријава, весникот уште открива дека Трамп, за кого се тврди дека поседува богатство од над три милијарди долари, платил само 750 долари, сојузен данок на приход за 2016 година, кога беше избран за претседател.

Истиот податок се појавува и во следната година, за него прв како шеф на државата.

Отфрлање на наодите во весникот

Од почетокот на својот претседателски мандат, Трамп води војна со медиумите (освен со нему блиската телевизија Фокс, со која единствено комуницира), па и во овој случај ја продолжува војната со зборови, грубо отфрлајќи ги наодите на „Њујорк Тајмс“, за чии написи и порано, а и во овој случај, вели дека се „лажни и измислени“.

„Станува збор за целосно лажна вест“

…рекол претседателот на својот редовен брифинг со новинарите во Белата куќа. Тој притоа изјавил и дека плаќал данок, а дека деталите за неговиот данок и за оданочувањето ќе биле објавени кога даночната управа ќе ја завршела својата анализа.

Трамп во оваа прилика, освен што ја нападнал редакцијата на њујоршкиот весник, остро се нафрлил и врз даночната управа за која има речено дека „многу лошо се однесувала кон него“.
„Фризирање на податоците“?

Еден од адвокатите на неговата компанија, изјавил за „Њујорк Тајмс“ дека „најголемиот дел, ако не и се од податоците (на даночната управа) ќе се покаже дека се неточни”!?

Во посебно соопштение, овој адвокат рекол дека претседателот има платено „десетици милиони долари федерален персонален данок“ откако во 2015 година објави дека влегува во изборната трка за претседател на САД.

Но, весникот во својата анализа на откритијата околу (не)плаќањето данок од страна на претседателот на државата, тврди дека ваквите објаснувања на адвокатите на неговата компанија не мора ништо да значат.

Едноставно, Трамп бил во можност да ја „намести“ даночната пријава, минимизирајќи ја оновицата за оданочување, на тој начин што ќе ја извести даночната управа дека има забележано големи загуби во разните сектори од неговата широко разгранета бизнис-империја.

На пример, во 2018 година, тој има пријавено загуба од 47,5 милиони долари, иако на друга страна има речено дека остварил приход од најмалку 435 милиони.

Обврска за секој Американец

Доналд Трамп е првиот претседател кој упорно одбива да ги обелодени податоците за неговите приходи, за оданочувањето и за плаќањето данок.

Таквото негово однесување е целосно различно и непримерно, кога се знае дека (досега) сите претседателски кандидати, освен за својата здравствена состојба, давале детален преглед и за нивните приходи и за тоа колку и дали го плателе определениот данок. Тоа, впрочем, е обврска за секој „обичен” Американец.

Сега Трамп и неговите адвокати се во правна битка со Обвинителството на Њујорк, каде е седиштето на неговата компанија, но и со еден од конгресните комитети кои настојуваат да утврдат колкав е износот на т.н. повраток од данокот што тој го има добиено.
Федерален прекршок

Во текот на една од предизборните дебати со тогашниот кандидат на демократите, Хилари Клинтон, за изборите во 2016 година, таа го обвини Доналд Трамп дека ги сокрива податоците за тоа колку данок има платено, затоа што, како што тогаш има речено – „веројатно, нема ништо платено”.

Трамп, пак, на тоа реагирал, прекинувајќи ја на половина реченица дека „тоа само покажува колку е паметен”!

Засега не се знае како ќе продолжи оваа работа околу откритијата на овој угледен американски весник и како на сето ова ќе реагираат демократите и нивниот кандидат Џо Бајден, во финишот на претседателската изборна кампања. Особено што сомнежи за тоа покажала уште Хилари Клинтон, пред четири години.

Во меѓувреме, претставник на њујоршкото обвинителство има изјавено дека сокривањето на вистинските приходи за оданочување и неплаќањето данок е федерален прекршок за кој, по правило – ако се докаже – се оди во затвор.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе