Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Нападнати полицајци пред владата на Хрватска

BalkansCat/BigStock.com

Нападнати полицајци пред владата на Хрватска

Тројца полицајци од обезбедувањето на зградата на хрватската влада, рано утрината, во понеделникот, се нападнати со огнено оружје.

Во тешкиот инцидент на Марковиот плоштад во Загреб, било употребено автоматско оружје (пушка).

При нападот, тешко е повреден еден од полицајците кој, сепак, не се наоѓа во животна опасност.

Напаѓачот, според хрватските медиуми, е извесен Даниел Безук (22) кој доаѓајќи на плоштадот, веднаш почнал да пука кон зградата на владата и по тоа, побегнал. Подоцна бил откриен, мртов, во околината на хрватскиот главен град, откако извршил самоубиство.

Директорот на хрватската полиција Никола Милина изјавил дека напаѓачот пукал и кон другите двајца полицајци, но не ги погодил. Едниот од нив, возвратил со оружјето кое го имал кај себе, но тој не успеал да го погоди напаѓачот.

Сите тројца полицајци биле ангажирани на надворешното обезбедување на зградата, лоцирана на овој загрепски плоштад што е целосно отворен за посетители и на него нема никакви огради, или ограничувања за движење.

Засега не се знае мотивот за нападот и пукањето. Прво тоа беше оквалификувано како акт на тероризам, а потоа дека напаѓачот е непресметливо лице, но ваквите првични реакции подоцна не беа повторени.

Според Милина, не се знае дали напаѓачот имал намера да влезе во зградата на владата. Истрагата нема сознанија ниту дали цел на нападот бил некој од тројцата полицајци, како ни тоа дали можеби само повредениот бил цел на нападот.

Во меѓувреме, хрватската полиција има извршено претрес во куќата во која живеел напаѓачот. Таму било и откриено огнено оружје што било држено илегално, како и стрели, за кои немало дозвола. Соопштено е дека бил уапсен неговиот татко.

Само 24 часови по инцидентот, властите соопштија дека повеќе нема да има слободно движење низ Марковиот плоштад, како што тоа беше до сега.

„Оруч Реиз“ одново во Источен Медитеран

Официјална Анкара соопшти дека одново го испраќа својот истражувачки брод „Оруч Реиз“ во водите на Источен Медитеран. Бродот ќе биде во таа зона меѓу 12 и 20 октомври и ќе треба да „извршува истражувачки работи“ на морското дно, вклучувајќи и во водите јужно од грчкиот остров Мегисти.

Ваквата одлука на Турција се заканува повторно да ги заостри нејзините и онака лоши односи со Грција и да го врати целиот спор околу потрагата по гас на дното од Медитеранот, на почетната ситуација, откако целото лето траеја тензиите меѓу овие две соседни земји, но и со Кипар и со поширокото опкружување.

Упорното „парадирање“ на турскиот брод меѓу грчките острови и јужниот турски брег, од ЕУ и од меѓународната заедница беше означен како закана за безбедноста на целиот тој регион и за мирот и стабилноста во Источен Медитеран.

Грција и Турција во текот на летото одржуваа поморски воени маневри, а Атина турското однесување го означи како „провокација“ затоа што истражувачкиот брод беше придружуван од четири воени бродови. За сегашното повторно испловување на „Оруч Реиз“ е придружуван од два турски воени бродови.

Кризата, инаку, траеше од 10 август, се до средината на септември, а „најжешко“ беше во реонот околу островот Мегисти што е лоциран на само два километри од турскиот брег.

Со посредништво на ЕУ, а пред се, на Франција која испрати и свои авиони и воени бродови во кризната зона, двете страни одлучија да се вратат на преговарачката маса и ѕвецкањето со оружјето, да го заменат со дипломатија.

Во Атина, меѓутоа, се гледа со скептицизам кон искреноста на Турција. Грција ја обвинува официјална Анкара дека е „главен фактор за нестабилноста во регионот“- од Либија, каде турската страна е замешана, па преку Егејот и Кипар, до Сирија и Ирак, а во најново време и во кризата околу Нагорно Карабах.

Шакашвили нападнат во Атина

Поранешниот грузиски претседател Михаил Шакашвили бил нападнат во Атина, каде престојува за средбите и разговорите што ги има со претставници на опозицијата во Грузија.

Нападот, според атинските медиуми, бил извршен во непосредна близина на зградата каде требало да се одржат разговорите.

Засега не се знае идентитетот на напаѓачот, како и неговиот мотив, освен дека станува збор за млад човек кој носел дуксерка која му го сокривала лицето. На снимката направена со мобилен телефон, се гледа како напаѓачот со тупаници се нафрла врз Шакашвили, удирајќи го по главата.

Состанокот со грузиските опозиционери во емиграција, сепак, се одржал и на нив, поранешниот претседател зборувал за своите идни политички планови.

Во мај годинава, Шакашвили беше именуван од украинскиот претседател Володомир Зеленски за шеф на извршниот одбор на националниот совет за реформи на Украина.

Поранешниот грузиски претседател по напуштањето на Грузија, се пресели во Украина, каде од тогашниот украински претседател Петро Порошенко, доби украинско државјанство, а потоа беше назначен и за гувернер на Одеската област.

Но, набргу тие двајцата ги расипаа своите односи, па откако Шакашвили јавно го критикуваше Порошенко, овој прво го смени од функцијата, а потоа и му го одзеде украинското државјанство.

Останувајќи без било какво државјанство (претходно се има откажано од грузиското) Шакашвили се пресели во Холандија кај својата сопруга, која е холандска државјанка.

Москва протера двајца бугарски дипломати

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека протерува двајца бугарски дипломати на работа во дипломатската мисија на Бугарија во Москва.

Тоа е одговор на руската страна, на одлуката на Софија да протера двајца руски дипломати кои бугарските власти ги обвинија за шпионажа.

И тогаш и сега, Русија ја обвинува Бугарија дека протерувањето на Русите „со ништо не било мотивирано“, откривајќи за прв пат, дека протераните биле заменици на трговскиот претставник на Руската федерација во Софија.

И обајцата, меѓутоа, со дипломатски пасоши.

Москва и во оваа прилика се брани дека Бугарија „нема доставено никакви докази“ за обвинувањето за шпионажа за двајцата руски дипломати. А, особено дека извршувале недозволиви, шпионски активности.

Протерувањето на руските дипломати, во минатиот месец, портпаролот на руското МНР, Марија Захарова, го означи како погрешно решение, инсистирајќи дека бугарското обвинување е „чиста измислица“.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе