Твитер и Фејсбук го налутија Трамп
Требаше да се очекува дека скандалот од јули, минатата година, што го предизвика претседателот Доналд Трамп, кога во телефонски разговор со украинскиот претседател Володмир Зеленски, побара од властите во Киев да покренат истрага за Хантер Бајден, син на демократскиот претседателски кандидат Џо Бајден, доколку сакаат да ја добијат (веќе одобрената) американска воена помош, Трамп и неговите ќе ја искористат во финишот на изборната кампања.
Особено што актуелниот шеф на државата, таков каков што и така како што се однесува, во изминатите четири години, не ќе може да им заборави на демократите што поради оваа афера, Трамп беше четвртиот претседател во американската историја што се соочи со постапаката за импичмент.
„Случајот Зеленски“
И, можеше лесно да биде сменет од функцијата, доколку Сенатот не гласаше исклучиво партиски (сите републикански сенатори, кои се во мнозинство, гласаа против казнувањето на Трамп).
Без разлика што беше јасно дека „уценувајќи“ го Зеленски да прифати истрага против Бајден -синот, но и таткото, претседателот на САД, во изборниот процес за изборите 2020 година, има вовлечено и еден странски државник, што е недозволиво и значи кршење на Уставот.
Приказните со обвинувања, што Трамп и републиканците ги почнаа уште пред 15 месеци, против Бајденовци, околу наводните „корумптивни“ зделки на синот Хантер во Украина и за тоа дека таткото, божем ги „прикривал“, сега, одново се појавија во американскиот таблоид „Њујорк Пост“.
Станува збор за два новински текста во кои се изнесуваат „докази“ дека младиот Бајден го запознал таткото, тогаш потпретседател на САД, со еден украински бизнисмен, каде како „докази“ се појавуваат приватни мејлови и писма.
„Њујорк Пост“ користи украден лаптоп
Тогаш на сцената се појавуваат Твитер и Фејсбук кои недозволија нивните корисници да ја споделуваат сторијата на њујоршкиот весник. Објаснувањето на овие две гигантски социјални мрежи беше дека околностите под кои се појавија весникарските приказни, експерти за странско инфилтрирање ги оцениле како максимално сомнителни.
Оценето е дека текстовите не нудат никакви докази, но најважното било што податоците содржани во написот на „Њујорк Пост“, практично, се украдени од еден лаптоп, оставен во продавница за поправка.
Сопственикот на продавницата, лаптопот што му бил оставен да го среди, овој му го предал на Руди Џулијани. Угледен републиканец, поранешен градоначалник на Њујорк, пред тоа и јавен обвинител, а сега силен поддржувач и сојузник на Трамп и личен адвокат на претседателот на САД.
Кога Џулијани видел што содржи лаптопот, веднаш им го предал на уредниците на „Њујорк Пост“ кој направиле текстови во кои (одново) се покренува темата за „сомнителното и криминално“ однесување на младиот Бајден, иако главниот удар треба да биде таткото Џо.
Мардок и Џулијани на помош
Весникот, инаку, е сопственост на медиумски магнат Руперт Мардок, кој важи за сојузник и поддржувач на Трамп за овие избори, за помалку од три недели.
Токму поради тоа, Руперт се раздели од помладиот син Џејмс, кој го напушти Управниот одбор на Њуз Корпорејшн, несогласувајќи се, медиумите на компанијата, да застанат зад секоја од политичките определби на американскиот претседател.
Кога се појавија написите, штабот на Бајден веднаш категорично ги демантирал тврдењата содржани во таблоидот. Од штабот објаснуваат дека воопшто немало таква средба за која се зборува и за која треба да биде потврдена со „документите“ што ги користел весникот при правење на написите.
Твитер соопшти дека го спречил раширување на написот од таблоидот преку оваа социјална мрежа, придржувајќи се на определбата – да се спротивставува на хакирани материјали, како и затоа што фотосите и „документите“ во написите, што таблоидот ги нуди како докази, содржат лични и приватни податоци.
Фејсбук, пак, објасни дека платформата за редуцирана дистрибуција, реагирала при проверката на фактите што се нуделе во написите (што е стандардна процедура) спротивставувајќи се на неточни и лажни вести и на дезинформации.
Закани од претседателот на САД
Претседателот Трамп, меѓутоа, реагирал гневно и налутено поради постапката на Твитер и Фејсбук. Тој дури и се заканил со контра-реакција, предупредувајќи ги двете социјални мрежи дека „ќе платат висока цена“ доколку останат на својата првична одлука и како што рекол „сокриваат докази“.
Всушност, неговата реакција очигледно ја покажува нервозата со која е опфатен и која доминира во републиканскиот изборен штаб, без разлика што изборите се далеку од тоа да се рече дека се одлучени. „Случајот Украина“ и телефонскиот разговор со Зеленски, се покажа дека може да биде означен како почеток на назадувањето на дотогаш, арогантно самоуверениот Трамп, уште повеќе што настојувањето да му се напакости на Бајден, со замешување на една странска земја го одведе на „судење“ пред Сенатот на САД.
Тогаш се разбра дека уште пред Бајден да излезе најсилен демократски претендент за номинацијата од неговата партија, за претседател, Трамп со своите најдоверливи соработници веќе работеле на дисквалификацијата на поранешниот американски потпретседател, пред гласачите.
„Максимално сомнителни“
Главната работа му била доверена на Џулијани кој дури заминал во Европа, за да бара контра-Бајден докази, посетувајќи ја и Будимпешта, но престојувајќи и во Киев. Во Украина се има среќавано со проруски противници на поранешниот претседател Петро Порошенко, настојувајќи да ги натера поранешните државни обвинители да покренат истрага против младиот Бајден, а ако треба и да прифатат да сведочат против него и против неговиот татко, што би требало да му помогне на Трамп.
Американски експерти за дезинформации, меѓутоа, ги бранат одлуките на Твитер и на Фејсбук. Еден од нив, професорот Томас Рид кој веќе има сведочено пред сенатскиот комитет за разузнавање и безбедност, тврди дека написите во „Њујорк Пост“ се „максимално сомнителни“.
„Тие се типична дезинформација, направена во стилот на техниката употребувана во времето на Студената војна. Тоа е време кога ваков тип на информации им се протурани на пониско рангирани весници, кои сепак имаат висок тираж, но поседуваат низок стандард за проверка на точноста на она што го имаат добиено и уште помалку стандарди за истражување” рекол професорот Рид.
Москва за Трамп, а против Бајден
Ваквото свое толкување, Рид го илустрира со забелешката дека весникот воопшто нема реагирано на шпекулациите дека она што им е протурено како доказ, или како документ, содржи во себе фалсификат, или едноставно, станува збор за фалсификувани „факти“.
За нив и за сите би требало главниот сомнеж да биде тоа што написите се појавуваат токму сега и директно се во контекст на актуелната изборна кампања.
За настојувањето да се дискредитира Бајден пред Американците, уште во август зборуваше директорот на Националниот центар за контраразузнавање и безбедност, Вилијам Иванина и при тоа ја обвини Русија дека одново се меша во изборите во САД, и овој пат за да му се напакости на кандидатот на демократите.
Иванина тогаш објасни дека се располага со сознанија дека Русија, пред сите другите, користи широк спектар техника за да му се наштетува на Бајден.
Во Москва него го означуваат како политичар од анти-рускиот естаблишмент во САД, што очигледно не се однесува и за Трамп. Освен тоа, на Бајден му се замера што како дел од администрацијата на Барак Обама, бил замешан во случувањето во Украина и затоа што е поддржувана анти-Путин опозицијата во Русија.
(В.А.)