Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Холандската кралска двојка вратена од Грција

"King of the Netherlands" (CC BY-NC-ND 2.0) by HereIsTom

Холандската кралска двојка вратена од Грција

Холандскиот крал Вилхем Александер и кралицата Максима кои во петокот заминаа за Грција, како што е речено, на одмор – во саботата – итно се вратија во Холандија, после неполни 24 часови отсуство, откако нивното патување предизвика бурна реакција во домашната јавност и остри критики кон владата и премиерот Марк Руте.

Кралската двојка за Грција замина со знаење на владата и со владин авион, но остро беше критикувана што одат на одмор, во странство, кога тоа „обичните“ граѓани не можат, затоа што секојдневно се советуваат да останат дома, во Холандија, да не одат надвор од земјата и дури повеќе да остануваат во своите домови, за да може да се запре натамошното ширење на вториот бран од коронавирусот.

Прекршени владини мерки

Кралот и кралицата се вратија со редовен лет на холандската авио компанија КЛМ. Во соопштението на кралската палата се вели дека кралската двојка „не сака да постои било каков сомнеж околу нивната определба за тоа дека короната треба да се стави под контрола“, инсистирајќи дека советите кои се даваат за мерките за блокирање на вирусот треба да се почитуваат.

Заминувањето на одмор на Вилхелм и Максима предизвика бранување во јавноста затоа што уследи речиси веднаш, по одлуката на владата да воведе нови и построги мерки – со делумен карантин во одделни делови од земјата и пораки да не се патува во странство, доколку тоа не е преку потребно. Секако, најмалку да се оди на одмор.

Премиерот Руте изјави дека владата и тој посебно, знаеле за патувањето на кралската двојка, признавајќи дека „со задоцнување сфатил оти нивниот пат и одмор, практично, е во спротивност со владините одлуки“, како и со сите совети од епидемиолозите – да се остане дома.

„Во едни вакви услови, неприлично е суверенот да си замине на одмор и тоа во странство” рекол Марк Руте, прифаќајки ги критиките.

Без кафулиња, ресторани, барови…

Во Холандија продолжува да расте бројот на новозаразените. Во саботата се регистрирани нови над осум илјади новозаразени, во само 24 часови, што е досега највисока бројка на дневно заразени, од почетокот на глобалната пандемија, во март.

Владата, за период од четири недели – нареди затворање на кафулињата, на рестораните и баровите, како и на „канабис кафулињата“ што во Холандија се дозволени.

Кралот и кралицата веќе по втор пат се изложени на критики во јавноста (некои велат претерани) затоа што во Грција беа на одмор и во август, кога сите можеше да патуваат на летување, посебно на југот од Европа.

Тогаш им се забележуваше дека не се придржувале на сугестиите за социјално дистанцирање, откако беа „фатени“ со приватно друштво во еден грчки ресторан.

(Р.Х.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе