Поврзете се со нас

Skopje Global

Катастрофална година за светскиот туризам

Бизнис Глобал

Катастрофална година за светскиот туризам

DimaBerlin/BigStock.com

Катастрофална година за светскиот туризам

Глобалната пандемија на коронавирусот има предизвикано катастрофални последици врз меѓународниот туризам во првите осум месеци од оваа година, кога е регистриран пад на туристичките патувања за 70 отсто – соопшти Светската туристичка организација (UNWTO).

Летната туристичка сезона во северната хемисфера беше сериозно погодена од бројните рестрикции.

Бројот на туристите кои отпатуваа на некое од одморалиштата во текот на јули беше помало за цели 81 отсто, во споредба со претходната 2019 година.

Додека во август, кога рестрикциите беа делумно повлечени, падот на туристичкиот процес беше помал за 79 отсто.

Загуби од 730 милијарди

Или, сето ова преведено во апсолутни бројки, значи дека во периодот меѓу јануари и крајот на август годинава, на глобално ниво, имало 700 милиони помалку гости и патувања до некоја дестинација за одмор.

Таквата ситуација има предизвикано огромни загуби, со пад на приходите во целкупниот туристички сектор, заедно со делот на транспортот што е директно поврзан за оваа индустрија, од цели 730 милијарди долари!

Тоа претставува пад на прометот и на приходите од ОСУМ ПАТИ, во споредба со досега рекордниот пад од 4 отсто, во 2009 година.

Ова ситуација е без преседан и незабележана во светска туристичка индустрија.

„Ваквиот огромен пад и загубите од овие размери кои имаат социјално-општествени и економски последици, се сериозна закана за милиони работни места и за исто толку различни бизниси, поврзани со туризмот“

…има речено претседателот на Светската туристичка организација, Зураб Пололикашвили, презентирајќи ги овие податоци.

Европа со пад од 68 отсто

Азија и Пацифичкиот регион, каде се појави вирусот и од каде тргна пандемијата, се најтешко погодени во првите осум месеци годинава – со пад од 79 отсто. Потоа, следуваат Африка и Блискиот Исток, со регистриран пад од 69 отсто, па Европа со 68 и двете Америки со 65 отсто.

Европа вака излегува во помалку лоша состојба, затоа што во првите два месеци од 2020 година, се изгледаше нормално.

Некои туристички компании, како најголемата во светот – ТУИ навести дека оваа година може да биде најбериќетна во нивната историја – според бројот на резервациите на стартот од годината.

На европскиот континент, освен тоа, во текот на август беше забележано (краткотрајно) заживување на туристичкиот промет, со посета на одморалиштата, посебно во реонот на Медитеранот, што сега, епидемиолозите во Европа го сметаат како главната причина од која тргна, сегашниот, втор бран на короната.

Во секој случај, се претпоставува дека на крајот од годината, европскиот туристички биланс може да биде и полош од овој забележан во првите осум месеци.

Неизвесно опоравување

Експертите се поделени околу тоа, кога би можело да се очекува опоравување, секако, откако глобално ќе се совлада пандемијата. Според Светската туристичка организација, заздравување на оваа индустрија може да има кон крајот на 2021 година.

Други, пак, сметаат дека таквите прогнози „се премногу оптимистички“ и веруваат дека за целосна стабилизација може да се зборува дури во 2022 година.

Колку за споредба, во 2019 година, глобалниот туризам има забележано раст од 4 отсто. Дури 1,5 милијарди луѓе патувале, летувале и посетиле некое одморалиште, или биле во посета на некоја светска дестинација.

Франција останува на првото место во светот, според бројот на посетите.

Втора е Шпанија, а на трето место се САД.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Бизнис Глобал

Горе