Поврзете се со нас

Skopje Global

Твитовите на Јанша предизвикаа криза

Европа/ЕУ

Твитовите на Јанша предизвикаа криза

Твитовите на Јанша предизвикаа криза

Изјавите на Јанез Јанша со силна поддршка за Доналд Трамп, на американските избори, а против избраниот Џо Бајден, како и избрзаната честитка од словенечкиот премиер до актуелниот претседател на САД, пред да заврши броењето на гласовите, предизвикаа поделба во владата на Словенија и политичко бранување во Љубљана.

Од ваквите потези на Јанша веднаш се оградија низа словенечки политички партии, меѓу кои и оние кои ја сочинуваат кревката парламентарна и владина коалиција, како и словенечкиот претседател, како и претседателот на тамошниот Парламент.

Сериозна грешка

Самиот Јанша се обидува да се одбрани на тој начин, што во својот веќе препознатлив, арогантен стил, ги оквалификува критиките како „лицемерни“.

Но сите другите, настојуваат што побрзо и побезболно да ги неутрализираат можните негативни последици од потезите кои, очигледно, на своја рака ги има преземено словенечкиот премиер.

Демократската партија на пензионерите (Десус), една од четирите членки на владината коалиција, соопшти дека пораките на премиерот за изборите во САД се промашени и претставуваат сериозна грешка.

„Но, кога веќе се случило, тогаш таа грешка треба да признае и да се изрази жалење“ – се вели во соопштението.

Министерот за одбрана Матеј Тонин, лидер на демохристијанската партија Нова Словенија (НСИ) ги осудува потезите на Јанша, па тој самиот, веќе му има честитано на Џо Бајден на изборот, сугерирајќи, тоа да го направи и неговиот премиер.

Штета за Словенија

Според Тонин, твитовите на словенечкиот премиер не и користат на Словенија во овој момент.

Тој има изјавено дека времето, набргу, ќе покаже колку тие ќе бидат и штетни за државата, додавајќи, притоа, дека „можеби Јанша е разочаран што не победи Трамп и од крајниот резултат од изборите, но тоа не ја оправдува сугестијата (на премиерот) да ги оспорува американските изборни резултати“.

-Во демократијата, изборните резултати треба да се прифатат, такви какви што се и да се продолжи понатаму- рекол Игор Зорич, претседател на словенечкиот Парламент и лидер на партијата Модерен центар (СМЦ).

Тој веќе му честитал на Бајден, како што тоа го има направено и претседателот на Словенија, Борут Пахор кој во својата честитка инсистира на пријателството и на добрите односи со главните партнери во ЕУ и во НАТО.

„Срамна и политички мотивирана“

Во меѓувреме, група словенечки интелектуалци, во писмо до американскиот амбасадор во Љубљана, изразуваат, како што рекле, „длабоко жалење “ од постапките на премиерот Јанша и од неговите пораки на Твитер, па јавно се оградуваат.

За нив, постапката на премиерот е „срамна и политички мотивирана“ и дека така не мисли мнозинството од словенечкиот народ.

Како и да е, постапките на Јанез Јанша во врска со изборите во САД, каде се избира американски претседател кој треба да им служи, пред се, на Американците и на американските интереси, во словенечката јавност се сметаат за непромислени и за потенцијално штетни за идните словенечко-американски односи.

Словенечкиот премиер во цела низа твитови од минатата недела, тврдеше дека на изборите победил Трамп, за кого претходно објави дека навива, потоа ги подржа ултра-десничарите во САД и оние кои ја оспоруваат победата на Бајден, за да на крајот директно се замеша во тамошниот изборен процес – тврдејќи (како и Трамп) дека не може победникот да го прогласат медиумите.

Вратка за Хилари?

Патем, пред четири години и Трамп го „прогласија“ за победник и за нов претседател – медиумите, откако освои 270 електори.

Не се чекаше тоа да го направи некое посебно тело, иако, тогаш Хилари Клинтон, имаше приговори за странското мешање во изборната кампања и за хакирање на седиштето на демократската партија.

Едноставно, така е тоа во Америка.

Конечно, Јанша беше првиот од лидерите во земјите од ЕУ кои му честиташе на Трамп на „изборната победа“, иако во некои од т.н. свинг сојузни држави, се уште траеше броењето на гласачките ливчиња.

Со својата постапка само го потврди своето место во друштво на европската крајна десница – таа навиваше за Трамп.

(Љ.С.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе