Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Меркел: Германија и САД заеднo против глобалните проблеми

Меркел: Германија и САД заеднo против глобалните проблеми

Германскиот канцелар Ангела Меркел, изјави дека Германија е подготвена, заедно со САД и со новоизбраниот претседател Џо Бајден, да се соочи со глобалните проблеми.

Ваквата изјава доаѓа откако Меркел му има упатено срдечна честитка на Бајден во која таа го поздравува неговото искуство во водењето на внатрешната и надворешната политика.

Такво искуство не можеше да му се припише на актуелниот претседател, ниту сега, а уште помалку пред четири години, кога ја порази Хилари Клинтон, која важеше за фаворит на хартија и на изненадување на меѓународната јавност, влезе во Белата куќа.

Меркел со Трамп имаше најблаго речено „сложени“ односи.

Почесто студени, отколку онакви какви што би требало да им приличат на две земји кои по Втората светска војна имаат изграден партнерство во рамките на вкупните транс-атлантски релации на Европа со Америка.

За разлика од тоа, во случајот со Бајден и неговиот избор, таа во едно обраќање за медиумите, истакна дека новоизбраниот претседател „добро ги познава и Германија и ЕУ“ при тоа воопшто и не споменувајќи го претседателот на САД, на заминување.

„Заедничко богатство“

Токму затоа, по подолго време, Меркел ја искористи оваа можност за да се повикува на, како што има речено, повеќе децениското пријателство меѓу двете земји, истакнувајќи го тоа како – „заедничко богатство“.

„Ние сме сојузници во НАТО, ги делиме истите вредности за достоинството, демократијата и за правната држава. Берлин и Вашингтон (затоа) мора да создадат заеднички фронт и да се соочат со големите предизвици на нашето време – рамо, до рамо – во тешките искушенија со кои се соочуваме, од сегашните, со коронавирусот, преку глобалното затоплување, климатските промени и последиците што од тоа настанува, до борбата со тероризмот.“

Станува збор за прашања за кои Европа, со досегашната администрација на САД, не можеше ниту да разговара, а камоли да може да се изградат заеднички ставови.

Трамп тераше и тера инает со сите – и дома и надвор – околу короната, прикажувајќи го (безмалку) како потежок грип, постојано потхранувајќи го кршењето на мерките кои ги застапуваат епидемиолозите, создавајќи проблеми не само во Америка, туку и на европскиот континент.

САД – главен сојузник

Од спогодбата за климата, која ја потпиша неговиот претходник Барак Обама, актуелниот претседател се повлече девалвирајќи го повеќе годишното работење на изготвувањето на заедничкиот документ на кој му пристапи целата меѓународна заедница.

Покривајќи ги сите свои изолационистички потези со својата популистичка парола „Америка на прво место“.

Според Меркел, во градењето (или поточно, во обновата) на транс-атланската соработка, мора повеќе да се ангажираат како Германците, така и Европејците, на тој начин што ќе мора да преземат поголема одговорност во ова партнерство со Американците.

„Америка беше и ќе остане нашиот главен сојузник, но таа, со право, очекува од нас да направиме за да можѓеме да ја обезбедиме сопствената безбедност и за да ги одбраниме пред светот нашите верувања“ – рекла Меркел.

Таа се повлекува во следната 2021 година, како што тоа го најави уште минатата година, па Бајден ќе биде последниот американски претседател со кого ќе соработува на крајот од својот долг стаж, како канцелар на Германија и како неприкосновен европски лидер.

Несогласување со ЕУ

Мандатот на Доналд Трамп за неа, како и за ЕУ, ќе остане запаметен како најтешкиот што Германија и Европејците го имале со еден американски претседател.

Од самото вклучување во изборната кампања во 2016, а посебно откако стана кандидат на републиканците, тој не криеше дека ЕУ ја смета за „пречка“ на американските планови.

Особено, кога му стана јасно дека ЕУ, како целина, но и некои земји посебно, не се подготвени да им аминуваат на сите потези кои ги преземаше Трамп на меѓународен план – уривајќи ги сите претходно усогласени позиции во рамките на одамна воспоставеното сојузништво.

Тој се „закачи“ за Самитот Г-7, на кој година, како контра на западноевропското противење, сакаше да покани свои гости, затоа што САД и Трамп требаше да бидат домаќини.

Како гости беа предвидени Индија, но и Русија, чие придружно членство (добиено од времето на Борис Елцин), е суспендирано поради анексијата на Крим и интервенцијата во источна Украина.

Германија и Канада се спротивставија први, а кога се спротивстави и Британија, која „војува“ со Москва последниве петнаесетина години, Трамп се повлече.

Иако се смета дека во тие планови му засмета короната, која оневозможи да не се растури практиката на летно собирање на лидерите на седумте економски најразвиени земји во светот.

Американскиот претседател сакаше да ги преуреди самитите Г-7, онака, како што тој го имаше замислено.

Недоразбирања околу НАТО

Под силен притисок беше и НАТО со кое изминатите четири години Вашингтон постојано беше во некаква расправија, најмногу со богатите во Европа кои ги обвинуваше дека својата безбедност ја гради врз американската војска на континентот и нејзините давачки за Алијансата.

Ваквото создавање криза во рамките на НАТО, најмногу им користеше на Москва и на претседателот Владимир Путин кој откако стана руски лидер, постојано зборува дека Алијансата е непотребна и претставува закана за Русија.

На удар, најмногу се најде, сепак, Германија со која Трамп не се согласуваше по низа прашања – врзувајќи го Берлин и за целата ЕУ.

Тоа се работите околу гасоводот „Северен тек“, па за американската нафта, за оданочувањето на големите американски ИТ компании, за несогласувањето со планот на Вашингтон за еден поинаков мир на Блискиот Исток, што не го одобруваше ниту ЕУ.

На крајот, тоа борење со досегашниот претседател, наспроти многу повнимателните потези што ги влечеше Стејт департментот, заврши со одлуката на Трамп – да ги казни Меркел и Германија, со повлекувањето на американските војници кои се таму после Втората светска војна.

Обнова на соработката

Официјално, тоа беше објаснето со „изменетата ситуација“ на европскиот континент, но самиот Трамп, во една прилика, тоа го разјасни така, како што изгледа – да и се одземат на Германија парите што Американците ангажирани во базите на САД, ги трошат „туркајќи ја напред“ германската економија.

Според тоа, и на ЕУ, но и на САД им е потребна обнова на соработката.

Во Брисел не забораваат дека Доналд Трамп силно застана зад англиските брегзитери и евроскептиците, навивајќи Британија да излезе од Унијата. На тој начин, дејствуваше на линија на ослабнување на европските позиции, уверувајќи го Лондон дека на Британците ќе им биде подобро надвор од Унијата.

Новоизбраниот претседател Бајден, обратно од Трамп, е наклонет кон одржување на транс-атлантското сојузништво и кон партнерство со ЕУ, подржувајќи го притоа, силно, нејзиното ширење кон последната непокриена зона – Западен Балкан.

Меѓутоа, не треба да се очекува дека тој ќе ја преврти наопаку американската надворешна политика. Сигурно е само дека таа нема да изгледа „хаотична“ како што изгледаше до сега.

И, Џо Бајден, прво, ќе ги има во предвид интересите на САД. Но, тој во секој случај, нема да ја изолира Америка и ќе го направи она на што го повика канадскиот премиер Трудо – „Ајде, најпосле, да работиме заедно“.

(Б.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе