Поврзете се со нас

Skopje Global

Можен ли е пресврт во САД!?

Свет

Можен ли е пресврт во САД!?

Red marker/BigStock.com

Можен ли е пресврт во САД!?

Повеќе од десет денови по американските претседателски избори и една недела откако Џо Бајден прогласи победа, откако ги обезбеди неопходните 270 електорски гласови, Америка и светот го очекува она, што инаку редовно се случува во таа прва недела по објавувањето на победникот – поразениот кандидат, во случајов актуелниот шеф на државата, да го покани во Белата куќа новоизбраниот претседател.

Го нема ниту она традиционално телефонирање на „првата дама“ на заминување, со онаа која ќе ја наследи.

Дури и специјалното административно тело во Вашингтон кое е врзано за владата, а што треба да ја подготви транзицијата меѓу стариот и новиот претседател, одбива да почне со подготовките, затоа што (според директорката) не може да се прифати Бајден како нов претседател – немало официјална потврда!

Обвинување без докази

Немаше ни Доналд Трамп официјална верификација на електорските гласови, кога веднаш прогласи победа над Хилари Клинтон, во ноември 2016 година, а тогашниот шеф на дражавата Барак Обама, целосно се придржуваше на усталениот протокол, па многу брзо, без да се чека на официјалните рокови, го повика својот наследник – честитајќи му ја победата.

А, токму тоа отсуствува во годинешниот финиш на долгиот и на моменти мачен изборен процес – кој почна и завршува со валкана игра на актуелната админстрација и посебно на поразениот Трамп.

Тој не ја признава победата на Бајден, продолжува да не признава дека е поразен и воопшто не смета дека процесот на избирање нов претседател на САД (практично) е завршен. Затоа и одбива да му честита на победникот.

Наместо тоа, тамошната и меѓународната јавност слушаат обвинувања за наводни „измами и фалсификати“, за „нечесно работење“ на оние кои учествуваа во броењето на гласовите, а како „доказ“ за тоа го нуди – барем јавно – само тврдењето дека „не е можно противникот да го победил, кога на почетокот од броењето тој бил во предност“!

Светот контра Трамп

Неговиот изборен штаб веќе има поднесено тужби до судовите во пет сојузни држави. Портпаролот на Белата куќа има речено дека трамповата администрација продолжува да работи,а досега умерениот државен секретар Мајк Помпео, најави формирање нова администрација на САД, што ќе ја предводи Трамп (!?).

Конечно, самиот претседател на заминување, во петокот, на своето прво јавно појавување по изборите, изјави дека „времето ќе покаже кој е вистинскиот победник“. Одби, притоа, да одговара на новинарски прашања.

Во ова меѓувреме, меѓутоа, светот ги признава и ги прифаќа изборните резултати онакви какви што се.

Во Европа, на пример, тие се познати уште истата вечер по затворањето на гласачките места. Така е обично и во САД, иако поради короната, овојпат милиони гласачки ливчиња беа испратени по пошта и сите тие (сега) се верификуваат, пред специјалните машни да ги пребројат.

Како и да е, за најголемиот дел од меѓународната јавност – Џо Бајден е победникот, па државниците во светот веќе му имаат испратено честитки на новоизбраниот претседател.

Кина тоа го направи, после повеќе денови „размислување“ – со честитка и со изјава на претставник на министерството за надворешни работи во Пекинг, за тоа дека „Кина го почитува изборот на американскиот народ“.

„Навреда за Америка“

Во САД, пак, Бајден ја „освои“ и Аризона и таквиот резултат го има прифатено и десничарската телевизија „Фокс“ која силно навива и го подржува Трамп, која изминатите четири години се претвори во некаква „официјална“ телевизија, затоа што само кај неа Трамп ги има направено сите свои телевизиски интервјуа.

Победата во Аризона, од друга страна, претставува и силен показател за подршката на Американците кон Бајден и на незадоволството од актуелниот претседател, затоа што последен пат, еден демократски претседател победил во оваа,главно, конзервативна сојузна држава, во 1996 година. Пред четири години, уверливо победи Трамп.

Сепак, телевизија „Фокс“ и десничарските медиуми, оваа вест ја објавија со коментарот дека Бајден „ја зголемил предноста“ пред Трамп. Не прифаќајки дека ја има зголемено победата, која би можела, на крајот, да биде и уверлива.

Наместо тоа, овие медиуми ја одржуваат во живот приказната на поразениот за постоењето на некаков „заговор“.

Другата страна, на ова гледа како „навреда за Америка“, како на „срамотење на САД и на милионите доброволци кои ги бројат гласови“.

Аналитичарите велат дека ваквото однесување на Трамп и неговото одбивање да ги прифати изборните резултати, само потврдуваат колку е голема неговата суета, која веќе им наштетува на САД – оставајќи впечаток дека директно работи против интересите на земјата.

Изјавата на Помпео

Но, освен штетата врз државните интереси, што се предизвикува со создавањето на сегашната, пост – изборна политичка криза, која би можела и да се продлабочи – прашањето кое некако како да виси во воздухот е – дали со својата контра – кампања, поразениот претседател би можел да му наштети и на својот наследник.

Ако треба да му се верува на Помпео, а тој не е било кој во трамповата администрација, ако е јавна тајна во Вашнгтон дека Руди Џулијани, личниот адвокат на Трамп, продолжува да „копа“ по некакви докази за тврдењето за „измама и заговор“, тогаш излегува дека Бајден може да се соочи со заканата од изборен пресврт!

Тој во изминатата недела почна да го гради својот иден кабинет и да ги прави контурите на идната администрација. Трамп, пак, продолжува да се однесува како да ќе владее до крајот на животот.

Во овој период на транзиција, кога актуелната администрација, практично, постои само како техничка влада, тој веќе смени еден министер – и тоа шефот на Пентагон, потоа, смени и двајца високи функционери во безбедносниот сектор, а се заканува дека ќе ги менува и директорите на ФБИ и на ЦИА.

Две администрации

На тој начин, излегува како Америка да се соочува,за прв пат во својата историја, да има две администрации. Што ќе рече – да се оствари заканата на Трамп, од летоска, кога зборуваше дека тој не само што нема да признае пораз, во кој инаку не веруваше, туку дека нема да ја предаде власта!?

Американски правни експерти, меѓутоа, инсистираат дека е „речиси невозможно“, да се направи пресврт во изборниот резултат и да се измени победата на Бајден, со победа на Трамп.

Медиумите го прогласија демократот Бајден за победник, откако тој ги обезбеди законските 270 електори, но и тогаш, а и сега, се уште се бројат гласовите во некои од т.н. „свинг“ сојузни држави (чии гласачи на секои избори знаат да ја сменат страната).

Така е во Пенсилванија, каде има „џепови“ каде се добројуваат гласовите.

Џорџија објави дека одново и рачно ќе ги преброи гласовите. Но, во петокот, Си-Ен-Ен објави дека по многу години, оваа јужначка држава е освоена од еден демократски кандидат. Рачно пребројување би можело да има и во Висконсин, каде Трамп има поднесено жалба.

Верификување на резултатите

Но, секоја сојузна држава има КРАЕН РОК за верификација на изборните резултати.

Во Џорџија до 20 ноември, во Пенсилванија до 23, а во Аризона, на пример, до 31 ноември.

Изборни експерти во САД, тврдат дека нема да мора да се чекаат овие рокови. Разликата во овие држави е мала, но таа, всушност, е доволно голема за да може да ги измени работите некоја тужба. Во Пенсилванија на пример, таа разлика изнесува 60 илјади гласови.

Во секој случај – вистински, законски краен рок е 14 декември, кога се среќава изборната комисија (електорскиот колеџ) за да го потврди новиот претседател, врз основа на електорските гласови што победникот ги има освоено во секоја сојузна држава.

Некои аналитичари стравуваат од можноста дека постојаните напади и однесувањето на Трамп, да предизвика – некои изборни комисии да не го почитуваат гласањето на народот.

Или, во државите каде гувернерот е од една партија, а локалниот Парламент е од друга – би можела секоја изборна комисија да го верификува своите електори. А, таква е ситуацијата во Пенсилванија, во Мичиген и во Висконсин, клучните држави каде победата му е припишана на Бајден.

Мрачно сценарио – Конгресот пресудува

Експерти за Си-Ен-Ен имаат изјавено дека едно такво сценарио е „исклучително неверојатно“. Она што нив ги загрижува, како што рекле, е тоа што, воопшто, се расправа за една ваква можност – за можноста од фалсификување на гласањето, нешто незамисливо во земја каква што се САД.

Сепак, овие експерти, потсетуваат дека за да се случи на Бајден да му се избришат освоените електори и да ја загуби остварената победа, не е доволна измената на резултатот во една од овие сојузни држави.

Потребно е тоа да се направи во неколку. Тогаш настанува блокада, а неа во тој случај ќе треба да ја разреши Конгресот на САД – на 6 јануари, за да формално го потврди новиот претседател.

Сите американски правни и политички експерти, меѓутоа, сметаат дека една ваква завршница на годинешниве претседателски избори е „нешто кое е надвор од реалноста“.

Засенување на победата на Бајден

Тие се согласуваат во нешто што изгледа многу веројатно, а тоа е Трамп, таков каков што е, и каков се покажува сега, никогаш нема да признае дека е поразен.

Вели дека оној кој се кладел на него – никогаш досега не загубил. Но, дури и да е така, неговото признавање, или непризнавање, правно и политички, сепак, не значи ништо.

Џо Бајден ќе биде инаугуриран за претседател на 20 јануари.

До тогаш, она што може да прави Доналд Трамп, тоа е да настојува да ја засени победата на Бајден и да го покрива својот пораз.

Во Вашингтон се верува дека токму тоа е и целта на сегашното инаетење околу изборните резултати и на кампањата што ја има покренато со своите најблиски соработници.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе