Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Не може во ЕУ со Живков и цар Борис

bloodua/BigStock.com

Не може во ЕУ со Живков и цар Борис

Екатерина Захариева, шеф на бугарската дипломатија, во серија интервјуа и изјави, успеа изминатите недели да ја претвори Бугарија, од пријател и добронамерен сосед на Македонија, (во што се понадевавме), во лут непријател, на кого веќе и не се знае дали може да му се верува.

Всушност, македонската јавност веќе и не знае на која Захариева би можело воопшто да и верува. Дали на онаа која навиваше за македонското членство во НАТО и за давање „зелено светло“ за почеток на пристапните преговори во ЕУ, за да освен соседи, станеме и сојузници во Алијансата, а (утре) и партнери во Унијата.

Дали на онаа која својата срдечност (?) кон Скопје сакаше да ја покаже, поканувајќи го македонскиот министер за надворешни работи, дома, за да го запознае со нејзиното семејство, или пак, на оваа сегашнава – министерката Захариева која – едноставно речено – сака сите нас, етнички Македонци во Република Северна Македонија, да не покрсти во „благонадежни и благополучни блгари“.

Одново „македонското прашање“

Така и се случува, истата таа госпоѓа која го гостеше нашиот министер, сега студено од Софија да порача – не сте подготвени за почеток на преговорите за влез во ЕУ, па затоа, не се надевајте дека ќе ви дадеме виза за старт (на министерската средба, во вторник во Брисел). А, услов за подигнување на блокадата е – Скопје  да ги исполни сите бугарски барања. Тие, пак, се врзани за т.н. „македонско прашање“!

Мислевме дека тоа е затворено кај бугарската страна со падот на комунизмот во Бугарија и со соборувањето на диктатурата на тамошниот комунистички газда – Тодор Живков. Така, некако, во деведесеттите години не уверуваше тогашниот, демократски избран, бугарски претседател Жељу Желев.

Така дејствуваше и се однесуваше и официјална Софија, кога една друга министерка за надворешни работи, силно работеше на тоа, нејзината земја, набрзина да се европеизира и ако може (преку ред) да влезе во ЕУ.

Излезе дека во Софија тоа важело само тогаш.

Сега, кога како членка на Унијата може да стави вето во Брисел, наспроти одлуката на Европскиот совет и согласноста на сите други министри од ЕУ,  Захариева секој нов ден истура квази „научни“ толкувања, прави анализи на подалечното и поблиското минато и создава националистичка тензија.

Дисквалификација на еден народ

Веројатно тоа е се уште храна за бугарските неизживени националисти. Веројатно таа верува дека така нејзината партија добива поени кај дел од домашните гласачи, но министерката од Софија успева само во едно – да ископа јаз во бугарско – македонските односи и над се, да го покаже вистинското лице на една (не)европеизирана Бугарија.

Целата работа, инаку, почна, безмалку романтично наивно – чиј е Гоце Делчев?

Само наш (македонски), само нивни (бугарски), или пак може да биде заеднички и за двете страни. Станува збор за човек, роден во 19 век, во времето на Отоманската Империја, на територијата на денешна Република Грција. Излегува како Делчев да погрешил што (уште тогаш) не ја декларирал својата национална посебност. Да го направел тоа- ќе завршеше голема работа.

Но, како одминуваше времето, а бугарската политичка криза се продлабочуваше, Захариева, која беше определена да го игра „лошиот полицаец“ на Софија, се претвораше во некаква „челична госпоѓа“ во старински, советски стил. Испорачувајќи ни едно „њет“, со извртување на работите што, инаку, самата ги покрена, за да на крајот личат само на гола, антимакедонска пропаганда.

„Крадење“ историја и ЕУ!

Во последниот пакет изјави, пред да се префрли во Брисел, таа го обвини Скопје дека (наводно) „сака сите Бугари да ги прогласи за Македонци“, потоа дека во Македонија се “негирале Бугарија и бугарскиот јазик“ , како и дека „се крадела (бугарската) историја“.

Всушност, после приказната за Гоцета, токму Софија не прекрстува и не тера да прифатиме дека сме биле од секогаш „бугари“, дека македонскиот јазик бил „вештачки“, создаден од Тито и од Сталин, дека Македонците не постојат, но ако постојат тоа е од после Втората светска војна.

И дека , затоа, сето ова Европа требало да го знае, па Софија од ЕУ има побарано- на сите документи што во Брисел се подготвуваат за преговорите со Македонија за  членството во ЕУ, не требало да стои – македонски јазик.

Откако, во меѓувреме, на бугарската јавност и има порачано  дека Бугарија „не бара во Македонија свое малцинство, зашто таму сите се „бугари“, Захариева се обидува и да го накодоши Скопје,  порачувајќи дека „не може да се сака членство во ЕУ, а во исто време и да се слави Тито“!!

Што ќе рече – треба и да се исплаши Европа, посебно онаа десничарската, со стариот комунизам, порачувајќи му на Западот дека Бугарија, блокирајќи ја Македонија, всушност, ја чува ЕУ од комунистичката идеологија – и од Русија!

Смешно би било сето ова, кога не би било тажно, затоа што се случува на крајот од дваесетте години на 21 век во Европа, во креација на еден министер за надворешни работи, во земја, членка на ЕУ.

Тито, Сталин и Димитров

Захариева, меѓутоа, освен што обвинува  дека „ во Македонија се продолжува со омразата“ кон нејзината земја, во најновата закачка, тврди дека во „таа држава“ не  само што , наводно, –  „се славел еден мрачен диктатор“, каков што бил Тито, туку  се  ПРОДОЛЖУВАЛО ОНАКА, како што тоа го ЗАМИСЛИЛЕ ТИТО/СТАЛИН. И, конечно дека, Скопје на тој начин – само и врши работа на Москва!?

Вака зборува шефот на бугарската дипломатија, а притоа покажува дека не ја знае ниту сопствената, бугарска комунистичка историја, или што е уште  полошо – ја искривува, само за да оправда нешто – што едноставно – не се оправдува.

Без никаква намера да се анализира, суди, или оправдува титовото време во поранешна Југославија, во која СР Македонија беше една од републиките, во тирадата на министерката фали и еден Георги Димитров, како и проценката на неговото време.

Не знам дали неговите години, како генерален секретар на КП Бугарија, во бугарскиот политички речник се оквалификуваат како – дикататорски – но, за Бугарите кои паметат, се познати како „димитровски период“.

А, тоа е времето кога тој со Тито, а ПРОТИВ Сталин, планираат да создадат една балканска федерација. Тоа е времето кога Софија признава македонски јазик и посебен македонски национален идентитет.

Тоа е периодот кога нема санстефански територијални претензии кон (тогаш) ју републиката, која од 1991 година е целосно независна. Какви што има сега, прогласувајќи ги земјата и народот – за бугарски.

Царистичка и комунистичка историографија

Министерката го премолчува тоа време, обвинувајќи ги Сталин и Тито за ревизијата што, инаку, ја има направено самата Софија, наспроти царистичката историографија и  политиката на бугарскиот цар Борис и на неговото време, како и на времето пред него.

Што, меѓутоа, памети европската историја? Тоа е дека бугарските војници, прво, како сојузници на германскиот кајзер во Првата светска војна, а потоа и  како сојузници на нацистичка Германија во Втората светска војна, НАВЛЕГЛЕ на територијата на тогашното Кралство Југославија, за да ја заземат и за да ја присвојат територијата на Македонија – како онаа на која е сегашна Република Северна Македонија , така и онаа на територијата во Грција.

При двете навлегувања, локалното население забрзано било прогласено за бугарско, а од сите освоени територии биле анектирани како дел од „целокупна Блгарија“.

Во воената терминологија, што ја користат и историчарите, тоа се нарекува окупација на туѓа територија. Терминот се користи и во ова, денешно време. Го има во речникот и на новинарите кои известуваат од актуелните кризни воени жаришта.

Во духот на европеизацијата, меѓутоа, Скопје може да прифати да не го користи терминот „окупација“, за да се градат добрососедски и пријателски односи, како што тоа го имаат направено Германија и Франција, во името на нивното помирување.

Тоа не значи дека во Париз се заборавило оти нацистичка Германија ја има окупирано Франција, но во духот на градењето на обединета Европа тој термин се одбегнува во политичката комуникација, во обуката на учениците. Тоа може да се направи и овде, на Балканот, во бугарско-македонското случување , со терминолошки промени во учебниците.

„Воскреснување“ на живковизмот

Не може, сепак, да се одбегне дека она што го зборува бугарската министерка е наполно идентично со толкувањето на историјата и со употребата на „македонското прашање“ во политички цели, како што тоа го правеше  Тодор Живков.

Неговата комунистичка диктатура се потпираше, освен врз слепата лојалност кон СССР и врз национализмот и лажниот патриотизам. Во тие услови, Македонија им се нудеше на масите како духовна храна, за немаштината во која живееја Бугарите во тоа време.

Според годините, Захариева не би требало сосема да не го памети. Исто онака како што добро знае дека токму во времето на овој властодржец, Бугарија направи целосна ревизија на тамошната  историографија (кон Македонија).

Едноставно, го избриша „димитровскиот период“ користејќи ги во таа операција „аргументите“ што сега ги употребува Захариева и ја прифати историјата што пред Живков,  ја има глорифицирано бугарскиот двор и  бугарскиот цар – дека Македонија е „бугарска света земја“!

Како во Унијата?

Никој во Македонија – јавно и во комуникацијата со Софија – нема побарано враќање на времето од Димитров.

Тоа е веќе внатрешна работа на бугарските влади, избрани онака како што ќе гласаат бугарските гласачи. Националната посебност и идентитет, во секоја земја, не ги определуваат политичарите како ќе им текне, или царевите. Националното чувство кај луѓето, или го има, или го нема. Тоа не се создава со навлегување војници на една територија.

Но, како и да се обидува да се оправда, Екатерина Захариева останува силно на позициите на царистичката и на живковистичката политика, кога станува збор за Македонија, а тоа е политика на национализам и на негирање на идентитетот на еден народ.

Ако е чесна, и самата знае дека сето тоа е наполно спротивно од сите европски стандарди и од стандардите на самата ЕУ. Познато е добро, што се бара (тоа се барало и од Бугарија пред влезот во ЕУ, 2007) – за да се стане членка на Унијата.

Добро е познато што се бара и за да се почнат преговори со Унијата. Тоа не се историјата и нејзините толкувања.

Затоа, сето она што го има направено бугарската министерка ја дисквалификува од правото да одлучува за иднината на Македонија и за македонските стратешки определби. Како што не може една ваква Бугарија да биде во ЕУ, кога во својата државна, во својата европска политика, се потпира врз идеологијата и историјата на цар Борис и на комунистичкиот диктатор Тодор Живков.

(Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе