Поврзете се со нас

Skopje Global

Јанша со подршка за Унгарија и Полска

Европа/ЕУ

Јанша со подршка за Унгарија и Полска

European People's Party, Janez Janša (35296923792), CC BY 2.0

Јанша со подршка за Унгарија и Полска

Словенечкиот премиер Јанез Јанша,  без никакви претходни навестувања, одлучи да им даде подршка на „бунтовничките членки“ на ЕУ- Унгарија и Полска- во нивниот судир со Унијата, осудувајќи го притоа механизмот, според кој користењето на европските фондови ( парите за развој),  се врзува со доследното почитување на владеењето на правото.

-Само некакво независно, судско тело може да каже што е тоа владеење на правото, а не едно политичко мнозинство“- има напишано словенечкиот премиер , во писмото до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

„Двојни стандарди“

Словенија, инаку, претходно, како на амбасадорско ниво, така и на министерската средба , кога е расправано за усвојувањето на  новиот европски буџет и на специјалниот фонд за санирање на последиците од короната, се нема спротивставено на новиот механизам.

Кога Будимпшта и Варшава, во почетокот на неделата, и формално,  ставија вето , словенечкиот претставник гласаше за усвојувањето на буџетот, онака како што е предложен. Што ќе рече –  со новиот механизам кој го усвои Европскиот Парламент.

Промената настана кога во сето ова, директно, се вклучи Јанша.

Не се знае што е тоа што ја има предизвикано оваа промена, иако е познато дека тој е мошне близок со унгарскиот премиер Виктор Орбан, со кого се и идеолошки истомисленици. Но,  во писмото на словенечкиот премиер  до Мишел, тој  е категоричен дека не може да го прифати новиот механизам, ниту се согласува со  условувањето  на земјите-членки. За него, тоа е само  „пример за двоен стандард“.

Брисел бара почитување на правото

Полскиот премиер Матеуш Моровјецки , полското вето за новиот европски буџет го објаснува како – спротивставување на Варшава на „ диктатот на олигархијата на ЕУ“ !

Унгарскиот премиер, пак, обвинува дека условувањето за користењето на парите од европските развојни и други фондови, претставува „ уценување“ на оние кои одбија да примат имигранти ( за време на мигрантската криза 2015/2016 година).

Јанша, (сега веќе како солидарен со двете „бунтовнички“ земји во Унијата) , смета дека станува збор за „политичка одлука“, инсистирајќи дека за прашањето – кој и како го почитува правото – не можело да се одлучува „политички“.

А, она што го предвидува новиот механизам , сепак, не претставува ништо ново и непознато. Треба само да се применува она што еднаш било прифатено.

Почитувањето на владеењето на правото, на владеењето на законите, потоа, почитувањето на независното судство, како и слободата на медиумите, се работи кои Унгарија и Полска, како две поранешни комунистички држави, мораше да ги исполнат, во периодот на пост-комунистичката транзиција и во времето на нивното пристапување кон Унијата, со до влегувањето, на 1 мај 2004 година. Инаку не ќе можеше да бидат дел од ЕУ – според истиот ред,   што Брисел  го означува како главен услов за приемот на земјите-кандидати од регионот на Западен Балкан.

„Судар со смрзнатиот брег“

Судирот на Будимпешта и на Варшава, со Брисел настана тогаш кога ове две членки почнаа да „ забораваат“ на обврските кои ги имаат преземено при влегувањето во ЕУ и да создаваат партиски држави, да ги задушуваат независноста на правосудените системи и на медиумите и постепено, што е посебно видливо во случајот со Виктор Орбан, да  изградуваат авторитарни систем, од земји-членки,  внатре во Унијата.

По неколкуте предупредувања, да се изменат некои контроверзни закони, донесени во едната и во другата држава, затоа што беа означени како спротивни на правилата на Унијата, Брисел покрена постапка против Полска  и Унгарија, откако тамошните влади одбија да ги прифатат сугестиите од ЕУ.

Словенечкиот премиер, сега, ја брани позицијата на овие две земји, спротивставувајќи и се ЕУ.

Не е познато дали при конечното разрешување на ситуацијата околу  буџетот, Љубљана целосно ќе премине на бунтовничката страна и нема да гласа за него. Проценка е дека тоа би можело да се случи, затоа што Јанша, во писмото до претседателот на Европскиот совет Мишел , оди до таму што ЕУ ја споредува со „Титаник“ , предупредувајќи ја дека може да се  „судри со смрзнатиот брег“ , па целата да потоне.

-Во таков случај- напишал словенечкиот премиер – треба да се овозможи, некој да си тргне по својот пат !

Десничарите контра либерализмот

Орбан од своја страна,  уште претходно има зборувано за наводното „казнување“ на Унгарија , како и за тоа дека сето ова е „ идеолошка пресметка“. Веројатно имајќи го во предвид  отворениот, неколкугодишен судир на неговото националистичко , десничарско гледање, со она на европскиот демократски либерализам, врз кои се потпира ЕУ.

Во Варшава,  над шест години на власт е конзервативната, десничарска и националистичка партија Право и Праведност, додека во Љубљана, со партиско прегрупирање во Парламентот, се создаде нова коалиција, па десничарот Јанша, на почетокот од годината, одново стана словенечки премиер.

Во јули годинава, по четири дневни преговори во Брисел, сите 27 земји-членки, се согласија за новиот буџет на Унијата за периодот 2021/2027 година, „тежок“ околу 1100 милијарди евра, како и за специјалниот фонд за санација на економијата на Унијата, што ќе се дели на секоја земја, вреден, дополнителни 750 милијарди евра.

(Љ.С.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе