Шпионот Полард може да си оди од САД
Поранешниот американски воен разузнавач Џонатан Полард, инаку американски Евреин, кој три децении помина во затвор, за шпионирање во корист на израелската тајна служба, конечно, доби дозвола да ги напушти САД.
Колку што се знае, ќе замине во Израел, каде ќе остане да живее, како израелски државјанин. Тој со години на ред, бараше да биде порано ослободен, за да може да се насели некаде на израелска територија, каде дел од тамошната јавност го смета за национален херој.
Во затвор до крајот
Полард работеше како аналитичар во тајната служба на американска воена морнарица. Според медиумите во САД, на таа позиција важел за врвен експерт.
Но, покрај тоа, Полард бил и израелски шпион, со години тајно доставувајќи им на Израелците врвни тајни од американското разузнавање.
Кога е откриен не бил веднаш уапсен, туку Американците тоа го направија во моментите кога шпионот се обидуваше да избега и да се сокрие во зградата на израелската амбасада во Вашингтон. Припадниците на ФБИ го имаат уапсено, пред вратата на мисија, пред да влезе во амбасадата.
Еден американски суд го осуди на доживотен затвор, но казната потоа му се намали на 30 години. Казната ја издржа до крајот. По излегувањето од затворот, беше ставен во режим на условно ослободен затвореник – во наредните пет години, од 2015 до сега.
Неговиот случај предизвика гнев во американската јавност, како и во Вашингтон, затоа што стана јасно дека со години, САД биле шпионирани од својот сојузник на Блискиот Исток, земјата која (како што се смета) Израелците треба да и биде благодарна за своето постоење и за својата безбедност.
Аферата со Полард и неговото предавање на врвни тајни на Израелците, предизвика и заладување во американско-израелските односи
Слободен по 30 години
Во САД, се појавија и мислења дека и покрај се, казната била превисока, како и дека била „резултат на гневот“ на Американците за предавството, како и на лутината од постапката на Израел.
Сега, после соопштението на американското Министерство за правда, дека Полард е целосно слободен, дека може да патува во странство – каде сака – има мислења дека конечното ослободување, објавено во време кога поразениот Доналд Трамп, треба да се повлече од Белата куќа, претставува „последен пријателски гест на неговата администрација“ кон Израел и кон актуелниот премиер Бенјамин Нетанијаху.
Без разлика што тој уште меѓу првите, му честиташе на новоизбраниот претседател Џо Бајден, за победата на изборите во САД.
(В.А.)