Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Предупредување на ЕУ до Белград

f9photos/BigStock.com

Предупредување на ЕУ до Белград

Три месеци по договорот од Вашингтон на Србија со Косово, со кој (меѓудругото) Белград се согласува да ја пресели својата амбасада во Израел – од Тел Авив, во Ерусалим – не престануваат реакциите во меѓународната јавност.

Официјален Брисел деновиве, уште еднаш, ја предупреди српската страна да не го прави тоа.

Потпретседателот на Унијата и шеф на европската дипломатија, Јосеп Борел го потсети српскиот државен врв на потребата да ја задржи својата дипломатска мисија, таму каде сега се наоѓа. Тој исто така го предупреди и Косово, да не брза со спроведување на договореното од Вашингтон, за тоа да ја отвори својата мисија во Израел во Ерусалим, без разлика што Израелците (според дилот, од американскиот главен град) тоа ќе го врзат и за израелското признавање на косовската независност.

Ускладување со ЕУ политиката

-Србија (и Косово) се определија да одат по патот на европската интеграција, па доколку е тоа така, тогаш ќе мора да дејствуваат во склад со тоа определување- изјави Петер Стано, портпарол на Борел.

А, тоа практично значи дека Србија која (формално) има започнат преговарачки процес за влез во ЕУ, треба, најпосле, да почне да го ускладува своето законодавство и својата политика кон трети земји, според позициите кои ги има Унијата.

Ова не е прв пат, од Брисел да му се испраќаат вакви, предупредувачки, пораки на Белград, особено откако на Србија и беше речено дека не може да седи на „ две столчиња“ (меѓу Западот и Истокот), покривајќи го тоа со својата декларирана (наводна) воена неутралност. Притисоците се интензивираа по потпишаниот српско-косовски договор во Белата куќа, што го менаџираше претседателот Доналд Трамп, кој сега е на заминување од фунцијата.

Резолуција на ОН од 1980 година

Суштината на сите вакви пораки е дека ниту една земја, членка на ЕУ, нема своја дипломатска мисија во Ерусалим, што Израелците, еднострано, го имаат прогласено за свој главен град, наместо Тел Авив.

Унијата се придржува на Резолуцијата на ОН, од 1980 година, според која градот останува дел од т.н. окупирани територии, се додека не се постигне конечно мировно решение и додека по дипломатски пат- не се постигне согласност за статусот на Ерусалим.

Аналитичари во Брисел и во Белград целиот комплекс од договореното во Вашингтон од пред три месеци, сега го ставаат во рамките на новонастаната политичка ситуација во САД, по тамошните претседателски избори и поразот на Трамп.

Договорот во „фрижидер“

Во Брисел и во Европа, во големо мнозинство, победата на демократскиот претендент Џо Бајден беше поздравена со одобрување и со олеснување, како прв знак за повторното враќање на САД, на меѓународната сцена и за обнова и поправање на транс-атланските односи.

Во српскиот главен град, пак, на поразот на Трамп се гледа од друг агол- како на можност сето она договорено – да се стави барем во мирување.

Некои белградски аналитичари сметаат дека новоизбраниот претседател нема да брза, за да го почне својот мандат со Балканот и со српско-косовските односи.

Се верува дека Бајден нема да се откаже од делот од вашингтонската спогодба во економскиот дел, затоа што тој е корисен и за Американците кои преку (евентуално) зголемено присуство на американски фирми во регионот, само ќе се сместат во овој дел од Европа, каде, како да ги нема со години на ред.

Оштетен углед

Но, се сигурни дека и Бајден останува на определбата дека Косово е независна држава и дека околу тоа нема да се преговара, туку само ќе се настојува односите на двете држави- како што се наведува во документите од Вашингтон- да се уредат на мирен начин и со меѓусебна согласност.

Она што во Белград веруваат дека може да се потисне и стави на „ Стенд Бај“ тоа е да не мора да се сели српската дипломатска мисија.

Тој дел од договарањето со Косово, во Овалниот кабинет на Белата куќа, белградските аналитичари го сметаат за „крајно штетен и контрапродуктивен“ за Србија и за нејзиниот углед во светот.

Не само што тој е против определбата на ЕУ, туку е и спротивен на определбите на арапскиот и муслиманскиот свет, на далеку најголемиот број земји во светот, на ОН, но и на Русија и Кина кои се против било какво принзвање на Ерусалим за главен град на Израел. Доколку српската мисија би била преселена таму, тогаш тоа, практично, би означило признавање.

Одоброволување на Москва?

Оние во Белград кои се уште веруваат дека Косово може да остане „српска покраина“ и со сите сили настојуваат да натераат африкански и пацифички држви да го повлечат признавањето на косовската независност, сега веруваат дека можеби Бајден и „ не би бил така лош“ ако и неговата администрација застане зад позициите на ОН и на европските сојузници, за статусот на Ерусалим.

Тој уште во текот на кампањата за претседателските избори ги поздрави договорот на Белград и Приштина, како и признавањето на Косово од страна на Израел. Не се изјасни прецизно за преселбата на српската и за отворањето на косовската амбасада во Ерусалим, но администрацијата на Барак Обама, каде Бајден беше потпретседател, не ја отвораше темата за локацијата на американската мисија во Израел.

На Израелците, меѓутоа, тоа им е битно, па силно лобираат по светот. Затоа, добро би им дошло и кога тоа би го направило Косово. На српската страна, пак, им е важно тоа да не се случи- само за да Израел- фактички и формално- не го прифати Косово како целосно независна држава. И особено- за да се одоброволи, сега налутената Москва.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе