Селото Факинг го смени името
Жителите на австриското село Факинг (Fucking) после многу дебатирања, поделеност и одлагања, најпосле, се согласија нивното место да си го смени името, па во иднина ќе се нарекува Фугинг (Fugging).
Локалните власти соопштиле дека целата оваа, крајно необична операција била направена, само за да нивното место повеќе да не им служи на Австријанците, но и на посетители од странство, за потсмевање и за терање, како што велат, невкусни шеги.
Општинскиот совет одлучил новото име на селото Фугинг, да почне да се применува веќе од 1 декември оваа година – изјавила за локалните медиуми Андреа Холциг, градоначалник на Тарсдорф, во чии административни рамки се наоѓа и ова село.
Тоа има само стотина жители и е сместено на околу 350 километри, западно, од Виена.
Луѓето раскажуваат дека со години на ред биле изложени на потсмев од жителите на другите села во околината, но со нив се шегувале и посетители од разни страни на Австрија, па и оние кои доаѓале од соседните држави. Посетителите доаѓале само за да се фотографираат пред таблата на која е означено (досегашното) име на местото.
А, тоа, на англиски јазик има непристојно значење. Читано на германски јазик, во досегашното име на месото, нема ништо вулгарно.
Кога снимките од таблата на селото почнале да се „шетаат“ по социјалните мрежи, луѓето конечно постигнале согласност за тоа да прифатат ново име за своето место. Сите се согласиле дека не им е потребна една ваква „светска“ слава. Досега, половината од селаните немале ништо против името Факинг.