Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Словенија со крајната десница?

taldav68/BigStock.com

Словенија со крајната десница?

Словенечката политичка сцена стана интересна за европската политичка јавност, откако актуелниот премиер Јанез Јанша му испрати честитка на Доналд Трамп, за неговата „изборна победа“ иако тоа не беше така. Честитката беше упатени додека Американците се уште ги броеја гласовите, а беше јасно дека првичното водство на Трамп, во некои изборни единици во т.н. „свинг сојузни држави“ брзо ќе се стопи кога ќе се соберат сите гласови.

Словенечкиот политичар беше и првиот од лидерите во ЕУ кои се јави со избрзана честитка, па дури и Брисел мораше да реагира, на тој начин што одби да ја коментира постапката на Јанша, колку таа да отскокнуваше од општата позиција на Унијата – да се сочека конечниот резултат, што во случајот на Америка, е кој кандидат прв ќе освои 270 електорски гласови.

Честитката не е гаф

Јанша остана и единствен во Европа (со Владимир Путин) кој не му честита на Џо Бајден на неговата изборна победа. Но, после овој „инцидент“ стана јасно дека избрзаната честитка не е само „гаф“, туку е показател за идеолошките позиции на словенечкиот премиер – а, тоа се, ултрадесничарењето, национализмот и популизмот, како и првите знаци за потенцијален евроскептицизам. Сите тие блиски, или идентични со оние на американскиот претседател на заминување.

Потоа се разбра дека работите се отидени и пошироко, затоа што како запален „твитераш“ Јанша влегувал во полемика со изборниот штаб на Бајден и со демократите на САД, расправајќи се околу нивните политички и идеолошки позиции и притоа, силно бранејќи го и навивајќи за Трамп.

Политичката јавност во Словенија изминатите осум месеци, егзистира во услови на домашното десничарење. Тоа е така од март, кога десничарската и националистичка партија СДС на Јанша, со парламентарен маневар и со прегрупирање на партиите, во словенечкиот Парламент создаде свое мнозинство и му овозможи одново да биде премиер. Сите политички партии остро реагираа на неговото мешање во американските избори, сметајќи дека земјата допрва ќе плати за штетата што ја има направено Јанша.

Не само за идните словенечко-американски односи, туку и за позицијата на земјата во ЕУ.

Контра позициите на ЕУ

Во Љубљана се проценува дека можеби повеќе штета јаншиното “допишување“ на Твитер, како агитатор на Трамп, има предизвика во односите со европските партнери, отколку со Америка. Вашингтон, под водството на Бајден, секако, нема да се занимава со малата Словенија и со нејзиниот премиер – десничар, но администрацијата на новоизбраниот претседател нема да го заборави последниот твит.

Во него – и недипломатски и некултурно – Јанша има напишано дека тој “ги почитува личните трагедии на Бајден, како и некои негови поранешни политички достигнувања, но доколку тој биде избран – секако – ќе биде еден од најслабите претседатели на САД, во нивната историја“!?

Од ваквата постапка, во Љубљана велат, останале вчудоневидени во Брисел, како и во најголемиот дел од Европската Унија, која во целина, со големо одобрување и олеснување ја има примено победата на Бајден.

И во Берлин и во Париз, но и во другите европски престолнини, победата на Бајден се означува како крај на американскиот изолационизам, како можност за обнова на транс – атлантските односи на позициите на НАТО и враќање на САД на меѓународната сцена, преку очекуваната ревизија на трамповата популистичка политика „Америка на прво место“.

Претседавање со ЕУ од 1 јули

Проблемот со Словенија на Јанша, свртена се повеќе кон крајната европска десница, за ЕУ настанува поради тоа што од 1 јули идната, 2021 година, токму Словенија со нејзиниот премиер треба да претседаваат шест месеци, со Унијата.

Тоа значи, дека во периодот кога Брисел и Европа ќе треба засилено и заеднички да работат со Американците на обновата на нарушените односи преку Атлантикот, со ЕУ ќе треба да раководи, не само еден ултра – десничар, туку и деклариран противник на Бајден, сега веќе како претседател на САД.

И словенечките аналитичари, но и сите европски сметаат дека после онаквото однесување на Јанша, во текот на американскиот изборен процес, новата администрација во Вашингтон, нема да сака да го има за свој соговорник и партнер, политичарот кој го има прогласено новоизбраниот американски претседател за „најлошото нешто“ што можело да и се случи на Америка – уште пред да биде избран!

Во меѓувреме, Јанша (за прв пат јавно) се декларираше и како евроскептик, остро критикувајќи го новиот механизам за идната распределба на европските пари, од буџетот на ЕУ, според кој, дистрибуцијата на средствата ќе се условува со владеењето на правото.

Откритието на „Зидојче Цајтунг“

Словенецот не само што застана во одбрана на блокадата и ветото на Унгарија и Полска, туку во писмо до претседателот на Европскиот совет, сугерира дека доколку се инсистира на мерки и потези кои ја водат целата ЕУ кон “ледениот брег“, тогаш треба да им се дозволи на некои (!?) да излезат од конвојот.

Ова во Брисел е разбрано како навестување дека Словенија дури би можела и да ја напушти Унијата, како резултат на несогласувањето на ултрадесничарењето што го промовира Јанша, наспроти либералната демократија врз која се потпира ЕУ.

Партијата СДС на Јанша има примено (и прима) унгарски пари за ширење на ултра-десничарењето и за сојузништво и идеолошка поддршка на Орбан и неговата исто таква идеологија, како што тоа деновиве го објави германскиот весник „Зидојче Цајтунг“ .

На словенечката политичка сцена, пак, се настојува да се изолира СДС и да и се одземе власта – онака како што оваа партија, со Јанша на чело, ја презедоа во март оваа година. Во тоа, како предводник, се јавуваат словенечките социјал-демократи, што сега ги води европратеничката Тања Фајон. Тие настојуваат да обезбедат ново парламентарно мнозинство, без организирање предвремени избори.

(Љ.С.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе