Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Молдавија бара заминување на руските војници

Кабінет Міністрів України, Volodymyr Groysman with Maia Sandu - MUS2559, CC BY 4.0

Молдавија бара заминување на руските војници

Новоизбраната претседателка на Молдавија Маја Санду побара од Русија да ги повлече своите војници кои сега се стационирани на молдавска територија, во реонот на енклавата Транс – Дњепар, должи границата со соседна Украина.

На својата прва прес конференција, откако беше избрана, Санду има речено дека „руските војници никогаш и од никого немаат добиено согласност да се истоварат на молдавската територија и да останат на неа“.

Сепаратистичка енклава

Официјална Москва, меѓутоа, го отфрли ваквото барање на претседателката на државата. Многу брзо руската страна се огласи со куса изјава дека „нема да има повлекување на војниците“, затоа што, според портпаролот на Кремљ Дмитри Песков – „таквиот чекор би довел до дестабилизација“.

Транс – Дњепар е сепаратистичка енклава, еднострано отцепена од молдавската државна територија. Таа е лоцирана долж течението на реката Дњепар и се отцепи од матичната држава во 1992 година, веднаш по распадот на поранешен СССР и по краткотрајната војна со молдавските вооружени сили.

Од тогаш го одржуваат таквиот статус – на целосно и од никого непризната територија, која е на секаков начин поврзана само со Русија.

Енклавата, економски, политички и воено е поддржувана од Москва, па таа претставува само продолжување на случаите со замрзнување на воени состојби, во поранешните советски републики. Такви се Абхазија и Јужна Осетија и двете отцепени од Грузија, или во поново време, во Источна Украина каде по руската интервенција во 2014 година, Донецк и Луганск се (практично) отцепени територии, заедно со Крим, кого Русија го анектира.

ОБСЕ намето Русите

Властите во Кишењев веќе 28 години немаат никаква контрола врз Транс – Дњепар, територија за која западни безбедносни експерти велат дека е најголемата берза за шверц и за илегална трговија на секакво оружје, а во последниве години и на луѓе. Во енклавата постојано има околу 1500 руски војници.

Маја Санду го порази на претседателските избори прорускиот кандидат Игор Додон, кој најотворено беше подржуван од Москва.

Санду (48) едно време беше молдавски премиер, а како економист, има работено во Светска банка. Таа заговара потесни врски на Молдавија со ЕУ и со Западот.

Нејзината позиција околу руските војници е тие да си заминат, затоа што од ниту една меѓународна организација немаат добиено мандат за своето присуство на територијата на една независна и суверена држава и да бидат заменети со цивилни посматрачи од ОБСЕ.

(К.М.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе