Поврзете се со нас

Skopje Global

Запалена новогодишната елка во Тирана

Брифинг/Weekly

Запалена новогодишната елка во Тирана

Alla Simacheva/BigStock.com

Запалена новогодишната елка во Тирана

Толпа од стотина демонстранти се судрија со специјалните полициски сили во Тирана и при тоа ја запалија и новогодишната елка, поставена на плоштадот во главниот албански град.

Демонстрантите во два дена протестираа против, како што велат, бруталноста на полицијата, откако еден полицаец има застрелано 25 годишно момче, кое подоцна им починало на повредите.

Демонстрантите тврдат дека момчето е убиено во услови на прекумерна употреба на сила, додека полицијата тврди дека убиениот имал оружје кај себе и дека бегал од полицајците, кога тие побарале од него да застане.

Инцидентот се случил во услови на воведениот полициски час во Тирана и во Албанија, како мерка за запирање на ширењето на коронавирусот.

Патрола на полицијата го запрела сега починатото момче, за да го легитимира, бидејќи не ја почитувал забраната за движење надвор од домот, во време на полицискиот час. Кога момчето почнало да бега, еден од полицајците пукал, како што се тврди, за да го натера да застане. Но, го погодил бегалецот.

Демонстрантите бараат сега оставка од министерот за внатрешни работи. Тој во меѓувреме има изразено жалење за трагичниот инцидент и покренато истрага за целиот случај. Полицаецот во меѓувреме е уапсен.

Тоа, сепак, не ги смирило демонстрантите кои се обиделе да навлезат во зградата на министерството, а кога не успеале во тоа, ја каменувале зградата.

Својот гнев потоа го „истуриле“ по делови од Тирана, при што настрадале новогодишната декорација во центарот и големата елка, која целосно била уништена од огнот.

Засега не се открива кои се учесници во насилничките протести. Затоа и не може да се зборува за тоа дека зад палењето на новогодишната декорација има и религиозна заднина.

Албанија е главно атеистичка земја, но за исламистите, новогодишната елка и украсувањето се сметаат за христијанска традиција.

Трамп нареди серија од егзекуции

На само 40 денови до инаугурацијата на новиот американски претседател, сегашниот шеф на државата ги користи последните свои претседателски овластувања, кршејќи ја традицијата – да не се носат позначајни извршни одлуки во периодот на транзиција на власта.

Доналд Трамп и понатаму не признава дека е поразен и продолжува да инсистира на тоа дека тој е претседател на САД (формално тоа е така), па наместо да се зафати со крајно сериозната криза со пандемијата со короната, тој нареди да се извршат смртните казни врз неколкумина осуденици во американските затвори.

Со наредбата се опфатени егзекуциите на петмина осуденици, што треба да се извршат пред 20 јануари, кога ќе биде инаугурацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден.

Според медиумите во САД и толкувањето на правниците, со тоа се прекршува 130 години воспоставената пракса – да нема извршување на смртната казна додека не заврши пренесувањето на власта, од еден, на друг претседател.

Со оваа одлука, донесена на федерално ниво, Трамп ќе остане запаметен во американската претседателска историја по тоа што има наредено најмногу егзекуции во текот на својот мандат – дури 13 до јули оваа година, без последниве пет.

Државното обвинителство по тој повод објави дека сето тоа е во склад со законот – тие луѓе се осудени на смрт.

Но, сите се согласни дека се прави преседан да се извршат дури пет смртни казни во последните шест недели на Трамп, како претседател, со федерален налог.

Од 1988 година, тоа им е оставено на сојузните држави, според тоа во која има, а во која нема смртна казна. За изминатите 32 години, имало само три т.н. федерални егзекуции, меѓу кои и онаа на терористот од Оклахома.

Ваквото решение на Трамп се разбира како спротивставување на најавите на Бајден, во текот на кампањата, за укинување на смртната казна – на федерално ниво.

Според анкета на Галуп, дури 60 отсто Американци сметаат дека смртната казна треба да се замени со доживотен затвор.

Русија го казнува Азербејџан – со домати

Русија го забрани увозот на домати од Азербејџан, инаку најголемиот извозник на овој вид зеленчук на рускиот пазар на храна.

Ваквото решение, всушност, е казна на Москва за властите во Баку и нивната 44 денови долга војна со соседна Ерменија, важен сојузник на Русија и витален партнер за руските интереси во реонот на поткавказието.

Главниот руски увозник, фирмата „Роселхознадзор“ навестува дека е многу веројатно оти ќе го прекине и увозот на турски домати и на црн пипер (бибер), што исто така се врзува за вооружениот напад на Азерите врз Ерменија и врз Ерменците во сепаратистичката енклава Нагорно Карабах, затоа што Турција беше главниот азербејџански сојузник кој воено и политички помагаше при воената интервенција.

Русија важи за најголем увозник на домати во светот.

Нејзини (досега) главни партнери беа Азербејџан, како и Турција и Узбекистан. Но, Азерите го покриваа речиси целиот руски пазар и сите потреби на оваа земја за овој зеленчук.

Тоа значи дека одлуката на Москва да го запре увозот може сериозно да му наштети на азерското земјоделство, но и на вкупниот извоз, што сега во над 90 отсто се сведува на нафтата и гасот.

Москва го уреди сегашниот прекин на огнот меѓу Ерменија и Азербејџан, според кој двете завојувани страни останаа на позициите што ги држеа, но очигледно е дека на фронтот, Азерите се победници во овој судир, а Ерменците повеќе ја немаат целосната контрола врз Нагорно Карабах.

Пред тоа, Русија на три пати се обидуваше да дојде до прекин на војната, започната на 27 септември, настојувајќи Ерменците да не доживеат пораз, но не успеа во тоа. Баку, поттикнуван од Анкара, беше цврсто определен за воена победа.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе