Поврзете се со нас

Skopje Global

Макрон во изолација во Версај

Брифинг/Weekly

Макрон во изолација во Версај

Kremlin.ru, Vladimir Putin and Emmanuel Macron (2017-05-29) 06, CC BY 4.0

Макрон во изолација во Версај

Францускиот претседател Емануел Макрон кој е позитивен на коронавирусот и во следните седум денови ќе остане во изолација е сместен подалеку од службената резиденција во париската Елисејска палата – во една од резиденциите во Версај.

Неговата здравствена состојба првично беше означена како добра, но сега се открива дека Макрон има температура, дека кашла и чувствува голем замор.

Во соопштението на неговиот кабинет се вели дека тој и од изолација ќе продолжи да ги извршува претседателските функции, но дека на неопределено време се откажани сите претходно планирани службени патувања, меѓу кои е и патувањето во Либан.

Но, од кабинетот на францускиот претседател не се открива каде и како се има заразено.

Може да е за време на Самитот на ЕУ во Брисел, но и за време на некои од бројните средби и разговори што ги имал во својата земја. Макрон (42) се пожалил дека не се чувствува добро, па веднаш му бил направен тест и при тоа било откриено дека е позитивен на вирусот. Неговата сопруга Брижит (67) исто така била тестирана, но за неа е речено дека била негативна.

Во изминатите денови, претседателот на Франција имал бројни средби и разговори со луѓето од неговата влада, па сега во самоизолација се наоѓа и францускиот премиер, иако по тестовите кој му се направени тој не е позитивен на вирусот.

Во самоизолација, следната недела ќе бидат и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, како и премиерите на Шпанија и на Португалија кои во изминатите денови се имаат сретнато со Емануел Макрон.

Фон дер Лајен: Вакцинацијата започнува на 27 декември

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен соопшти дека вакцинирањето против коронавирусот и Ковид-19, во земјите на ЕУ ќе почне на 27,28 и 29 декември, или веднаш по божикните празници, а пред Нова година.

„Ние заеднички ги заштитуваме нашите граѓани. Заедно сме посилни, па и заеднички ќе почнеме со давањето вакцина на населението во Унијата“ – има напишано на Твитер, Фон дер Лајен.

Европската комисија го очекува решението на Европската агенција за лекови (ЕМА) околу нејзината одлука за примената на вакцината на „Фајзер-Бионтек“, по што Агенцијата ќе издаде и лиценца за нејзиното користење.

Во Брисел е најавено дека одлуката на ЕМА треба да биде добиена на 21 декември, а тоа значи седум денови порано, во однос на термините кои претходно беа посочувани. Во следниот два дена од оваа Агенција треба да се добие и лиценцата, за да се почне со вакцинирањето – во сите 27 земји членки на ЕУ.

Карл Густав: Шведска потфрли со короната

Шведскиот крал Карл Густав (74) во една од мошне ретките изјави за домашната телевизија, има речено дека земјата „потфрлила во борбата со короната“.

При тоа, кралот изразил жалење за жртвите во текот на епидемијата, забележувајќи дека „премногу луѓе починаа од овој вирус“. Тој исто така изразил и загриженост за сопствениците на бројните шведски фирми за кои рекол дека се борат за да преживеат.

Според кралот Густав, Шведска посебно има потфрлено кај заштитата на старите лица во домовите за стари и немоќни. А, тоа е областа во која оваа силно развиена и социјална држава, служи за пример и за углед во Европа и во светот.

Во Шведска досега се починати над 7900 лица, што сепак, е помалку отколку во другите држави во ЕУ, но е многу повеќе отколку во соседните, нордиски земји. Но, она околу што најмногу сега се дебатира е прашањето околу „шведскиот модел“ во борбата со пандемијата.

Наспроти сите други во ЕУ и на целиот континент, кои борбата со епидемијата од почетокот ја водат со „класичните“ методи – со строги мерки за изолирање на населението, со карантин и со воведување „полициски час“, а некаде и со ограничено патување од еден град во друг, шведските епидемиолози заговараа порелаксирани мерки и создавање ситуација за правење „колективен имунитет“.

Здравствени експерти, меѓутоа, сметаат дека со таквиот модел најмногу настрадаа постарите луѓе и немоќните, за кои зборува и кралот. Со задоцнување, Шведска се откажа од својот модел, па ја ограничи работа на малите бизниси, како и движењето. Дури сега властите се определија и за затворање на училиштата и за он-лајн настава.

СЗО: Маски и дома – при семејни собирања

Светската здравствена организација (СЗО) им препорачува на Европејците да носат маски и дома, доколку се собираат на семејни свечености, во чест на божикните и новогодишните празници.

Според СЗО, Европа се соочува со голем ризик од покренувањето нов бран на ширење на вирусот, веќе на почетокот од новата 2021 година, како поради претстојните празници, така и поради сегашната висока стапка на пренесување на короната. Токму во ова претпразнично време, европските земји, секој ден, се соочени со илјадници новозаразени и со се уште голем број починати пациенти, поврзани со болеста Ковид-19.

СЗО проценува дека ризикот од нов бран може да биде последица на собирањето по домовите за божикните празници, во поголем број и со непочитување на заштитните мерки. Сугестија е луѓето, ако веќе се собираат, тоа да го прават на отворено и со одржување на пропишаната дистанца.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе