Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Софија: ГЕРБ и социјалистите во „мртва трка“

dechevm/BigStock.com

Софија: ГЕРБ и социјалистите во „мртва трка“

На стотина денови до парламентарните избори во Бугарија, двете главни партии – сега владејачката, десно-центристичка ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов и левичарската БСП (Бугарска социјалистичка партија), се во „мртва трка“ за довербата на домашните гласачи. Но, и двете со низок процент на доверба.

Кога сега би се одржале изборите, ГЕРБ (Граѓаните за европски развој на Бугарија) би освоиле 16 отсто од гласовите, додека БСП би можела да смета на поддршка од 15 отсто. Како трета партиска опција се јавува (маргиналната) партија на бугарскиот тв шоумен и пејач Слави Трифонов, која би можела да смета на поддршка од шест отсто.

Бугарски „Зеленски“

Трифонов, кого некои бугарски аналитичари го споредуваат со Украинецот Володмир Зеленски, подолго време се обидува да влезе во бугарската политика, но за разлика од „украинскиот модел“ овој во Софија е поблизок до евроскептицизмот, а неговата партија е националистички определена.

Истражувањето за расположението на бугарските гласачи, направено во екот на длабоката политичка криза во земјата, покажува дека ниту една друга партија, од оние кои сега се присутни на политичката сцена, во овој момент не би добила повеќе од шест отсто од гласачите.

Но, анкетата покажала дека и следниот состав на Парламентот во Софија би бил „шарен“ како и сегашниот, па во него се очекува да се најдат дури седум различни партии (сега се присутни пет), што нема да помогне за распетлувањето на кризата. Тоа уште значи и дека партијата на Борисов, или социјалистите, односно некоја од нив која ќе собере повеќе гласови, ќе мора да прави коалиција со малите партии за да се формира стабилна влада.

Мнозинството – неопределени

Анализата на оваа анкета, покажува и тоа дека ваквиот распоред на силите не мора да биде идентичен и во деновите пред изборите, предвидени за 28 март 2021 година. Далеку најголем број од анкетираните изјавиле дека (сега) не знаат за кого ќе гласаат и дека за тоа ќе се одлучат непосредно пред изборите.

Ова истражување е направено за да се види распоредот на силите на бугарската политичка сцена по неколку месечните улични протести, во кои демонстрантите бараат оставка на Борисов и на неговата влада.

Тие се обвинуваат за корупција и за злоупотреба на власта. Но, како сега стојат работите, поверојатно е дека Борисов и ГЕРБ, заедно со трите негови партнери во коалицијата – сите крајно десничарски и националистички обоени мали партии, предводени од тамошното ВМРО, ќе успеат да се одржат на власт, до редовните избори.

(С.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе