„Оброците -главен извор на заразување“
Угледниот француски институт „Пастер“ објави нова студија за ширењето на коронавирусот, според која – најмногу заразување се случува за време на ручек или вечера. Тоа се однесува како на јадењето дома, така и надвор, во расторан или било каков друг јавен објект каде се сервира храна.
Проблемот е во собирањето на повеќе луѓе на едно место, во затворени простории каде што маските за лице се симнати, а луѓето колку и да се држат до дистанцирањето еден од друг, што силно го препорачуваат епидемиолозите и Светската здравствена организација (СЗО), сепак во такви услови стануваат порелаксирани и помалку претпазливи.
Невнимателност и „лоша среќа“
Студијата на „Пастер“ доаѓа пред божикните и новогодишните празници, во време кога францускиот претседател е заразен и ставен во самоизолација. Неговиот случај и париските медиуми сега го користат како најдобрата илустрација за студијата на експертите на „Пастер“.
Станува збор за тоа дека Емануел Макрон (како го опишуваат медиумите) бил внимателен и се однесувал онака како советуваат епидемиолозите – секаде се појавувал со маска на лицето и се придржувал на одржувањето дистанца до два метри на сите свои бројни средби што ги имал во изминатите недели- како дома, во Париз и во Франција, така и во странство, а тоа се Брисел и седиштето на ЕУ.
Меѓутоа, откако стана јасно дека е заразен со корона, прво самиот тој има признанено дека можеби во некои ситуации бил и невнимателен, освен што смета дека неговото заразување е „лоша среќа“, а потоа медиумите открија дека Макрон присуствувал и на бројни ручеци и вечери. Сите тие биле службени и работни, затоа на нив не присуствувала неговата сопруга, која сега е негативна, но на сите такви собирања попушта самодисциплината.
За празниците – дома
А, тоа не е само појава кај шефот на француската држава кој бил „ уловен“ од тв камерите и како се има загрлено со некои високи воени функционери, честитајќи им го назначувањето на новите позиции, туку тоа е ситуација во која секојдневно се наоѓаат илјадници Французи, па затоа и бројот на новозаразените во Франција е еден од највисоките во ЕУ.
Таква е ситуацијата и во другите држави на Унијата и во другите делови од Европа, па поради тоа вториот (есенски) бран е потежок и помасовен од првиот, пролетоска, кога голем број земји ги имаат поминато полесно – со помалку заразени и со помал број жртви.
Сега, пред празниците, здравствените експерти инсистираат од владите на сите земји да ги применат најстрогите мерки за изолација и карантин- на тој начин што Божик би се празнувал само во домашни услови и тоа во максимално намален круг луѓе, од најтесното семејство, а сите масовни пречеци на Новата година, да се откажат.
Внимателно на свечениот ручек
Локдаунот се шири низ Европа и овој крај на старата и почетокот на новата 2021 година, секако, ќе биде најтмурен досега, но епидемиолозите предупредуваат на потенцијалната хаотична здравствено-санитарна ситуација доколку тоа не се направи- веќе во јануари. Без разлика на започантото вакцинирање против коронавирусот.
На тоа сега доаѓа и најновата студија на институтот „Пастер“ за тоа дека времето за ручек, или за вечера е едно од главние извори на заразувањето. Епидемиолог на овој институт за радио Франс Ентер рекол дека не се сугерира целосна забрана на божикните среќавања , туку советот е тие да се сведат на многу мал број луѓе, а за критичните моменти- како што го нарекол времето за јадење- да има малку луѓе на трпезите и во секој случај- да не седат сосема блиску еден до друг.
Американските експерти, во меѓувреме, како за нивниот празник Денот на благодарноста, така и сега за Божик и Нова година, сугерираат- таму каде е тоа можно- собирањата ( исто така во мал број) да бидат на отворено. Американскиот епидемиолог Ентони Фаучи уште на крајот на летото предупредуваше да се одбегнува јадење во ресторан.