Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Борисов се спасува со „македонското прашање“

dechevm/Bigstock.com

Борисов се спасува со „македонското прашање“

Во Софија и низ Бугарија во помал обем цело лето имаше протести против премиерот Бојко Борисов и неговата влада. Почнаа наеднаш и без некој директен повод, а сепак се создаде политичка криза која од старот изгледаше изнасилено, дури и кога на отворената политичка сцена се судрија премиерот и претседателот на државата, што беше настан без преседан во современата бугарска политичка историја.

Државното обвинителство изврши претрес (!?) во службаните простории на шефот на државата, а тој возврати со повик до „ народот“ да ја собори корумпираната власт. Едно шарено друштво од ултра-левичари, до националисти и крајно-десничари, екологисти од разни бои и активисти за подобри услови за хендикепираните лица, посебно за ваквите деца, веднаш по тоа почнаа да се собираа на софискиот плоштад и пред седиштето на владата во Софија, без малку секој ден.

Улични протести „без здив“

Но, од почетокот беше јасно дека целата таа работа е без здив, особено што претседателот набргу се повлече од јавната полемика со Борисов, откако неговото мешање во дневната политика ризикуваше да го претвори во неуставен лидер на опозицијата, од која инаку и потекнува.

Или, што ќе рече – беше јасно дека оние на улицата не може никако да го соборат Борисов, затоа што зад нив не постои никаква заедничка политичка платформа, а потоа и затоа што актуелниот премиер после три мандати важи за вешт политички играч. Конечно, за стотина денови и онака се редовните парламентарни избори, па дури ни опозициските социјалисти не сакаа сега да прават криза за предвремени избори.

Софија – анти владини протести

Последниот протест беше на 14 декември, повеќе за да се одбележи 31 годишнина од првиот анти-комунистички протест во Бугарија, во 1989 година, против диктаторскиот режим, на Тодор Живков кој со земјата владееше од 1956 година, како да е таа негова сопственост, отколку демонстрирација против актуелната власт.

Анализа на „Вашингтон Пост“

Вака угледниот американски весник „Вашингтон Пост“ ја анализира политичката состојба во соседна Бугарија, која наеднаш преку нејзините внатрешни политички состојби излезе од балканските рамки и стана европски проблем.

Во секој случај, Бугарија стана проблем за ЕУ и тоа во времето кога две други членки – Унгарија и Полска- исто така поранешни советски сателити и комунистички држави, ставајќи вето, го блокираа донесувањето на европскиот буџет и масивниот пакет финанска помош за СИТЕ земји членки на Унијата, чии економии се тешко погодени од пандемијата со коронавирусот.

Официјална Софија која беше солидарна ( барем јавно) на тој план со сите другите во ЕУ, сепак,  токму тогаш одлучи да им „удри шлаканица“ на Европската комисија, на целата ЕУ и посебно на Германија и на канцеларот Ангела Меркел, како претседавач на Унијата, на тој начин што блокираше  стартот на преговарачкиот процес на Брисел со Скопје, за влез на Република Северна Македонија во ЕУ.

Национализмот како орудие

Во моментот кога Брисел настојуваше да ја прикаже Македонија како успешна приказна и модел од Западен Балкан, како земја која на европскиот пат ( прв пат) зачекори одлучно, исполнувајќи ги сите услови кои ЕУ ги имаше побарано, бугарската влада на Борисов , се одлучи да игра по унгарскиот модел и да се спротивстави на целата ЕУ, за да докаже дека може да тера инает со Брисел.

Притоа, поставувајќи неразумни, неевропски, националистички барања кои за никого досега не биле услов во преговарачкиот процес за влез во ЕУ. Затскривајќи ги своите стари претензии, со наводното градење „ добрососедски однсои“ и со „ надминувањето на билатералните спорови“.

Во услови кога сите анкети покажуваат дека бугарската јавност и гласачите немаат  доверба во владата, но и во целиот Парламент, а на улицата ниту демонстрантите немаат никаква унифицирана визија, што навистина сакаат, за да преживее, власта се определи за старото орудие, многу често користено во минатото- (како во царска, така и во комунистичка Бугарија).

А, тоа е распалувањето на бугарскиот национализам.

Па, излезе дека и Борисов, инаку деклариран како проевропски политичар, се фати за „ македонското прашање“ – онака како што комунистичкиот диктатор Живков го користеше за да им „продава магла“ на Бугарите во времето на сивите бугарски години, исполнети со немаштина и тоталитарен режим.

Измислени територијални претензии

Во тоа враќање во мрачното и мачно минато на претензии кон Македонија и присвојување на македонската етничка посебност, актуелниот премиер ги пушти напред во првата борбена линија, лидерот на ВМРО Каракачанов,  од порано добро докажан на тој план, како и воинствената министерка, шеф на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева.

Според „Вашингтон Пост“ ,  за да може да остане на власт, Борисов го отвори „ македонското прашање“ измислувајќи територијални претензии од страна на Скопје.

Американскиот весник само се надоврзува на позицијата на низа европски медиуми, како и на некои европски определени медиуми и аналитичари во самата Бугарија, дека на овој начин вниманието на домашната јавност требаше да се сврти – од улицата и обвинувањата за корупција и за злоупотреба на власта, упатени на сметка на владата – кон расправијата со Скопје и  блокирањето на патот на Македонија кон ЕУ.

Тоа успеа, затоа што брзо стана и платформа на бугарската политика ( и на претседателот на државата) , откако набрзина, тамошниот Парламент , со посебна декларација, застана зад владата- наводно- бранејќи ги бугарските национални интереси. Сега владата уште и се покрива со доделената  „обврска“ што ја има од овој документ- да се чува Бугарија од македонските закани!?

Европа контра бугарските позиции

Опозициските социјалисти кои не се подготвени за предвремени избори, видоа шанса за себе, па му дадоа „пас“ на Борисов во неговото сврување кон национализмот, со кој и самите се прилично зафатени. За ВМРО и за сите други националисти, кои во основа се антиевропски партии, ваквиот расплет на политичката криза дојде како „подарок за Божик“.

Софиски политички експерти , меѓутоа, сметаат дека преживувањето на „шарената“ влада на Борисов, со помош на „ македонското прашање“ – во основа е спротивно на бугарските државни и стратешки интереси, затоа што подметнувањето  дека Скопје сака да присвои бугарска територија, може да и се продаде на дел од домашната јавност и тоа до изборите, но никако не може да и се продава на Европа, на ЕУ и на САД, посебно сега кога во Вашингтон претстои смена во Белата куќа.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов

Проценка е дека Борисов и неговите може да сметаат на спремноста на македонската влада за одржување добрососедство и пријателство, пред се, затоа што и е потребно тргање на бугарското вето. Но, сигурно е дека македонската јавност дури сега може да стане непријателски расположена, па во Бугарија и Бугарите да гледа непријател кој не и мисли добро на Македонија.

Тешко дека во Скопје некој би прифатил Борисов ( или било кој друг) да се пазари околу македонскиот идентитет и јазикот. Бугарскиот премиер само успеа во соседството да го врати на сцена, македонското ВМРО и нивниот национализам и антиевропско определување.

Софија против ЕУ и НАТО

Тоа, пак, значи дека сега бугарската страна- или ќе мора да ја признае грешката, или тврдоглаво да продолжи по патот за блокирање на Македонија, но и на Западен Балкан, на европскиот пат, што експертите во Софија го оценуваат како најопасно за самата Бугарија.

Се смета дека на тој начин, може Борисов , со ГЕРБ да излезат како „ патриоти“ , но сигурно е дека ќе го загубат се она што го постигнаа досега во Европа и со ЕУ и во секој случај ризикуваат да бидат целосно изолирани. Берлин, сигурно, нема да и ја заборави на бугарската страна шлаканицата и позицијата во која се постави- една членка на ЕУ од 2007 година, да се противи на проширувањето, тогаш кога тоа стана платформа на германско-францускиот мотор на Унијата.

Тоа ја става Бугарија во друштвото на државите членки кои ги поткопуваат европското единство и заеднички определената надворешно-политичка стратегија. Го блокираат навлегувањето на ЕУ во регионот каде веќе се вовлечени и роварат една Русија, пред се, како и Кина.

А тоа значи и поткопување на безбедноста на јужното крило на НАТО кое и онака е растресено со турско-грчките расправии. Сега, уште една членка на Алијансата ( Бугарија)  е насрната против друга членка ( Македонија) , блокирајќи го нејзиниот европски пат, за бесмислени работи околу тоа кој, како ќе толкува настани од историјата. Или уште повеќе- ќе бара од Македонците да се откажат од својот идентитет и од јазикот- во интерес на „ пријателството“ со Бугарија!

(С.С.Г.)

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе