Поврзете се со нас

Skopje Global

Украдената икона од Луганск, преку Москва се врати во БиХ

Западен Балкан

Украдената икона од Луганск, преку Москва се врати во БиХ

Украдената икона од Луганск, преку Москва се врати во БиХ

Позлатената икона која претседателот на Претседателството на БиХ Милорад Додик, му ја подари на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, за време на неговата неодамнешна посета на оваа земја, е вратена од Москва во Сараево.

Сега е сместена во трезорот, во кабинетот на овој српски член на Претседателството.

Според сараевските медиуми, кои се повикуваат на изјава на претставник на кабинетот, иконата ја има донесено босанскиот амбасадор во Руската Федерација.

Кабинетот на Додик, меѓутоа, и натаму тврди дека нема сознанија за тоа како иконата, за која официјален Киев тврди дека станува збор за дело кое му припаѓа на украинското културно наследство, воопшто се нашла во БиХ и уште во службениот кабинет на актуелниот претседател на Претседателството.

Скандал во Сараево

Веднаш што беше прикажана иконата што Додик му ја даде на Лавров, како „доказ за големото српско – руско пријателство“, амбасадата на Украина во Сараево се огласи со протестно соопштение дека иконата, инаку стара 300 години, што му се подарува на шефот на руската дипломатија, всушност е „украдена од Луганск“.

Станува збор за една од двете области во источниот дел на Украина што сега се под контрола на вооружените, проруски сепаратисти, силно поддржувани од Москва.

Реакцијата на Украинците предизвика дипломатски и политички скандал во Сараево.

Додик кој важи за „силен човек“ на Русија во БиХ, како и неговиот кабинет, одбија да го коментираат скандалот – на странски министер да му се подарува скапоцен предмет кој и припаѓа на трета земја, од каде (се верува) дека е украден и тоа во текот на воените судирања на Истокот од Украина.

Официјална Москва, гледајќи дека е вовлечена во скандал што може да и наштети, уште и дека би требало и за ова да се соочува со украинските обвинувања, соопшти дека подарокот на Додик го враќа назад, во Сараево.

Притоа, руското министерство за надворешни работи сугерираше и истрага околу сето тоа и побара во проверката на обвинувањата од Киев да се вклучи и Интерпол.

Украдена од платеници?

Додик, во меѓувреме, соопшти дека е заразен со коронавирусот и исчезна од јавноста, во која инаку е постојано присутен со секојдневни изјави.

Набргу потоа неговиот кабинет објави дека здравствената состојба на членот на српското претседателство е добра, но како што велат босанските медиуми, нема никакви нови информации, ниту за иконата, ниту за формално, шефот на државата.

Во Сараево велат дека тоа и не треба да чуди, затоа што работите во длабоко поделената БиХ се отидени до таму, што босанското министерството за надворешни работи за престојот на босанскиот амбасадор во Сараево (од редовите на српската етничка заедница), како и за тоа дека иконата лично тој ја има донесено, има дознаено од медиумите.

Уште при избувнувањето на скандалот, сараевски весници пишуваа дека иконата од Луганск е украдена и прошверцувана во БиХ (во Република Српска) од некои од бројните платеници од српска националност кои војуваат во Источна Украина со тамошните руски бунтовници, а против украинската војска.

(С.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе