Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Британија се раздели од ЕУ

bikeworldtravel/bigstock.com

Британија се раздели од ЕУ

Во ноќта кога светот преминуваше од една година во друга, Велика  Британија се раздели од Европската Унија, овој пат,  конечно. Барем така велат тврдите брегзитери и оние антиевропски сили во Англија кои и натаму живеат во империјалните времиња на кралицата Викторија, кога како што велат -„Сонцето во Империјата никогаш не заоѓало“ и кога Британија „владеела со светот“.

Ваквите еуфорични изјави на некои политичари , на тврдите евроскептици, или на антиевропските лондонски таблоиди,  кои повремено се слушаат  уште од времето пред референдумот, во јуни 2016 година, сосема избледеја во новогодишната ноќ.

Не дека англиските евроскептици се откажаа од своите соништа по минатото, туку повеќе затоа што и тие, како и оние кои живеат во реалниот свет на економската рецесија и на силната пандемија со коронавирусот, со кои е соочена денешна Британија, беа сосема свесни дека нема што да се слави.

Во минута до дванаесет

Цели 4,5 години траеше процесот на Брегзит, постојано растегнат меѓу прашањето- како Британија ќе се „разведе“ од Унијата. На мирен, правно-уреден начин, или пак, без никаков договор, како што и посакуваа оние кои сонуваат дека Британија е Велика, па може да си замине, така што ќе ја тресне вратата.

И згора на се, ќе биде налутена што другите во Европа не сакаат да прифатат- разделбата да биде онака како што смислиле тие во Лондон!

Договор за трговските врски на Британија и ЕУ, се постигна во „ минута до дванаесет“- на Бадник. Кога Лондон мораше да направи низа компромиси. Ратификацијата на тоа што беше договорено се изврши непосредно пред Нова година, за да може договорот од безмалку три илјади страници,  да може да профункционира на крајот од 11 месечниот транзициски период што почна на 31 јануари 2020 година, од кога Обединетото кралство, политички, веќе не беше дел од Унијата.

Изминатите месеци од тогаш, Британците останаа во заедничкиот европски пазар, како и во царинската унија уживајќи во бенифициите да тргуваат слободно со Европејците, без царини и извозно-увозни такси, продолжувајќи слободно да се движат низ просторот на ЕУ, како што тоа го правеа и досега.

За прв пат бариери за Британците

Како и да е , двете страни сега имаат договор. Британија обезбеди да тргува без царини и други давачки, но сите умерени аналитичари и сите оние кои не се убедени  дека сега ќе биде подобро, констатираат дека токму сега почнува неизвесноста од она што ја носи  разделување со континентот.

Едноставно, многу работи од договорот делуваат нејасно и многу детали дури допрва ќе треба да се доуредуваат и да се допрецизираат. Но,  оние кои сметаа и сметаат дека е направена  политичка, стратешка и економска грешка што се покрена Брегзит и што заврши со разделбата со Европа, знаат дека за обичните луѓе, за  бизнисмените доаѓа период кога  за прв пат по 48 години, Британците ќе се соочат со разни бариери- во Европа.

Британскиот премиер Борис Џонсон кој од проевропеец стана силен евроскептик, брегзитер  и своевидна „ икона“ на кампањата за излегување од Унијата, одбива да признае дека ништо нема да биде исто, како што беше досега. Барем за извесен период од шест, а можеби и 12 месеци.

Во изјава за Би-Би-Си, премиерот само ќе признае дека „ ќе има промени“- како за бизнисот, така и за луѓето, но продолжува, договорот за бегството од ЕУ, да го третира како  „историски договор“. Неговиот министер во владата Мајкл Гоув, меѓутоа, е малку поискрен , па признава дека „   патот на Британија  по Брегзит, ќе биде исполнет со нерамнини“, односно,  дека нема да биде ниту малку лесен.

„Специјален статус“?

-Ни претстои период на прилагодување на новата ситуација- вели Гоув во едно интервју, при тоа, зборувајќи за прилагодиување на правилата на ЕУ, што очигледно, Лондон, на крајот ги има прифатено за да се дојде до дил.

Овој министер признава и дека од 1 јануари ќе има промени, како практични, така и процедурални. Меѓу кои се и тие дека иако нема царина и британската стока ќе има слободен пристап на големиот европски пазар, сега извозниците од Британија ќе мора да прават царински декларации и да се занимаваат со папирологија, каква досега ја немаше.

Џонсон, сега зборува за „ почеток на еден убав однос на Британија со нејзните пријатели и партнери во Унијата. Гоув ,пак, навестува дека ( понатаму) Британците би можеле да се изборат за некаков „специјален статус“ на Британија во ЕУ (?) што ( барем досега) значеше почеток на процес за интегрирање во Унијата.

Како и да се разбере ова, сепак, засега е јасно само едно- во ноќта која пред 4,5 години се сметаше дека ќе биде ноќ на славење , полна со емоции и еуфорија – Британија ИЗЛЕЗЕ од заедничкиот пазар и од царинската унија на ЕУ, што и овозможуваше слободно движење на луѓе, на производи и на услуги меѓу земјите членки.

Ова, во секој случај, е најголемата економска промена во Британија по завршувањето на Втората светска војна.

Десет години вето од Париз

Уште во 1962 година, еден ториевски премиер Харолд Макмилан , поднесе барање за членство на земјата во тогашната ЕЕЗ, создадена без Британците во 1957 година, со Римскиот договор. Но , британското барање наиде на силното вето на Франција и на нејзиниот тогашен претседател Шарл де Гол.

Французинот, едниставно, не им веруваше на Британците.

Формално Париз стравуваше дека преку Лондон и преку британското членство , во Заедницата ќе навлезе целиот британски Комонвелт. Но, во основа, работата беше во тоа што според Де Гол, Британија и нејзините политичари не беа доволно Европејци, неспремни да се соочат со потребата да се прават компромиси за заедничките цели на европската интеграција.

На францускиот  претседател, во тоа време, му пречеше и преголемата блискост на Лондон со Вашингтон и нивните „ специјални односи“ што не одговараа на визијата на Франција за една поинаква Европа.

Контрирање на Унијата

Сепак, десет години подоцна, француската блокада беше подигната, а еден друг торевец, британскиот премиер Едвард  Хит, го потпиша пристапниот договор за влез на Британија во ЕЕЗ.  Меѓудругото и затоа што повеќе го немаше Де Гол, чии сомнежи, приговори и неверувањето во европската лојалност на Британија, во годините потоа, не  еднаш се покажаа како точни.

Во овој 21 век, еден трет ториевец, Борис Џонсон, несвесно, потврди деке Де Гол, можеби и бил во право во оние десет години инаетење меѓу Париз и Лондон.

Актуелниот британски  премиер го поништи целиот труд на своите политички повизионерски претходници, па ја извади Британија од ЕУ, нешто што ( велат ) не би го направила една Маргарет Тачер. Уште прогласувајќи го Брегзит  за враќање на “ слободата и независноста“ , откако Британија не беше дел нити од шенгенскиот договор, ниту беше во еврозоната, а ниту се согласуваше да го прифати еврото.

Британија се противеше жестоко на креирање Устав на ЕУ, кој повеќето денешни европски политичари велат дека многу недостига, па затоа се создаде компромисната Лисабонска спогодба. Сите земји членки ја потпишаа на една заедничка , свечена седница во Лисабон ( претседаваше со ЕУ Португалија) , освен Британија- нејзиниот тогашен премиер Гордон Браун ја потпиша, отпосле, сам, само во присуство на домаќинот- португалскиот премиер.

Привилегирана позиција

Конечно, Британците секогаш се расправаа со другите во Унијата, околу донесувањето на европските буџети и единствени знаеја да го блокираат, до последен момент, неговото усвојување.

А, токму Британија уште во времето кога Тачер беше во Даунинг стрит 10, после долги  убедувања и расправии со тогашниот француски претседател Франсоа Митеран, успеа да договори дил за т.н. рибејт.

Тоа значи дека на Британија и се обезеди своевиден рабат- или враќање на добар дел од средствата што Лондон претходно  ги внесуваше во заедничката европска буџетска каса, под изговор дека Британците користат малку пари за субвенционирање на аграрот. Тој износ годишно достигнуваше и до три милијарди фунти.

Со договорот од Бадник, за трговските, пост Брегзит врски, и во Лондон и во Брисел велат дека е постигнато она што го посакувале. Уште сега, министерот Гоув зборува за постигнување и согласност за  некаков „ специјален статус“ на Лондон во односите со ЕУ. Без разлика дали тоа ќе се направи, после безмалку половина век постојани тврди односи, сигурно е дека повеќе нема да има привилегиран статус за Британците.

(С.Г.)

 

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе