Поврзете се со нас

Skopje Global

Асанж се спаси од екстрадиција

Европа/ЕУ

Асанж се спаси од екстрадиција

Antwon McMullen/BigStock.com

Асанж се спаси од екстрадиција

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, поранешен австралиски хакер, па самопрогласен борец за слободата на медиумите, бегалец, самозаточеник и затвореник – со одлука на судот во Лондон, нема да биде екстрадиран во САД.

Таму е обвинет за десетина кривични дела, меѓу кои и за издавање (американски) државни и службени тајни и за шпионажа. Претходно украдени, а потоа објавени без согласност, или со знаење на Американците, на неговата интернет страница.

Во одлуката на британската судијка се вели дека барањето за екстрадицијата било одбиено „од здравствени причини“.

Психолошка состојба

Тоа значи дека при разгледување на случајот не се земени во предвид кривичните дела за кои го товарат во САД, туку неговата психичка состојба.

Во образложението за ваквата пресуда се вели дека Австралијанецот бил во „тешка психолошка состојба“, дека бил во „пред самоубиствена состојба“ предизвикана од долгото живеење во самоизолација, па дека постоел ризик тој и да изврши самоубиство, доколку биде екстрадиран во Америка.

Асанж кој претходно и не го криеше својот анти-американизам, во 2010 година, самиот се доведе во ваква ситуација. Прво, бегајќи од екстрадиција во Шведска, а потоа и од префрлањето на судење во САД.

Швеѓаните го бараа за сослушување, затоа што две негови поранешни соработнички, шведски државјанки, го обвинија дека во седиштето на Викиликс во Стокхолм ги силувал.

Според објаснувањето на тамошното обвинителство, пријава за силување се прифаќа и кога сексуалниот однос се изврши со принуда.

Осомничен во Стокхолм

Шведските власти побараа од него да дојде за да биде испрашан за обвинувањата (не како обвинет).

Тој, меѓутоа, не само што одби да оди во Стокхолм, туку ги обвини шведските власти за „соучесништво со Американците” во врска со веќе објавените материјали за однесувањето на американските војници во Ирак и Авганистан.

Тврдеше дека штом ќе дојде во Стокхолм, ќе биде префрлен во САД, иако за ваквите обвинувања немаше никаков доказ.

Во тоа време, Американците немаа ниту покренато посебна постапка против него, како сопственик на Викиликс. Шведска тогаш покрена европска потерница која се однесува за земјите членки на ЕУ, па Британците врз основа на тоа го уапсија, отворајќи постапка за екстрадиција.

Неговите поддржувачи – левичарски, британски и арапски интелектуалци, антиамерикански определени, дадоа кауција од 260 илјади фунти, како гаранција дека нема да побегне, а судот определи и куќа каде тој мораше да живее додека трае постапката.

Но, (велат таков каков што е), во тоа време Асанж успеа да се раскара и со оние кои го подржуваа, меѓу кои и со редакцијата на тогаш силно пролевичарски определениот „Гардијан“ кој, инаку, ги објави текстовите што беа ставени на Викиликс.

Особено откако некои од нив јавно го повикаа, сепак, да се јави на сослушување во Стокхолм, доколку е навистина невин и да се исчисти од сомнежите за силување.

Бегство во еквадорската амбасада

Во јуни 2012 година, кога британскиот британски суд ја потврди одлуката да биде екстрадиран во Шведска, тој побегна од куќата што му беше определена за престој и се сокри во зградата на амбасадата на Еквадор, во Лондон.

Од властите во Кито кои се обвинувани за прогонување на медиумите и за апсење и судење новинари, Асанж веднаш доби политички азил.

Еквадорците побараа да му се дозволи слободен трансфер до некои од лондонските аеродроми, тој се прогласи за бранител на слободата на весниците, но британските власти наредија блокада на зградата на амбасадата, а потоа и го обвинија Асанж дека со бегството, ја има прекршено судската одлука за условна слобода – со кауција, што во Британија е кривично дело.

Во самозаточеништво остана до 2019 година – цели седум години, се додека не дојде до смена на власта во Еквадор. Новата власт му го одзеде дадениот азил, го протера од зградата на амбасадата и дозволи британската полиција да го уапси.

Асанж беше одведен да ја издржува двегодишната затворска казна во затворот Белмарш, блиску до Лондон. Тогаш се разбра дека во тие седум „осаменички“ години, Асанж, сепак, не бил толку осамен.

Толку многу се има зближено со својата адвокатка Стела Морис што од нивното „дружење“ во еквадорската амбасада, се родени две деца.

Руска врска?

Морис пред новогодишните празници има побарано од Доналд Трамп, пред заминувањто од Белата куќа, да го помилува таткото на нејзините две деца.

Нејзиното барање само се надоврзува на шпекулациите дека Трамп е спремен да го помилува основачот на Викиликс, доколку тој јавно ги отфрли тврдењата дека Русија е поврзана со појавувањето на мејловите, претходно хакирани, што Викиликс ги објавуваше во финишот на изборната кампања во САД, во 2016 година.

Сите анализи покажуваат дека појавувањето на тие мејлови, непосредно пред изборите од пред четири години, тешко ја оштетија Хилари Клинтон, а му обезбедија победа на Трамп, за кого, инаку, силно навиваше официјална Москва.

И сега, една левичарска влада во Латинска Америка (овој пат) Мексико, се огласи со понуда до Асанж за престој (населување) на неговата територија.

Како и да е, останува впечатокот дека од сите потези на Викиликс полза во глобалното натпреварување имаше и има само Русија.

Тоа прашање за (евентуални) врски на оваа интернет страница со руските служби, не успеа да го одговори ниту истрагата на американскиот посебно назначен истражител Роберт Малер.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе