Поврзете се со нас

Skopje Global

Обид за пуч на Трамп

Во денот кога Конгресот на САД (Долниот дом и Сенатот), на секои четири години, на 6 јануари, треба да го формализираат изборот на новиот американски претседател, со гласање на конгресмените и на сенаторите, Доналд Трамп се обиде да изведе пуч!

Со помош на своите собрани и донесени од разни страни на Америка, поддржувачи, кои многу брзо се претворија во насилничка толпа, требаше да се изведе побуна на Капитол Хил, за да се уништат, или за да бидат одземени гласачките ливчиња на конгресмените и на сенаторите кои уште пред да се покрене пучот, веќе имаа гласано и да се пресметаат со политичките противници на Трамп.

Во секој случај, намерата беше да се поремети целиот процес во Конгресот и да се натераат, посебно сенаторите, затоа што (во тој момент) републиканците имаа мнозинство, да ја блокираат победата на Џо Бајден, а тоа значеше и да се попречи редовната и веќе испланирана инаугурација на новоизбраниот претседател, на 20 јануари.

Лажни тврдења за „заговор“

Намерата на Трамп кој не признава дека уверливо загуби на претседателските избори на 3 ноември, беше преку притисокот на толпата насилници, најлојалните сенатори, како и оние во Долниот дом, да го покренат прашањето за наводното „фалсификување“ на изборите на кои му била „одземена уверливата победа“ на Трамп.

Таквата стратегија, поткрепена со лажната теорија дека постоел некаков „заговор“ за насилно тргање на републиканскиот претседател од Белата куќа, требаше да го продолжи изборниот процес.

А, тоа, според планот, што Трамп го има направено со своите најблиски и најверни советници – пред сите, со личниот адвокат Руди Џулијани – требаше да се изведе со пребројување на гласовите во т.н. свинг сојузни држави, во кои разликата меѓу Трамп и Бајден беше мала, или пак, да се изнуди и ново гласање.

Изборниот пуч го закажа самиот Трамп, повикувајќи ги преку Твитер своите последни лојални поддржувачи од крајната десница и од разните расистички и ултра-конзервативни организации, да се собрат на митинг – протест во Вашингтон, на денот на кој формално требаше да се потврди изборната победа на Бајден.

Претходно, електорите веќе тоа го направија, потврдувајќи дека Бајден победил со освоени 306 електорски гласови. Трамп на изборите има добиено 232 електори.

Бандите на поразениот

Поздравувајќи ги во Вашингтон, Трамп ги нарече „вистински патриоти“, одново тврдеше дека изборите се фалсификувани и порача дека „никогаш нема да признае дека доживеал пораз“ и практично – ја поттикна побуната.

Американската и светската јавност, за прв пат гледаше шокирачки сцени кои не доаѓаа од некоја „банана-република“, туку од Вашингтон, какви што никогаш досега немаат видено и какви никогаш досега се немаат случено во американската политичка историја.

Симболот на демократијата на САД – Конгресот – беше изложен на напад од Американци – лажни патриоти, како што ги нарекоа и некои републикански симпатизери, а потоа и „трамповата банда“ присобрани да го бранат поразениот кандидат на изборите и неговите недокажани и лажни тврдења дека „победил, но дека победата му ја украле со фалсификувани избори“ .

Шок во Америка

Јавноста во Америка не можеше да верува во она што го гледаше – како насилничката толпа навлегува во зградата на Конгресот, ги крши прозорците и уништува се пред себе, одејќи од канцеларија до канцеларија, барајќи ги оние со кои требаше да се пресметува.

За момент, изгледаше како Конгресот и да е освоен, откако се појави фотографија како еден од „освојувачите“ прави селфи, седнат во канцеларијата на Спикерот Ненси Пелоси.

Уште во текот на „освојувачкиот поход“ на трамповата банда, како што ги нарече Џо Бајден, американските медиуми почнаа да вадат податоци дека оваа побуна, во која американската полиција се бореше со американските бунтовници, дојдени да го освојат Вашингтон за Трамп, е прв ваков случај во историјата.

Последен пат Вашингтон бил бранет пред 250 години, кога во него навлегле британските сили и потоа повлекувајќи се го запалиле, но Американци го бранеле од една странска сила – тогаш и никогаш повеќе.

Во овие безредија има и жртви. Една жена е почината, откако насилниците пукале во неа од огнено оружје, а подоцна се разбра дека загинале и три други лица.

Повредени се на десетина полицајци и припадници на безбедњаците во Конгресот, од кои некои се во болница, а засега се зборува за дваесетина уапсени бунтовници.

Полициски час во Вашингтон

После неколку часови, полицијата го „ослободи“ Конгресот од трамповците, потиснувајќи ги надвор од зградата. Претходно, конгресмените, сенаторите и потпретседателот Мајк Пенс, беа одведени на безбедни локации, па колку што се знае меѓу нив нема повредени.

Градоначалникот на американскиот главен град прогласи полициски час – од 18 часот по локални време (полноќ, по средноевропско), во следните 12 часови, што неколку часови по тоа, оние највоинствените кои од сите страни беа „заробени“ од полицијата, не го почитуваа.

Веќе во 20 часот по тамошно време, Сенатот ја продолжи дебатата и при тоа се разбра дека вработените во Горниот дом, успеале навреме да ги изнесат и да ги спасат гласовите на сенаторите, сместени во специјални кутии.

Во Долниот дом, како што јавуваа американските ТВ станици, продолжило броењето на гласовите.

Трамп повикува на бунт

Веднаш по гледањето на шокирачките сцени, прв реагираше новоизбраниот претседател Џо Бајден.

Тој остро го осуди нападот на, како што рече, бандите на Трамп, означувајќи го насилството и навлегувањето во Конгресот како напад врз демократијата, врз Уставот и врз државните институции на САД.

Потоа, побара од бандите да се повлечат и го повика Трамп да им нареди да си заминат од конгресната зграда.

Тој брзо се огласи од Белата куќа, но неговата порака во никој случај не може да се означи како смирувачка. Трамп, навистина, повика да си одат дома, откако „ја завршиле својата работа, како вистински патриоти“, но продолжи со лагите за изборна измама и при тоа побара од „чесните сенатори и конгресмени, да ја завршат својата работа“!

Со остра порака се огласи и поранешниот републикански претседател Џорџ Буш кој по истекот на неговиот мандат многу ретко е присутен во јавноста, но уште од пред четири години тој не го подржуваше Трамп, ниту како претседателски кандидат, а ниту како шеф на државата.

Страв во последните две недели

Во пораката, Буш ги оквалификува настаните на Капитол Хил и упадот во Конгресот како побуна, означувајќи ги како „срамота за Америка и осрамотување на Америка пред светот.

Сега се настојува да се утврди дали Доналд Трамп би можел да одговара за покренувањето пуч против изборните резултати и создавањето хаос во Вашингтон и во државата, особено што сето ова доаѓа по неговото барање од висок функционер на Џорџија, да му обезбеди гласови, за да може да ја оспори победата на Бајден во оваа сојузна држава, која инаку важи за традиционално упориште на републиканците.

Уставни експерти, пак, сметаат дека е опасно Трамп да се остави без контрола во преостанатите 14 денови, дека би можел да предизвика уште некој и можеби и поголем хаос.

Затоа, се сугерира да се покрене уставниот амандман 25, за да се смени поразениот претседател на САД и неговиот мандат да го доврши потпретседателот Пенс.

Дали е тоа можно и дали има воопшто време за една ваква правна операција е големо прашање.

Но, американските аналитичари се согласуваат дека Трамп станува опасен за Америка, за нејзината демократија и за ситуацијата во земјата.

САД би можеле да се соочат со домашен тероризам, доколку „господиниот во Белата куќа“ не биде исклучен од можноста да одлучува, користејќи ги големите овластувања што ги има.

Едноставно, како врховен командант може да покрене воена управа и вонредна ситуација.

Сега, кога Конгресот, во раните утрински часови, и во двата дома го потврди изборот на Џо Бајден и на Камала Харис, за претседател и потпретседател на САД, прифаќајќи ги изборните резултати и електорските гласови.

(В.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе