Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Америка чека разврска

abracadabra99/Bigstock.com

Америка чека разврска

Поразениот Доналд Трамп , сега соочен со можноста да биде до крај понижен, така што може да биде тргнат од функцијата, во овие изминати 48 часови што ги потресоа Вашингтон и Америка, настојува на секој начин да ги „ испере рацете“ од злосторството што го има предизвикано.

Во посебно соопштение, тој го осудува она што самиот го покрена и што самиот го има изградено во изминатите четири години- ширејќи омраза, создавајќи идеолошки и расни, меѓуетнички и социјални поделби, продавајќи го секогаш опасниот популизам како некоја нова американска политичка филозофија.

Трамп сега, како ништо да не било без негово знаење и потикнување, го осудува насилството во настаните околу и во Конгресот на САД !

Грешка со изборот на Трамп

Америка, уште еднаш се соочува со превртливите и опасни игри на човекот кому во 2016 година му даде мандат да ја предводи државата и ужасно многу погреши- затоа што избра ПОГРЕШЕН човек за лидер на слободниот свет, како обично се нарекуваат американските претседатели. Американците беа предупредувани ( од внатре, од сопствените разумни луѓе да не го прават тоа) , но тие не послушаа, веројатно, поради некои свои сметки, заблуди, или фрустрации.

Или, можеби, затоа, што во основа, либералната Америка е сепак малцинство, во однос на конзервативната, на онаа десничарската и расистичката, онаа која брани „бела супремација“ , која мрази дојденци, иако сите Амери се токму тоа. Не изненадува, затоа,  што во тоа друштво на „трамповите банди“ ќе се најдат и многу „нашинци“-балканци, секако и многу етнички Македонци, кои веруваа и се уште веруваат дека некакви „ мрачни (левичарски) сили“, некакви „тајни (анти-фашистички) заговорници“ му ја имаат „одземено“ победата на тешко поразениот „ голем патриот“ Доналд Трамп.

Па, во стилот на сите автократи и лажни „патриоти“ и тој сега брзо се обидува да „избега“ од злото што го создаваше и го создаде, па едноставно, ги предаде своите „ војници“. Ги осудува за нападот и упадот во Конгресот на САД, тврдејќи дека она што го направиле претставува „ осквернување на американската демократија“ и дека сите кои го „имаат прекршено законот, ќе одговараат за тоа“ !?

„Мирна транзиција“?

Трамп сега им порачува на сите нив (другите повеќе во ништо не му веруваат) дека се свртува кон „ непопречена и мирна транзиција“ , како што рекол- сега кога Конгресот ги призна изборните резултати, за биде инаугурирана новата администрација,  промовирајќи ги Џо Бајден и Камала Харис, за новиот претседател и потпретседател на САД.

„Сега сум насочен кон мирен пренос на власта. Сега ни треба помирување и лекување“- рекол Трамп.

Сето ова, меѓутоа, доаѓа многу доцна, на десетина денови пред инаугурацијата, што ќе се изврши на истите тие скалила на кои американски полицајци ги бранеа Конгресот и Сенатот, Уставот и државните институции, од Американци- исфрустрирани и излажани за да станат бунтовници. Точно е само дека на Америка и треба и помирување и лекување и тоа е работа (многу тешка) која ја презема новата администрација, но ова не може да биде извинување за покренатиот ПУЧ , ниту претставува признание на поразот.

Серија оставки во Белата куќа

Ова претворање на разулавениот политичар, во мирен „демократ“ е резултат само на жестокиот притисок со кои е соочен од внатре, од демократски определените републиканци , исплашени дека ќе ја загубат и партијата, откако ги загубија и двете места во Сенатот и тоа во „ нивната“ Џорџија, откако го загубија мнозинството во Сенатот и откако Трамп се соочи со реалната можност  да остане без целата своја влада, по серијата оставки во неговиот кабинет и во администрацијата.

Дури и еден Ричард Никсон, во екот на аферата „Вотергејт“ , притеснат од доказите и од можноста низ импичмент да биде сменет, си поднесе оставка, за да колку, толку се зачува достоинството на функцијата претседател на САД.

По се она што Америка и светот видоа од побуната на трамповите банди, или како сега ги нарекуваат терористи- поради жртвите во насилството- Трамп треба да си даде оставка. Иако е на крајот од неславниот и секако најлошиот мандат на еден шеф на државата, тој самиот требаше да се повлече и да го остави Мајк Пенс да ја заврши работата.

Наместо тоа, Доналд Трамп сега ја „ брани“ демократијата, бранејќи се себе си и настојувајќи да се спаси од поголеми и посериозни обвинувања, колку и тие ( во овој момент) да изгледаат малку веројатни. Човекот што го замени Никсон, тогашниот потпретседател Џералд Форд, веднаш го помилува својот дотогашен шеф од било какво кривично гонење. Многу е веројатно дека и Пенс тоа би го направил, да се најде во една таква ситуација.

Се чека разврска за пучот

Но,  американската јавност сега очекува разврска за пучот- за виновниците на покренувањето на насилствата и газењето на демократијата-  во кои има жртви- само за да може да се остане на власт и покрај уверливиот пораз. Затое е големо прашање- колку е Трамп искрен и колку е подготвен- навистина- да го заврши мандатот , во деновите до 20 јануари- мирно, демократски и сосема транспарентно.

Голем дел од Американците, домашните аналитичари и правни експерти, сметаат дека тоа не може го спаси од одговорност, па затоа се бара уште сега тој да биде санкциониран за она што го направи. Сам или потикат од своите најблиски и најлојални соработници. Велат дека од нив доаѓале советите- да се „притисне“ Конгресот, да не се признава поразот , да се бара судски спор за изборите во свинг сојузните држави и дури и да се употреби американската армија- за да се конфискуваат машините кои ги броеле гласачките ливчиња.

Никогаш САД не биле во ситуација, да се потикнуваат делби и омрза и ултра-десничарење, со расизам од самиот врв на државата.

Затоа и лидерот на демократите во Сенатот Чак Шумер бара од потпретседателот Мајк Пенс, да ја преземе претседателската функција. Според овој сенатор, Трамп не може повеќе да ја води Америка и да биде врховен командант, па бара Пенс и од администрацијата, да го применат амандманот 25 од Уставот.

Сменување или импичмент

Спикерот во Конгресот, Ненси Пелоси, пак, најави дека доколку ова не се направи, таа ќе побара од Долниот дом да покрене постапка за импичмент против Трамп.

Има мислења дека , едноставно, нема време за тоа, поради сложеноста на правната постапка за отповикување на шефот на државата од функцијата, освен само таквата постапка да се активира. Особено што демократите ќе го имаат Сенатот под своја контрола, по 20 јануари кога ќе биде инаугурирана Камала Харис како потпретседател.

Во секој случај, кулата што ја градеше Доналд Трамп,  за една популистичка Америка, десничарска и расистичка, се урива како да е од карти.

Како стојат работите, тој  сега е отфрлен и од своите, во партијата и во администрацијата, колку тие  јавно да не се изјаснуваат. Таа работа ја запечати Пенс кој одби да го послуша својот „газда“ да прави пуч со него против демократски избраниот претседател.

Го остави сам со своите истомисленици- толпата уличари и насилници, со „ испрани мозоци“ кои улавеејќи на Капитол Хил,  се фалеле дека дошле во Вашингтон за да го одбранат ВИСТИНСКИОТ победник на изборите- тврдејќи дека е тоа Трамп!?

(В.А.)

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе