Поврзете се со нас

Skopje Global

Конгресот подготвува импичмент-2 за Трамп?

Свет

Конгресот подготвува импичмент-2 за Трамп?

"Nancy Pelosi" (CC BY-SA 2.0) by Gage Skidmore

Конгресот подготвува импичмент-2 за Трамп?

Демократите во Долниот дом на американскиот Конгрес се одлучни во тоа да се покрене (нова) постапка за импичмент (отповикување) на претседателот на заминување.

Тоа би можело да се случи уште во понеделник (на 11 јануари), што значи, на само девет денови до инаугурацијата на новиот шеф на државата. Демократското мнозинство би можело и без гласовите на републиканските конгресмени да одлучи за една ваква постапка.

Спикерот Ненси Пелоси уште по нападот и окупацијата на Конгресот, веднаш навести дека ќе бара импичмент за Трамп, доколку тој не поднесе веднаш оставка, обвинувајќи го дека ја има поттикнато побуната, во која покрај срамниот удар врз американската демократија и Уставот, загинаа и пет лица, меѓу кои и еден полицаец.

Нацрт – документ од скривалиште

Белата куќа веднаш реагираше со отфрлање на импичментот, оквалификувајќи го како “политички мотивиран“ потег, за кој се тврди дека „само би можел да придонесе за понатамошни поделби во државата“. Но 160 конгресмени веќе имаат потпишано нацрт – документ, уште додека сите биле во скривалиштата на конгресната зграда, во време на нападот на протрамповата толпа ултрадесничари и расисти.

Доколку, навистина, ваков процес биде покренат, тоа ќе биде по втор пат против Доналд Трамп.

Во декември 2019 година, беше покрената постапка за импичмент откако се разбра дека претседателот на САД, во телефонски разговор со украинскиот претседател, практично, ја има уценето Украина така што американската воена помош за Киев ја условил со покренувањето истрага против синот на Џо Бајден кој во еден период има работено за една тамошна фирма, како претседател на нејзиниот управен одбор.

Меѓутоа, Сенатот во Вашингтон, што тогаш беше под силна контрола на републиканците, не ги прифати обвинувањата (на Долниот дом), па сенаторите, сложно, партиски, го одбранија Трамп.

Републиканците – против

Во секој случај, досега немало случај во американската политичка историја, еден претседател на два пати да се соочи со отповикување од функцијата.

Политички експерти проценуваат дека мала е можноста тоа да се случи, затоа што и последните случувања покажуваат дека – каков и да е – Трамп има доста свои луѓе, ко во овие моменти не би прифатиле уште една постапка за отповикување, втора по само тринаесетина месеци.

Навистина, двајца умерени републиканци во Сенатот (еден од Аљаска и еден од Род Ајленд) се согласуваат со тоа дека Трамп треба да биде обвинет за случувањата со нападот врз Конгресот и Сенатот, но се чини дека тие (засега) се во малцинство.

Медиумите откриваат дека во еден интерен меморандум на републиканците – сенатори се посочува немањето време за целата оваа постапка. Според меморандумот, ако се прифати импичмент, тој не би можел да почне пред 19 јануари, што значи на само еден ден пред заминувањето на Трамп од Белата куќа и инаугурацијата на новоизбраниот претседател.

Симболично значење

Така гледано излегува дека постапката за отповикување би имала само симболично значење – за да биде и запишано во конгресните документи дека тој е директно одговорен за инвазијата врз Конгресот, за побуната, за пучот што го градеше изминатите недели, непризнавајќи го поразот на изборите, покривајќи го неуспехот со лажното тврдење дека „победата му била украдена“ во некаков “таен заговор“ за негова политичка елиминација.

Уставни експерти, меѓутоа, се поделени околу тоа дали Сенатот би можел, воопшто, да ја спроведе постапката, што ќе рече, да одлучува во улогата на порота, во случај против Трамп кога тој веќе и нема да биде претседател.

Ако биде прогласен за виновен тој ќе ги загуби сите бенефиции што му следуваат како на поранешен шеф на државата. Сенаторите, пак, може да гласаат на Трамп трајно да му биде забрането да може повторно да извршува некоја јавна функција.

Автономија на Конгресот

Останува сега да се види дали Пелоси и демократите во Конгресот ќе истраат во својата намера. Медиумите во Вашингтон тврдат дека истакнати републиканци го “молеле Бајден да интервенира“ за да не се покренува импичмент и тоа уште еднаш.

Тој веќе изјави дека не сака да се занимава со тоа прашање, повикувајќи се на автономијата на Конгресот, но при тоа, Бајден има речено дека “подолго време претседателот Трамп не е способен за функцијата што ја има“.

Целата оваа ситуација околу импичментот доаѓа откако потпретседателот Мајк Пенс не се согласи со предлозите – дури и од некои луѓе во републиканската партија – да го примени амандманот 25 од Уставот на САД и да го смени од функцијата претседателот – како неспособен да просудува и да ја предводи Америка, кога можеше да поткине пуч и напад врз Конгресот.

Пенс се дистанцира од Трамп

Пенс кој одигра важна улога во конечниот пораз на Трамп – одбивајќи да биде дел од замислениот пуч и да покрене во Сенатот постапка за изборните резултати, што, практично, ќе ја блокираше победата на Џо Бајден, сепак, одби и да го смени претседателот на заминување.

Особено, како што беше речено, откако Трамп јавно ја осудил толпата насилници и побарал сите строго да бидат казнети.

Мајк Пенс, во секој случај, во настаните од средата, покажа дека потпретседателот на САД не е пензионерска функција, како што некои сакаат да ја опишат. Тој помогна, дистанцирајќи се од Трамп кој му вршеше притисок да не го остава, брзо да се воспостави ред во Конгресот, за да после четири часови, продолжи формалната распарава со која секои четири години се финализира изборниот процес.

Конечно, тој најави дека ќе присуствува на инаугурацијата на новиот претседател, во обидот на сегашната администрација – колку толку – да ја запази традицијата и историјата на пренос на власта после изборите, кога веќе поразениот досегашен претседател – соопшти дека нема да се појави на Капитол Хил.

(В.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе