Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Трамп со втор импичмент – САД под закана

digitalista/Bigstock.com

Трамп со втор импичмент – САД под закана

Никогаш до сега во американската историја еден претседател на САД не бил два пати обвинет, со покренување постапка за отповикување (импичмент) додека бил на функција, како што тоа му се случи на Доналд Трамп.

Никогаш до сега, исто така, еден претседател не успеал толку многу и до тој степен да ја подели и да ја раскара Америка, со своето управување и ширење омраза во американското општество, со секое свое обраќање кон јавноста и со секој свој напис на социјалните мрежи, како се уште актуелниот шеф на државата.

Никој пред Трамп нема повикано толпа разулавени ултра-десничари, расисти и улични насилници, прикажувајќи ги како приврзеници на еден (веќе) дезориентиран претседател, да го нападнат Конгресот на САД. Никој (колку што се знае) ниту помислил да го брани својот изборен пораз со организирање изборен пуч, со намера да му се одземе заслужената победа на политичкиот противник и -практично- да се поништи волјата и изборот на гласачите, упорно лажејќи дека изборите се фалсификувани.

Два пати поразен

Затоа , и за прв пат во својата историја, по граѓанската војна од пред 160 години, САД живее во стравот дека обидот за пуч од 6 јануари, може да се повтори.

Овој пат , со употреба на огнено оружје (!?) од Американци кои како божем ја бранат демократијата (олицетворена во Трамп) , што би било насочено против другите Американци кои не мислат како нив и кои се убедени дека не може НЕКАЗНЕТО  да се помине преку повикот за побуна што го направи досегашниот претседател.

Познато е како воопшто овој њујоршки милијардер, познат повеќе по своите настапи на телевизија, стана прво, претседателски кандидат, а потоа, со силна пи-ар екипа беше истуркан да биде и номиниран за претседател (покрај неколкумина квалитетни, млади републикански политичари), за да на крајот биде и избран за претседател,

Но, при гласањето на Американците и во дуелот со Хилари Клинтон, во ноември 2016 година, тој загуби од неа, добивајќи 3,5 милиони помалку гласови , станувајќи претседател преку (одлучувачките) електорски гласови. Тоа уште поуверливо му се случи на изборите 2020, во дуелот со Џо Бајден. Заостана зад него за 7,5 милиони народни гласови и уверливо беше поразен кај електорското гласање.

Втор импичмент за една година

Неспособен да прифати пораз и уверен дека водењето на САД е исто како и раководењето на неговите бизнис компании, Трамп целосно ја загуби контролата врз себе и врз управувањето со Америка, претставувајќи на крајот од мандатот и закана за неа –  за нејзиниот углед во светот и за нејзината демократија- која со децении на ред се прикажува како пример.

Работите отидоа до таму што се размислувало  за употреба на армијата во изборниот процес, со воведување воена управа (!) за да може да се нареди запленување на машините за броење на изборните гласови- само за да се најде доказ дека навистина имало „фалсификат“ и некаков „ таен заговор“.

Не прифати ниту дека 17 судови на САД- на федерално и ниво на сојузните држави- не се согласија дека имало било какво фалсификување, па во очајот и непризнавањето на уверливиот пораз, Трамп се определи да се сврти кон уличното насилство на неговите последни приврзеници и со повик за бунт.

Затоа не е случајно што Конгресот на САД, поточно Долниот дом, уште еднаш во рок од една година се определи за покренување постапка за импичмент, која и овој пат помина, сега и со подршката на конгресмени од републиканската партија.

Подршка од републиканците

Во непотполното гласање, 232 членови на Долниот дом гласаа за отповикување на шефот на државата, додека 197 (сите републиканци) гласаа против, а четворица останаа воздржани. Ваквиот исход на гласањето, на само неколку денови пред инаугурацијата на новоизбраниот претседател, само покажува дека на најголемиот дел од Американците им е преку глава од Трамп и од неговите кавгаџиски, заканувачки обраќања и од бројните сканадлозни постапки кои ги праваше, наведувајќи ја меѓународната јавност да се прашува- што се случува со Америка.

Самите републиканци сега стравуваат за иднината на нивната партија која пред четири години, по малку неодговорно, застана зад овој набрзина создаден политичар. Некои од нив, стравувајќи за иднината на партијата, беа против тоа да се покрене нов, втор импичмент, а се противат и на тоа Сенатот одново да му суди.

Не само затоа што е сменет распоредот на политичките сили во Горниот дом , по сенатските избори во Џорџија, после коин демократите ќе ја преземат контролата, туку затоа што стравуваат дека би можело да дојде до расцеп на оваа партија- меѓу крајната десница во неа, што Трамп ја подигна и традиционалните републиканци- идеолошки поумерени- кои се во мнозинство.

Потикнување побуна

Жестокиот 70 минутен говор на Трамп на 6 јануари, пред нападот на Капитол Хил беше повод за новиот импичмент. Особено што во безредијата при упадот во Конгресот, загинаа пет лица, меѓу кои и еден полицаец, а други 100 беа уапсени.

Според тоа, Трамп е обвинет од Конгресот за потикнување побуна.

Целата неколкучасовна дебата што е водена во Долниот дом , меѓутоа, делува по малку,  неверојатна , затоа што се одвива пред крајот на неговиот претседателски мандат. Тоа не го прифаќаат демократите ,  а се покажа и се повеќе републиканци кои сметаат дека тој е НЕСПОСОБЕН и понатаму да ја предводи Америка и ОПАСЕН за јавноста.

И едните и другите стравуваат дека неговите насилни ултра-десничарски приврзеници , што инаку ги постави на главната политичка сцена, иако тие беа на маргините на општеството, можат ОДНОВО   да тргнат на Вашингтон, но и врз другите градови во САД.

Загрозена безбедност

Во одлуката за импичментот се наведува дека Трамп ја има загрозено безбедноста на државата, на нејзините институции и на самата влада, па затоа, доколку би останал на власт, тој ќе стане директна закана за САД.

Спикерот Ненси Пелоси инсистира дека оваа постапка морало да се спроведе- сега и веднаш- затоа што е итна, каква што според неа е и ситуацијата во земјата. Самата таа, како и многумина други конгресмени и од двете партии , беа директно изложени на заканата од протрамповите банди , кога навлегоа во зградата на Конгресот.

Постојат аудио и видео снимки на кои се слуша и гледа како припадници на насилничката толпа , низ коридорите на конгресната зграда извикуваат- „Каде е Ненси„ – барајќи ја од една во друга канцеларија !

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе