Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Данска: Дигитални пасоши за вакцинираните

ronstik/BigStock.com

Данска: Дигитални пасоши за вакцинираните

Владата на Данска соопшти дека подготвува дигитални пасоши за Данците кои ќе примат вакцина против коронавирусот.

Според владиното соопштение, ваквиот пасош би им помогнал во сите земји кои ќе побараат документ (за вакцинирање) додека трае пандемијата.

Пасошот би можел да се издава веќе во првите месеци од оваа година.

Предвидено е до него да се доаѓа преку интернет страницата на данското јавно здравство – преку кое ќе се одвива и целиот процес на вакцинирање.

Вакцинираните како пренесувачи?

Но, како сега стојат работите, вакцинацијата во Данска се одвива полека. Само еден отсто од населението има примено вакцина и проценките се дека никој и не брза со тоа – ниту здравствените власти, а ниту луѓето кои се добива впечаток дека (засега) се резервирани кон примањето вакцина против короната.

Тамошните експерти, како и владата во Копенхаген сметаат дека паралелно со целиот овој процес, што во ЕУ започна непосредно пред нова година, со распределбата на првите количества од дозите со вакцина, треба забрзано да се испитува дали вакцинираните лица може да бидат пренесувачи на заразата.

Исто така, се смета дека е важно да се знае и тоа колку заштитата од вирусот трае, по примањето на вакцината.

Модел на ЕУ

Таквите сознанија, во крајна смисла, се неопходни – генерално, кога станува збор за пандемијата и борбата со неа. Но, и во случајот со дигиталните пасоши кои преку сознанијата кои ги бараат данските власти – добиваат на смисла и зашто воопшто се издаваат.

Станува збор за модел што не се однесува само на Данска.

Повеќе земји веќе покажуваат интерес за ваквите пасоши – како оние кои важат за туристички велесили и каде туризмот има огромно значење за нивната економија, така и земјите чии државјани одат на летување, на одмор, или на патување во земјите – познати и омилени туристички дестинации.

Веќе се зборува дека Европската комисија подготвува проект за целата ЕУ, со дигиталните пасоши – околу нивното издавање и посебно за примената – кој, каде и за какви потреби би можел да ги побара да бидат покажани, за да се види дека носителот на таквиот пасош е вакциниран.

Помагање на туризмот

Ваквиот пасош би требало да има, пред се, санитарно – здравствена улога. За спречување на ширењето на вирусот, пролетва, а посебно во текот на летните месеци, за време на сезоната на годишните одмори и летувањата.

Меѓутоа, дигиталните пасоши би требало да помогнат и да се спаси годинешнава туристичка сезона и туристичката економија која е најтешко погодена од едногодишната пандемија со короната.

Или, што ќе рече – да се одржи активна туристичка сезона, а (со вакцините, регистрирани во дигиталните пасоши) да не се дозволи натамошно ширење на вирусот, како што тоа се случи во текот на туристичката 2020 година.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе