Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Владина криза во Италија – во невреме

ChiccoDodiFC/BigStock.com

Владина криза во Италија – во невреме

Италија која е една од најтешко погодените земји во ЕУ, од глобалната пандемија, со над 80 илјади жртви на коронавирусот и со силна рецесија, предизвикана од епидемијата со која се бори уште од самиот почеток, пред една година, наеднаш се најде во ситуација на владина криза откако широката коалиција на центристичкиот премиер Џузепе Конте, остана без еден од партнерите – Матео Ренци.

Овој поранешен лидер на италијанската демократска партија кој две години беше и премиер на Италија, одлучи токму сега да ги повлече своите министри во владината коалиција.

Ренци веќе неколку недели постојано го критикува Конте, а посебно ги напаѓа неговите планови за тоа како да се користат парите од пакетот за финансиска помош од ЕУ, определени за опоравување на земјата и на нејзината економија, од штетите што ги има предизвикано епидемијата.

Ренци без поддршка

Сега има своја партија – Италија Вива – која е дел од коалицијата. Но, неодамна мошне грубо изјави дека му е „преку глава“ од владеењето на Конте, како што рече, со декрети, наместо со помош на Парламентот. „Италија Вива не предизвикува кризи, туку едноставно, никому не му дозволуваме да има премногу овластувања„ – има речено Ренци.

Неговата сегашна позиција, сепак, никој не ја одобрува и не ја подржува. Посебно двата главни партнера на владата – движењето Пет ѕвезди и демократската партија – затоа што начинот на управување на владата е последица на пандемијата и за тоа Конте, има побарано и добиено согласност од Парламентот.

Ренци се критикува дека сето ова го прави од лични интереси, затоа што е познато неговото дамнешно ривалство со актуелниот италијански премиер, како и дека криза на владата предизвикува во време кога тоа на Италија и е најмалку потребно.

Во време кога владата се бори да се запре и стави под контрола епидемијата, да го спроведе вакцинирањето на населението и да ја запре ерозијата на домашната економија.

Несогласување околу помошта од ЕУ

Во основа, кризата е покрената околу тоа како да се употребат парите за санација на италијанската економија од масивниот пакет за помош (како грантови и долгорочни заеми) што ЕУ ги определи за земјите – членки. Станува збор за 209 милијарди евра, колку што добива Италија (најмногу од сите) кои треба да ја подигнат земјата, која е прогласена за најтешко погодена од пандемијата.

Се смета дека „расправијата“ на Ренци е повеќе политиканска, отколку што е суштински врзана за разликите како и кому првично да се разделат овие средства – кому во бизнис секторот и вкупната економија, а кому во здравството, за кое велат – е на работ од целосен колапс.

Управник на Инфекциската болница во Милано, коментирајќи ја непотребната владина криза, има изјавено за домашните медиуми дека сето ова наликува на она – „Оркестарот свири додека „Титаник“ тоне.

Осуда од јавноста

Според овој италијански епидемиолог и во следните две години, лекарите во јавното здравство ќе им пружаат нега и ќе ги лекуваат сите, но ќе се одбира кого да спасуваат од короната. Јавноста на Италија има сознанија за оваа состојба, па затоа и е гневна на Ренци кој се коцка со можноста од предвремени избори – две години пред рокот – но и ризикува да исчезне од италијанската политичка сцена.

Дури 73 отсто од Италијанците го осудува предизвикувањето владина криза во сегашната ситуација во која е Италија.

Ренци и неговата нова партија со либерална ориентација се на маргините од политичкиот живот во земјата, па велат дека се одржуваат на сцената само благодарејќи на влегувањето во широката коалиција на владата на Конте, кој му има доделено две министерски места и едно место помошник министер.

Кога сега би се одржале избори, партијата Италија Вива би добила само 3 отсто од гласовите, а најголема полза би извлекол ултра-десничарот Матео Салвини од Лига Норд чија партија би освоила најмногу гласови.

Какво решение за кризата

Но, кризата е веќе отворена и прашање е како таа би можела да се разреши.

Не е јасно дали Конте ќе поднесе оставка, или ќе побара гласање за доверба. Можна е и владина реконструкција со влегување на некои од партиите во Парламентот, наместо Ренци и Италија Вива. Тоа, пак, би значело нова влада, со (како се верува) Конте како старо – нов мандатар.

Останува уште варијантата со создавање техничка влада, до крајот на мандатот на овој Парламент, или пак нови избори. Тоа изгледа никој сега не го сака.

Матео Ренци, пак, навестува дека би можело се уште да најде взаемно прифатливо решение (да се испазари) со Конте и без сите овие можни сценарија, за тоа како да се трошат парите од финанскиот пакет на ЕУ. Тоа значи дека тој и не би сакал паѓање на владата, ниту пак негово префрлање во опозициските редови.

(Р.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе