Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Судење во Сенатот по инаугурацијата на Бајден?

Kamira/BigStock.com

Судење во Сенатот по инаугурацијата на Бајден?

По втор пат во текот на една година, Доналд Трамп, кој се уште е во Белата куќа, се соочи со импичмент – односно со обвинувањето кое ако го помине и Сенатот, може да значи неговото отповикување од функцијата.

Вкупно тројца досега биле формално обвинети, по гласање во Долниот дом на Конгресот, за дело кое е неспоиво со претседателската функција. Трамп во 2019 година, во првата постапка за импичмент, потоа Бил Клинтон во 1998 година, во врска со аферата Луински, како и Ендрју Џонсон во далечната 1868 година.

Ниту еден од нив не беше отповикан. Тоа е така, затоа што на судењето во Сенатот, сите тројца се одбранети од сенаторите од нивните партии, кои во сите три случаи биле во мнозинство во Горниот дом, кога се гласало во импичмент постапката. Трамп е првиот кој со вакво судење се соочува по втор пат.

Републиканците против Трамп

Обвинет е за поттикнување побуна, која за голем број демократски конгресмени се третира и како вооружен бунт.

„Тоа беше побуна насочена против нашата земја. Тој, затоа, мора да одговара и да си оди, бидејќи претставува закана за САД“ – изјави Ненси Пелоси, спикер на Конгресот.

Оваа водечка демократска политичарка, овој пат, како нов момент, го истакнува меѓупартиското дејствување во Конгресот при гласањето за обвинувањето на Трамп, затоа што покрај сите присутни демократски конгресмени, за судењето на се уште актуелниот претседател гласаа и десетмина републиканци.

Ова е уште повеќе значајно зашто може да зборува за новата атмосфера на Капитол Хил, што е создадена по обидот за пуч, затоа што досега никогаш во ваквите постапки толку многу конгресмени од спротивната страна во политичката сцена, не подржале судење на еден „свој“ претседател.

На пример, во првиот случај со Трамп, ниту еден републикански конгресмен не гласаше за импичмент и не го подржа предлогот на демократите. При обвинувањето на Клинтон, само петмина демократи се солидаризираа со барањето (покренати од републиканците) да се казни „нивниот“ претседател.

Сега, десетмина републиканци бараат отповикување на Трамп, а меѓу нив е и конгресменката Лиз Чејни, ќерка на поранешниот потпретседател на САД Дик Чејни која, инаку, е во лидерската тројка на републиканските конгресмени.

Никому не се брза

Меѓутоа, за разлика од сите претходни случаи на импичмент, овој пат ситуацијата е сосема поинаква. Целата постапка се одвива во време кога обвинетиот претседател има уште само неколку денови до завршувањето на неговиот мандат.

Освен тоа, Сенатот, се до инаугурацијата, иако односот сега е изедначен (50 републиканци, наспроти 50 демократи) и додека Камала Харис не биде инаугурирана како новиот потпретседател на САД, останува (формално) под републиканска контрола. Тоа значи дека доколку сега би се одлучувало и сите сенатори од двете страни гласаат партиски – Трамп одново ќе се извлече.

Таквата ситуација ја знае и јавноста, па големо мнозинство од гласачите во Америка смета дека иако сето ова делува како формалност, Трамп треба да биде суден и осуден – затоа што со својата постапка во финишот на мандатот и посебно во времето по изборите, има заслужено да биде казнет.

Потребни се 12 сенаторски гласови

Впечаток е како никој да не брза со судењето на Трамп. Водството на републиканската партија веќе навести дека не би можело да се отвори расправа во Сенатот пред 19 јануари, но и дека доколку би имало гласање, тоа во секој случај ќе се случи кога обвинетиот нема веќе да биде во Белата куќа.

Од друга страна, демократите оставаат впечаток дека не притискаат премногу со расправата во Сенатот, за да тоа не фрли сенка врз стапувањето на должност на Џо Бајден.

Како и да е, за осудување на Трамп се потребни гласовите на 67 сенатори, што практично значи дека 17 републикански сенатори треба да се определат против (доскорешниот) републикански претседател. Тоа изгледа тешко изводливо поради досега покажаната лојалност на сенаторите кон републиканската кауза.

Но, петмина сенатори веќе соопштија дека ќе гласаат за казнување на Трамп, а тоа значи дека потребни се уште 12 гласови кои би се солидаризирале со демократите.

Лидерот на досегашното мнозинство на републиканците во Сенатот, Мич Меконел кој прв одлучи да се запре со циркусот околу лажните тврдења за изборни фалсификати и му ја честиташе победата на Бајден, вели дека се уште не одлучил како би гласал околу казнувањето на Трамп.

Но, тој не ја отфрла можноста за казнување на Трамп.

Забрана за јавна функција?

Американските медиуми сметаат дека на досегашниот претседател ќе му се суди откако нема да биде во Белата куќа.

Прашање е,  што ќе се случи доколку тогаш биде осуден и прогласен за виновен.

Правни експерти објаснуваат дека тоа не значи дека Трамп не би можел одново да се кандидира за претседател, како што тој самиот зборува дека ќе направи за следните избори во 2024 година.

За да се спречи тоа, се посочува на амандман 14 од Уставот (создаден по граѓанската војна од пред 160 години) кој предвидува можност Сенатот да одржи уште едно гласање, на кое би се гласало за блокирање на повторното кандидирање – со забрана за занимавање со некоја јавна (државна) функција.

А, при таквото гласање е потребно просто мнозинство на стоте сенатори, што демократите го имаат.

Експерти уверуваат дека едно вакво гласање може да се спроведе и доколку Доналд Трамп не биде осуден во Сенатот.

Она што сега не се знае е дали досегашниот претседател би можел, на самиот крај од мандатот, самиот себе си да се помилува!

Технички, велат дека тоа е можно, но се посочува дека досега никој во историјата на државата тоа не го направил.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе