Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Киев против Додик – Москва го брани

byvalet/BigStock.com

Киев против Додик – Москва го брани

Случајот со украинската икона од Луганск, која е најверојатно украдена во текот на борбите во Источна Украина и која се откри во Босна и Херцеговина, откако српскиот член на претседателството на оваа земја Милорад Додик, во Сараево, му ја подари на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, се претвора во меѓународен, политичко – дипломатски скандал.

Додека продолжува да трае расправијата меѓу Киев и поделеното босанско-херцеговско раководство (на една страна е Додик, а на другата се двајцата други членови од бошњачката и од Хрватска етничка заедница), во целата оваа афера се замеша и официјална Москва, иако досега изгледаше дека таа настојува да се држи настрана – несакајќи да ги докомпликува односите со Украина кои се длабоко замрзнати.

Русија, сепак, одлучи да застане во одбрана на Додик, настојувајќи на тој начин да се одбрани и себе си.

Ултиматум од Додик

Распламтувањето на расправијата настана откако Додик, во текот на одбележувањето на православниот Божик, ги нападна босанските медиуми дека водат “хајка против него“ поврзано со иконата.

При тоа има речено дека хајката продолжува, иако Украина не ја бара иконата. Според него, властите во Сараево се обратиле во Интерпол и од таму им било одговорено дека тие “немаат податоци дека постои барање за иконата“.

Ако Украина докаже дека ја барала иконата пред средбата со Лавров, тогаш ние (БиХ) ќе ја вратиме – има изјавено српскиот член на босанското претседателство.

Претходно, меѓутоа, тој ја уверуваше домашната јавност дека иконата не е украдена, туку дека станува збор за “семејна, светена икона“, што ќе рече дека таа е негова и дека подарокот на рускиот шеф на дипломатијата, всушност, е негов, личен.

Остра реакција на украинското МНР

На ваквото однесување на актуелниот прв човек на тројното, колективно претседателство, веднаш реагираше Киев, со една остра изјава во која се вели дека Украина “не прифаќа од Додик ултиматум, кога станува збор за иконата од Луганск“ .

Портпаролот на тамошното министерство за надворешни работи има речено дека припадноста на старата, позлатена икона на Украина е неспорен факт, како и дека украинското обвинителство има отворено постапка против илегалниот извоз на реликвии во други земји, врз основа на меѓународната конвенција, која ја имаат потпишано и Украина и БиХ.

Уште поостро реагираше украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба порачувајќи му на Додик дека лаже во аферата со иконата, која според овој министер веќе се има претворено во меѓународен инцидент.

„Иконата од Украина им ги опече рацете и на циничните руски дипломати, кои побрзаа да се откажат од неа. Но, г. Додик продолжува да лаже, надминувајќи ги при тоа и своите стари пријатели. Украина и понатаму ја бара својата икона“ – рекол во Киев, Кулеба.

Москва обвинува за “антируска пропаганда“

Интензивирањето на расправијата меѓу Киев и (српско) Сараево, предизвика реакција на Москва. Во соопштението на руското министерство за надворешни работи се инсистира дека „се продолжува да се шират инсинуации и претпоставки, засновани само на претпоставки“ и дека се “манипулира со оваа приказна за политичките пресметки кои се водат, внатре во БиХ, но и затоа “за да се дискредитира Русија во босанската јавност“.

Руското министерство за сето ова ги обвинува медиумите во БиХ, тврдејќи дека “се приклучиле на омилената забава на Западот, секаде и секогаш да се бара руска замешаност што за Москва е „само дел од константната антируска пропаганда“. Конечно, руската страна го брани Додик, инсистирајќи дека нема докази за било какви криминални работи поврзани со иконата кај „страната што последна ја има поседувано“.

На сето ова, се надоврза хрватскиот претставник во претседателството Жељко Комшиќ кој руската реакција ја означи како “недолична и загрижувачка“. Според него, Русија нема право да ги напаѓа медиумите во БиХ, само затоа што тие настојуваат да се расветли една афера во која е замешан претседателот на претседателството, или што ќе рече – шефот на државата.

Иконата вратена назад во БиХ

Очигледно е дека позлатената икона на Свети Никола, стара 300 години, полека станува орудие за политичките игри и јавни пресметки внатре во БиХ, како и на релацијата меѓу Москва и Киев.

Но, останува фактот дека вредната украинска икона, од реонот на Луганск, што сега е под контрола на проруските сепаратистички, на “чуден начин“ се нашла во БиХ и тоа во посед на Милорад Додик, пред тој да му ја подари на Лавров.

Како одминува времето, станува јасно дека таа е украдена, или едноставно, одземена и илегално префрлена во Босна, најверојатно од некои од српските доброволци кои војуваа заедно со проруските сепаратисти во Источна Украина. Во една таква разврска, руското МНР одлучи, сепак, да ја врати иконата назад, во Сараево.

Според сараевските медиуми, назад ја префрлил, лично амбасадорот на БиХ во Москва. Тој му ја има дадено на Додик, без претходно да ја извести централната влада во Сараево и МНР на БиХ дека доаѓа со украдената икона.

(С.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе